Во Нови Сад ќе се гради споменик „Мајка Македонија“

Претседателката на Покраинската влада на Војводина, Маја Гојковиќ во разговор со претставници на Националниот совет на Македонското национално малцинство (НСМНМ) изјави дека Покраинската влада ќе ја поддржи изградбата на споменикот „Мајка Македонија“ во Нови Сад, што дополнително ќе ги продлабочи односите меѓу Република Србија и Република Македонија.

Покраинската влада на Војводина на ќе биде покровител на изработката на споменикот „Мајка Македонија“, кој ќе биде поставен во Нови Сад како траен симбол на македонската национална заедница во Војводина.

По тој повод, претседателката на Македонскиот национален совет Зорица Митровиќ ѝ подари гипсена скулптура на претседателката на Покраинската влада Маја Гојковиќ, како симболичен чин на благодарност и почеток на реализацијата на оваа значајна иницијатива.

По завршувањето на сите неопходни иницијативи и процедури со градот Нови Сад, се очекува споменикот „Мајка Македонија“ да биде поставен до крајот на оваа јубилејна година, во која се одбележуваат 80 години од доселувањето на Македонците во Војводина.

На состанокот присуствуваа и потпретседателот на покраинската влада и покраински секретар за образование, прописи, администрација и национални малцинства – национални заедници Роберт Отот, потпретседателот на покраинската влада Томислав Жигманов, амбасадорот на Република Македонија во Република Србија Никола Тупанчески, директорот на Македонскиот информативно-издавачки центар Озрен Симјановски и секретарот на Националниот совет на Македонското национално малцинство Марјан Јованоски.

Македонскиот национален совет ја поздравува институционалната поддршка и соработката, уверени дека споменикот ќе придонесе за зачувување на историската меморија, културниот идентитет и видливоста на македонската заедница во Војводина.