Трамп го прекина финансирањето на Светската здравствена организација

Американскиот претседател, Доналд Трамп најави дека Соединетите држави привремено ќе престанат со финансирање на Светската здравствена организација (СЗО) заради „лошо управување“ со епидемијата на коронавирус.

Тој, исто така, истакна дека е близу до завршување на планот за стопирање на коронавирусот и повторно заживување на проблематичната американска економија во некои делови од земјата, што веројатно треба да биде готов пред 1 мај.

Трамп и се закани на Светската здравствена организација пред седум дена, а сега отиде еден чекор подалеку.

„Денес, наредив прекин на финансирањето на СЗО, додека се спроведува студија за да се испита улогата на СЗО во лошо управување и прикривање на ширењето на коронавирусот“, рече тој на прес-конференцијата во Белата куќа.

Според американскиот претседател, СЗО не успеала да ја исполни својата основна должност и мора да понесе одговорност.

„Ако СЗО ја завршеше својата работа и испратеше медицински експерти во Кина за објективно да ја проценат состојбата на теренот, епидемијата можеше да биде задржана во нејзиниот извор со многу малку мртви“, додаде тој.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео изјави во вторникот дека Соединетите држави сакаат „радикално да го променат“ начинот на кој работи организацијата.

„Во минатото СЗО направи добра работа. За жал, овојпат не даде се од себе и мора да поттикнеме радикални промени“, рече тој.

Зборувајќи за рестартирање на американската економија, Трамп најави дека е близу до финализирање на планот за започнување економски активности, додавајќи дека некои држави би можеле да бидат подготвени пред 1 мај, врз основа на ниската стапка на инфекција. САД имаат најголем број заразени и починати со коронавирус. Според најновите податоци, во САД има повеќе од 611.000 пациенти и 25.924 починати.

Advertisement