Убиен претседателот на Хаити, Жовенел Моиз

Претседателот Жовенел Моиз бил убиен во својот дом, соопшти владата на Хаити. Убиството е врв на кризата во земјата која трае со години.

Група досега непознати напаѓачи во текот на ноќта упаднале во приватната резиденција на претседателот Жовенел Моиз и го убиле, соопшто привремениот премиер Клод Жозеф. Сопругата на Моиз е повредена и пренесена е во болница. Жозеф го осуди „нехуманиот, варварски акт полн со омраза“. Тој нагласи дека полицијата и властите ја имаат под контрола состојбата во земјата.

Хаити со години е во криза. Во земјата се водат војни на банди кои се борат за контрола над делови од главниот град Порт-о-Пренс. Новинарот од Хаити, Вилдлор Меранкур за ДВ оценува дека врски со бандите наводно има и владата. Според наводи на ОН, поради овие причини од земјата веќе избегале 15.000 луѓе. Освен тоа, во Хаити владее голема сиромаштија, а економски земјата е на дното.

Политичката ситуација е исто така исклучително нестабилна. Ариел Анри вчера беше избран за премиер, седми во рок од четири и пол години, но без учество на парламентот, поради тоа што во моментов во земјата нема парламент. Се чини дека Анри сѐ уште ја нема преземено работата, со оглед на тоа што досега изјави дава само неговиот претходник Жозеф.

Во Хаити се водат војни на банди кои се борат за контрола над делови од главниот град Порт-о-Пренс. Анри би требало да состави влада која ќе се зафати со проблемот на насилство и која ќе обезбеди непречен тек на претстојните избори, напиша во понеделникот претседателот Моиз. На 26 септември треба да се одржат претседателски и парламентарни избори во земјата.

Парламентарните избори, кои беа предвидени за октомври 2019 година, не се одржаа, меѓу другото поради жестоките протести против Моиз, па Хаити од почетокот на новиот легислативен период во јануари 2020 година нема парламент. Моиз оттогаш владееше со декрет.

Advertisement