Стартува меѓународна истрага за убиството на новинарот Кашоги

Специјалната претставничка на ОН Агнес Каламард предводи тим кој ќе  спроведе меѓународната истрага за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги. Таа при нејзината еднонеделна посета на Турција ќе има серија средби со високи претставници на турската влада, како и со претставници на турското обвинителство. Првата средба со министерот за надворешни работи Мевљут Чавишоглу помина зад затворени врати.

Каламард, која предводи тим од правни и судски експерти, побара да го посети саудискиот Конзулат во Истанбул и да ја посети Саудиска Арабија, соопшти денеска одделот на ОН за човекови права, но се уште не познато дали е одобрено нејзиното барање и доколку е одобрено кога ќе има пристап до Конзулатот.

Известувачка на ОН за човекови права денеска пристигна во Турција, речиси четири месеци по убиството на Кашоги во конзулатот на Ријад во Истанбул.Тимот на ОН ќе ги процени чекорите преземени од страна на турската и саудиската Влада за решавање на случајот, изјави Каламард за Интернет страницата на одделот на ОН за човекови права минатата недела.

Кашоги беше новинар на весникот „Вашингтон Пост“, познат по своите критички текстови за властите во Ријад и пред се за саудискиот престолонаследник, принцот Мохамед бин Салман. Обвинителството во Ријад за убиството на Кашоги осомничи 11 лица, од кои за петмина бара смртна казна. Но, критичарите на властите во Ријад сметаат дека овие обвинувања се само обид за дистанцирање на принцот Мохамед од убиството.

Advertisement