Чествувањето за Смиле Војданов е само продолжение на настаните што се организираат во негова чест по повод 150-годишнината од неговото раѓање и во организација на здружението „Заборавени Македонци“ со седиште во Париз, Франција кои започнаа на 1 февруари 2022 година и преку Илинденското востание продолжуваат до истекот на оваа година. Покрај стотиците Македонци што традиционално го прославуваат Илинден, на чествувањето во Детроит беа поканети и присуствуваа десетина директни потомци и подалечни роднини од семејството на војводата Смиле Војданов.
Чествувањето го отвори претседателот на црковната општина г. Александар Атанасовски, a благослов и молитва до присутните упати отец Горан Трпчевски кој во пригодната реч потсети за значењето на најголемиот македонски национален празник – Илинден и честа која му ја укажуваме на охридскиот војвода Смиле Војданов.
Присутните ги поздрави и претставничката на здружението „Заборавени Македонци“ за САД, Ана Дукоска, која заедно со Гоце Панговски е дел од организаторите на целиот настан. Во својот краток пригоден говор Дукоска ги подвлече основните и најважни податоци за животот и делото на војводата Смиле Војданов, а веднаш по неа зеде збор и Џудит Војданова-Григ, внука на Смиле Војданов, односно најстарата ќерка на Илија Војданов – најмалиот син на Смиле Војданов.
Џудит евоцираше лични спомени за нејзиниот дедо Смиле, притоа потсетувајќи се на еден есеј што нејзиниот татко Илија го пишувал за потребите на неговото образование а се однесувал на Македонците и на некои од дејствијата што во заштита на своите соселани ги презел војводата Смиле Војданов при неговото директно учество во славното македонско Илинденско востание.
На Илинденскиот пикник и чествувањето на војводата Смиле Војданов присуствуваа неколку стотици Македонци од најразлични возрасти и тие поминаа во празнична атмосфера.
Претставниците на семејството Војданови беа срдечно пречекани и почестени со најразновидна македонска храна и пијалоци, како и македонска музика, со што се потсетија на деновите кога пред многу години присуствувале на слични македонски собири во Детроит и околината додека бил жив и војводата Смиле Војданов./Гоце Панговски