
На 6 мај 2020 година со почеток во 9 часот, во црква Свети Никола во село Стеблево, областа Голо Брдо ќе се одбележи големиот христијанки празник Свети Ѓорѓи – Ѓурѓовден. Богослужба ќе одржи свештеникот Хелидон Демири од Елбасанската митрополија на Албанска Православна Црква. Во селото Стеблево живеат Македонци.
Свети Великомаченик Георгиј Победоносец во народот познат како Свети Ѓорѓија живеел и пострадал за време на безбожниот римски цар и идолопоклоник Диоклецијан (284 – 305 година), во чие време се вршело прогонство и убивање на христијаните.
Свети Георгиј, син на набожни родители и добар Христов војник завршил воена школа и бил на служба кај овој цар. Во својата 20-та година го добил чинот трибун, воен старешина и царски пратеник. Знаејќи дека заради верата во Христа набргу ќе настрада, по смртта на својата мајка го раздал имотот на сиромашните, а робовите ги ослободил. Тој не можел да ја поднесе неправдата. Храбро застанал пред царот, кнезовите и сенаторите и изјавил: “Слуга сум на Христ, мојот Бог… До кога ќе ги гоните и мачите тие невини луѓе и ќе ги принудувате на вашето безумно безбожје. Идолите ваши не се богови, не се! Христ е единствениот Бог!”
Царот наредил Свети Георгиј да биде фрлен во затвор, изложен на најтешки мачења. Во жестоката борба меѓу доброто и злото – победа му подари, издржа натчовечки мачења и стана Победоносец, за да сведочи пред светот дека љубовта, побожноста и верата се посилни од се’!
Пострадал на 23 април / по нов стил на 6 мај 303 година, кога во негова чест се слави празникот Ѓурѓовден. На иконата Свети Ѓорѓија е претставен како војвода на коњ како со копје убива ламја, под копитата на коњот. И според легендата Свети Ѓорѓија ја убил ламјата што на народот му правела голема штета.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden