Струга и Поградец со заеднички проект ќе го развиваат туризмот

Развој на туризмот преку промовирање на културното наследство и културните вредности во општините Струга и Поградец е целта на проектот „Струга и Поградец за промоција на туризмот и културното наследство – Култур“ што го спроведуваат двете општини со финансиска поддршка од Европската унија.

За подобра координација и реализирање на активностите се одржа средба на градоначалниците на Струга и Поградец, Рамис Мерко и Илир Џаколи, како и претставници од тимот за спроведување на проектот.

Промоцијата на двете крај езерски општини, како што соопшти Општина Струга, ќе се прави преку сеопфатен план за менаџирање.

Предвидено е формирање и опремување на локални туристички канцеларии во Струга и Поградец, обука за туристички работници и државни службеници од областа на туризмот и одржливиот развој, создавање нови туристички капацитети и производи, план за нивно управување и развој на одржливи финансиски планови, информира Општина Струга.

Малите и средни претпријатија од овој регион, според Општината, имаат потреба од подобра интеграција со туристичките содржини, како и подобрена инфраструктура, која ќе привлече повеќе посетители и ќе ја продолжи туристичката сезона.

Advertisement