Во Бар поставен спомен-плоча на Владимир и Косара во чест на македонско-црногорското пријателство (ВИДЕО)

На вториот ден од официјалната посета на Црна Гора, претседателот Стево Пендаровски денеска во Бар присуствуваше на поставувањето на спомен-плочата на Владимир и Косара, која е изработена во Македонија, во чест на македонско-црногорското пријателство.

Претседателот Пендаровски посочи дека поставувањето на ова спомен обележје претставува симбол на блискост и на културно-историската врска помеѓу Македонија и Црна Гора и се реализира на иницијатива на Здружението за македонско-црногорското пријателство и Заедницата на Црногорците во Македонија.

Плочата е во спомен на ликот на црногорскиот кнез Владимир, неговата храброст и човечките идеали, како и легендата за неговата љубов со македонската принцеза Косара, ќерката на цар Самоил, која е опеана во „Летописот на попот Дукљанин“.

Спомен-плочата е изработена од страна на македонскиот скулптор Томе Аџиевски и е поставена во Бар, каде најмногу се негува култот кон кнезот Владимир, кој се смета за заштитник на градот.