Велики Четврток – денот кога ги бојадисуваме првите Велигденски јајца

Денеска е денот кога домаќинките ги вапсуаат првите велигденски јајца, стануваат рано наутро пред изгрејсонце. Прво што прават е да каснат малку леб, потоа се вртат исток, се прекрстуваат и ги вапсуваат првите три црвени јајца. Бојата секогаш е црвена, бидејќи тоа ја симболизира Исусовата крв.

Велики Четврток е нарекуван уште и чистиот четврток. На овој се одржала Тајната вечера, Христос упатил молитва кон Бог Отецот во Гетсеманската градина и денес настанало предавството на Јуда.

Првото јајце или Господово јајце како што го нарекуваат, откако ќе се бојадиса се остава да го „фатат“ првите зраци од сонцето, а потоа се будат децата и со него на образите им се цртаат крстови додека домаќинката ги изговара зборовите:

„Црвено-бело-дебело“.

Во минатото, јајцата секогаш биле вапсувани во црвена боја, но со текот на годините, домаќинките почнаа да користат и други бои за фарбање. Секој од нив има свое значење. На пример, жолтата означува светлост и среќа, портокаловата издржливост и сила, зелената е раст, виолетовата значи надеж и вистина, а сината боја означува здравје.