Македонскиот и европски ракометен првак Вардар во рамки на СЕХА-лигата успеа да слави над Татран Прешов (28-25), во натпревар кој беше последен на домашен терен за избраниците на Едуард Кокшаров за 2019 година. Вардарци влегоа како фаворити, но дуелот мораа да го решаваат во второто полувреме кога се извлекоа прво од незавидната ситуација, па поведоа и го приведоа дуелот во своја корист. Клучни беа и одбраните на Калифа Гедбан, кој фати осум топки на овој дуел, како и променатата одбрана која го запре противникот кој во првите 30 минути беше во голем налет.

Дуелот во Скопје подобро го отвори Татран Прешов и поведе со 2-5, но Вардар со серија од три гола се врати и изедначи. Двата тима беа рамо до рамо до 11-10, кога следеше блесок на Татран Прешов, серија од седум гола и позитива од 12-17. Кизиќ доби место од стартот меѓу стативите, немаше одбрани, додека кај Татран, функционираше одбраната, а и нападот кој секој пат се водеше до пасивност и носеше погодок.

Добро функционираше за гостите и играта „седум на шест“, како и одбраната 6-0, со која доста добро се сопираа бековските линии на Вардар поради фактот дека се немаше висок шутер и на овој меч, поради отсуството на Дисингер и Кристопанс. На полувреме Татран имаше позитива од четири гола (13-17), а потоа следеше блесок на Вардар, кој ја промени одбраната и тргна во трк со противникот. Осум минути Татран немаше погодок во Скопје, а тоа го искористи првакот, па во 40. минута дојде на еден гол негатива (17-18).
Во 43. минута Вардар преку Атман дојде и првото изедначување по долго време (20-20), а откако Гедбан го сочува голот при наредниот напад на Татран и дојде до четвртата интервенција, стрелаше Чупиќ, за прво водство на фаворитот (21-20). Потоа Атман погоди пак, за највисоки 22-20 за Вардар, а серијата од пет гола во низа ја комплетира Дибиров, за 23-20 и тајм-аут за Славко Голужа. Малата пауза како да му годеше на Татран, па се врати на 24-23 на седум минути пред крајот, потоа следеше и израмнување (25-25) за драматичен финиш. Но, „црвено-црните“ не дозволија изненадување, пак поведоа со 28-25 и го решија победникот.

Најдобри кај победникот беа Шишкарев, Чупиќ и Атман со по пет гола, а Дибиров, Пелко и Стоилов имаа по три, но клучна фигура во победата беше голманот Калифа Гедбан со осум одбрани, сите во второто полувреме. Кај Татран, Лапајне заврши со шест гола. Вардар со триумфот над Татран Прешов го осигура првото место во СЕХА-групата. Тимот завршува со осум победи и еден пораз. Втор е Мотор Запорожје, со скор 6-2, а трет е Татран Прешов со скор 5-4. Последен дуел за оваа година ќе биде против Нексе во Нашице на 15 декември./www.gol.mk
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden
