Традиционални „Љубански Илинденски иселенички средби” во Љубојно

Во преспанското село Љубојно, во дворот на старото училиште „Димитар Влахов“ каде се одржал првиот час по македонски јазик, традиционално, денеска и утре ќе се одржат 48. „Љубански Илинденски иселенички средби“. Годинашната манифестација е посветена на великанот на македонскиот јазик Блаже Конески, во чија чест ќе биде промовирана стихозбирката „Раѓање“ од Бошко Рајчовски – Пелистерски од Детроит, САД. На промоцијата ќе говори професорката Виолета Ачковска. Според најавите на организаторот, настанот ќе почне со изведба на македонската химна, а поздравни обраќања предвидено е да имаат градоначалник на Општина Ресен Живко Гошаревски и директор на Агенцијата за иселеништво Слободан Близнаковски.

Најавена е промоција на последниот труд на Славе Катин од Љубојно „Преспанска разгледница“, монографијата за семејството „Видиновски“ од Торонто, Канада, посветено на познатата македонска поетеса Рада Видиновска и монографијата „Бошко Рајчовски – Пелистерски“, за истоимениот иселеник од Љубојно. Организаторот најави и настап на културно уметничките друштва „Гоце Делчев“ од Битола и „Новаци“ од Новаци, како и настапи на групата „Персиди“, Елена Велевска, Елена Јовческа, Соња Ристевска, Снеже Радичевска, Благојче Стојановски – Туше и Ташко Каранфиловски.

Advertisement