Втора малореканска научна конференција во Бигорски

Во периодот од 5 до 9 октомври, Свештената Бигорска Обител беше домаќин на Втората малореканска научна конференција, насловена како: „По патеките на Дичо Зограф“, којашто се одржа со благослов на нашиот надлежен Митрополит г. Тимотеј Дебарско-кичевски и со благослов и иницијатива на Епископ г. Партениј, а во соработка и организација со проф. д-р Сашо Цветковски. Годинешнава конференција се посветува на 40-годишниот јубилеј од архиерејската хиротонија на нашиот почитуван Митрополит г. Тимотеј.

Свеченото отворање на овој научен собир се одржа на 5 октомври во дворот на црквата „Свети Петар и Павле“, во селото Тресонче, родното место на Дичо Зограф. Пригоден говор одржа г. Сашо Цветковски, научен соработник од МАНУ и коорганизатор на конференцијата, а присуствуваа научни работници, студенти и тресончани од здружението „Брзовец“. На отворањето беше промовиран Зборникот на трудови од Првата малореканска школа По патеките на Дичо ЗографИсто така, во црквата беше отслужена трисагија од јеромонах од нашето братство, за покој на душата на великанот Димитар – Дичо Крстев, нашиот најпознат зограф од преродбенскиот деветнаесетти век.

Во деновите што следуваа се одржаа пет научни секции, на кои свои излагања имаа неколку звучни имиња од областа на историјата на уметност и архитектурата: Сашо Цветковски, Елизабета Касапова, Викторија Грозданова – Коцески, Васил Ѓорѓиев, Александар Василевски, Емилија Апостолова – Чаловска, Дарко Николовски и Борис Марковски. На првиот ден од Конференцијата свое излагање имаше и нашиот собрат, Архимандритот г. Доситеј, кој говореше за бигорските игумени – што е негова специјалност.

Научниот собир заврши денес, во присуство на нашиот старец и игумен, Неговото Преосвештенство Епископот г. Партениј, кој на учесниците им додели посебно изготвени сертификати во знак на благодарност за нивното учество. Во својот пригоден говор, Владиката срдечно им се заблагодари на научните работници што на овој начин, преку начни конференции на кои ги излагаат своите откритија, даваат значаен придонес за расветлување на историјата на Бигорскиот Манастир и на реканскиот крај општо.

Тој им посака благоуспевање во нивната благородна дејност и ја искажа својата желба вакви научни собири да се организираат и во иднина, бидејќи тоа е од големо значење за Манастирот и за Река. Исто така, Епископот Партениј ја нагласи важноста на идејата за враќање на украдените икони во овој крај од Албанија, затоа што тие се драгоцени артефакти и извори за нашата историја. Тој повика и на поголема научна и општествена свест за значењето на Мијачијата и на повеќе труд, грижа и одговорност од надлежните институции за запазување на нејзиното непроценливо културно-историско наследство. На крајот, сите учесници на Втората малореканска научна конференција ја посетија Бигорската книгохранителница.

Advertisement