Собраниска делегација на Македонија во регионална конференција за парламентарната димензија на ЕУ-интеграцијата на Западен Балкан во Тирана

Денеска и утре се одржува регионална конференција на тема „Процес на патоказ: Патот напред“, во Република Албанија. Оваа конференција претставува активност во рамките на тригодишниот проект „Промоција на европската интеграција“ на Германското здружение за меѓународна соработка (ГИЗ), во чии рамки се организирани бројни активности на ниво на Парламентарната мрежа на комисиите за европски прашања на Парламентите на Западен Балкан. Основната цел на конференцијата е да се овозможи размена на искуства и најдобри практики со цел зајакнување на улогата на парламентите во процесот на европска интеграција.

Во име на Собранието на Република Македонија на конференцијата учествуваат Миле Лефков, член на Комисијата за европски прашања и Марина Димовска, генерална секретарка на Собранието.

Генералната секретарка Марина Димовска ја истакна важноста на иницијативата, истакнувајќи дека тесната соработка меѓу парламентите во регионот е суштинска за постигнување успешен напредок во процесот на европска интеграција. Димовска верува дека размената на знаење и искуства меѓу парламентите ќе биде од клучна важност за унапредување на реформските процеси, но и за поттикнување на заедничките напори кон европската иднина, при што ја потенцираше улогата на парламентот и службите во овој процес.

Пратеникот Миле Лефков нагласи дека активната поддршка на европската интеграција од страна на пратениците од Западен Балкан е од клучно значење за напредокот на регионот. Тој подвлече дека конструктивната соработка помеѓу парламентите е неопходна за постигнување на овие цели. Фокусот на неговото обраќање беше работата на Комисијата за европски прашања, хармонизацијата на националното законодавство со acquis, како и предизвиците при процесот на европска интеграција.

Целта на конференцијата е да обезбеди платформа за регионална размена за тоа како да се зајакне улогата на парламентите на Западен Балкан во процесот на интеграција во ЕУ врз основа на заеднички регионален документ за принципите на ефективен парламентарен надзор на овој процес. Имено, на конференцијата од страна на учесниците беше постигнат консензус околу важноста на ефикасниот парламентарен надзор како клучен фактор за успешна интеграција во ЕУ. Во суштина, развиените принципи за ефективен парламентарен надзор, содржејќи принципи и индикатори распределени во клучни области, ќе служи како водич за парламентите од Западен Балкан. Но исто така ќе помогне во унапредувањето на механизмите за парламентарен надзор, вклучувајќи ја законодавната функција, надзор на процесот на пристапување, парламентарна дипломатија и административни капацитети.

На регионалната конференција учествуваа генерални секретари и пратеници од парламентарните комисии за европски прашања на шесте земји на Западен Балкан, вклучувајќи ги Албанија, Македонија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија, како и меѓународни експерти од областа на европската интеграција.