Во Македонскиот културно-информативен центар во Тирана се промовира романот „Осмото светско чудо“ од македонскиот писател Јордан Плевнеш

Во присуство на повеќе гости од дипломатскиот кор, од јавниот и од културниот живот, меѓу кои и духовниот водач на бектешите Баба Монди, во Македонскиот културно-информативен центар во Тирана, се одржа промоција на романот „Осмото светско чудо“ од македонскиот писател и поранешен дипломат Јордан Плевнеш.
На промоцијата, која помина во пријатна атмосфера, пред присутните говореше деканот на Академијата „Маруби“ од Тирана, Кујтим Чашку, кој истакна: „Ова е роман кој не е значаен само за македонската литература, туку многу повеќе за албанската современа литература и за целиот денешен европски свет“. Книжевниот критичар Бен Андони, пак, правејќи споредба со делото „Хазардски речник“ од Павиќ, романот на Плевнеш го спореди со повеќе значајни дела од балканската литература.
За романот говореа и Хаќиф Мулиќи, драматург и уметнички критичар, и Агим Пољоска од Филололошкиот факултет во Скопје, кој е преведувач на романот. Извадоци од романот цитираа актерите Џоана Карај од Универзитетот на уметностите во Тирана и Лаерти Васили, еден од најпознатите актери од Националниот театар во Тирана. Атмосферата беше надополнета со настапот на дел од членовите на музичкиот состав „Тирана – Тирона сите ѕвезди“ (Tirana – Tirona all stars).
Advertisement