Верниците од Исламска вероисповед денеска празнуваат Фитер Бајрам

Верниците од исламска вероисповед денеска го прославуваат еден од најголемите празници Фитер Бајрам и се празнува три дена. Фитер Бајрам е празник кој го слави духовното и телесното прочистуивање. Рамазан, деветиот месец во исламскиот календар е месец кога првите стихови од Куранот му биле откриени на пророкот Мухамед пред повеќе од 1400 години.

Во текот на рамазанскиот пост, муслиманските верници се обврзани да даваат садакатул-фитр, милостина на сиромашните. Фитерот треба да се даде пред утринскиот Бајрам-намаз, а ако некој тоа не го направи се обврзува фитерот да го даде во текот на годината. Овој празник се слави по завршување на светиот месец, а за време на светиот месец се држи строг пост…

По утринската молитва, верниците ги посетуваат гробиштата на своите роднини, потоа се честита празникот најпрво на постарите, па на останатите. Според народните извори, Фитер Бајрам е празник за помирување на скараните, бацување рака на постарите. За овој празник се подготвуваат и традиционални бајрамски јадења, а главен симбол на секоја бајрамска трпеза е баклавата.

Празникот Фитер Бајрам доаѓа по строгиот пост во кој верниците се воздржуваат од конзумирање храна, алкохол, цигари како и лоши мисли и дела од зора до зајдисонце. Денеска во сите џамии се служи Бајрам-намаз.

Денеска и државно владиниот и лидерите на политичките партии упатија честитки до сите верници од исламска вероисповед во државава, посакувајќи здравје, мир и хармонија.

 

Advertisement