Великомаченик Св.Јован Владимир

Светиот великомаченик Јован Владимир, зетот на царот Самоил за ќерка му Косара се здобил со силен култ во западна Македонија. На иконите и фреските во нашите цркви е насликан како главата си ја држи во рацете. Во традицијата на југозападниот регион на Македонија во минатото бил развиен култот кон Светиот великомаченик кнезот Јован Владимир. Тој бил кнез на областите Зета и Далмација, во еден период влегол во судир со царот Самуил при што бил заробен. Додека бил во затвор во него се вљубила ќерката на Самуил Теодора Косара по што тој бил оженет со неа и вратен на престолот. Но подоцна, починал царот Самуил на 6 октомври 1014 година, а царскиот престол го наследил син му Гаврил Радомир.

Манастирот Св. Јован Владимир, Елбасан

Но неговиот братучед Иван Владислав, (син на Арон, братот на Самуил), со подршка на византиското раководство и со измама го убил и му го презел престолот. Плашејќи се од освета на Јован Владимир, но и од неговото легитимно право на наследство, Иван Владислав решил да го ликвидира. Преку охридскиот архиепископ Давид го поканил божем на договор. Јован Владимир му поверувал на црковното лице, но веднаш по доаѓањето бил пречекан од убиец со наострен меч. Во неговото житие се вели дека бидејќи тој не можел да го пресече Јован Владимир му го понудил својот меч велејќи му: „Сакаш да ме убиеш, брате, но не можеш. Еве ти го мојот меч! Готов сум да бидам убиен, како Исак и Авел!” Потоа злосторникот му ја пресекол главата, но тогаш се случило чудо. Тој со главата во рацете потрчал кон блиската црква во која паднал и ја предал душата на Бога. Тоа се случило на 22 мај (с.с.) 1016 година во Преспа. Неговата сопруга го однесла во неговата земја, го погребала во црквата во која и таа го завршила животот во пост и молитви. Од моштите на светецот течело миро, се случувале чуда и се лекувале болни.  Mоштите на светецот се наоѓаат во Елбасан, Албанија.

Манастирот Св. Јован Владимир, Елбасан слика од 1930 година

Култот кон свети Јован Владимир бил силен и во Охридско, во составот на манастирот Свети Наум Охридски Чудотворец имало камбанарија што го носела името на свети Јован Владимир. Според преданието дел од моштите на свети Јован Владимир тука биле донесени од Елбасан. Народот ги бакнувал, а потоа биле заѕидани во темелот на црквата. Култот кон Свети Јован Владимир многу бил раширен во областа Голо Брдо, област населена со Македонци, по делбите на Македонија останат во Албанија. „Во некои села многу се раскажува за Св. Јован Владимир, во чиј манастир кај Елбасан оделе луѓето од Стеблево, Себишта, Гиновец, Клење, Врница, Требиште, Мало Острени (Малестрени ). Во тој манастир се одело на 24 јуни, потоа во есен и во зима, а покрај православните оделе и муслимани.

Моштите на Св. Јован Владимир

Св. Јован Владимир бил убиен на 22. мај 1016 година во Преспа и погребан бил во манастирот пред кој загинал. Брзо се расчуло дека молитвите пред неговиот гроб можат да исцелуваат многу болести и тој култ бил толку распространет што набргу потоа бил признат за светец и маченик и прогласен за светец од Православната црква. Постојат многу легенди и култни приказни поврзани со неговото име. Неговите мошти денес се чуваат во манастирот на Св. Јован Владимир во Елбасан, во православната Соборна црква во Тирана, на Света Гора и во црквата Св. Никола Болнички во Охрид.

Албанската православна автокефална црква Св.Јован Владимир го празнува на 4. јуни секоја година и православните верници од Албанија, Македонија и целиот регион се собираат на прослава во манастирот каде го чествуваат името на светецот.