Стружанецот Ердал Лушо во Драч се обидува да се квалифицира за трката „Светски предизвик на Атлантикот“

Стружанецот Ердал Лушо деновиве во Драч, Албанија се обидува да ги изедри неопходните 400 наутички милји без престан, за да се квалификува за место помеѓу ретките луѓе во светот кои ќе бидат дел од легендарната трка „Светски предизвик на Атлантикот“, каде сам ќе плови неверојатни 40 дена, во обид да го премине Атлантикот, од Португалија до Карибите.

Во моментов сум во Драч и имав еден обид за да се квалификувам, а новиот обид ќе зависи од ветерот и временската прогноза. Потребно е да се поминат 400 наутички милји брз престан, по што ќе можам да добијам стартен број за трката која започнува на 11-ти ноември. Ако е се’ во ред, ќе имам нов обид во четврток, секако во зависност од ветерот и времето, изјави Ердал за Супер радио и OhridPress.

Тој додава дека неговата едрилица е во одлична состојба. За да ги помине потребните 400 наутички милји и да се квалификува за трката, ќе му бидат потребни најмалку четири дена.

Неверојатната храброст на Ердал ја следи уште поубава приказна дека неговиот брод го изгради лично во родната Струга, со парчиња од дрвото што неговиот дедо го засадил во дворот на семејниот дом. Бродот на Ердал се движи само со силата на ветерот и со неговата огромна верба во неговиот голем сон.

Setka A е мала, лесна и тесна едрилица од шперплоча, но со голем карактер, реагира на секој твој потег, а управувањето со неа повеќе наликува на пловење со живо суштество отколку на управување со пловен објект. Распределбата на тежината под палуба, тримот и подесувањето на едрата се клучни за механичкиот автопилот да функционира правилно, нешто што е од пресудно значење за секој соло едриличар. За разлика од „маркет-купените” едрилици што доаѓаат со детални упатства за употреба, овде мораш сам да го пронајдеш идеалното подесување за различни временски услови, и токму тоа го истражувам и учам за време на квалификациите. Пиксел е симбол на самостојност, храброст и минимализам во океанското едрење, едрилица што не простува грешки, но ти овозможува да ја почувствуваш суштината на големата вода и да се запознаеш себеси, напиша Ердал на неговиот профил на Instagram.

Напредокот можете да го следите на неговиот профил на Instagram, неговата веб страна, а преку whydonate можете и да го поддржите неговиот подвиг, а дел од средствата ќе бидат наменети и за поддршка на локалниот едриличарски клуб во Струга, ЕК „Снегар“, за купување на чамци и опрема потребни за одржување на едрењето за младите од градот.

Супер радио и OhridPress ќе го следат неговиот подвиг, а на Ердал му посакуваме многу среќа и мирно море со толку ветер колку што е потребно за неговиот Пиксел прво да ги помине квалификациите, за потоа да стигне сигурно и брзо до Карибите./извор: ОхридПрес фото: Ердал Лушо

Стружанецот Ердал Лушо во Драч се обидува да се квалифицира за трката „Светски предизвик на Атлантикот“, од Португалија до Карибите