За девет месеци на граничниот премин Џепиште – Требиште областа Голо Брдо минале 36.938 патници или 9 отсто повеќе споредено со лани

Во периодот јануари-септември годинава зголемена фрекфенција е регистрирана на граничниот премин Џепиште – Требиште областа Голо Брдо кој е втор премин на овој дел од границата, покрај ГП „Блато“.

На овој премин, кој е од регионален карактер, за девет месеци регистриран е вкупен проток на патници од 36.938 што е за 9 отсто повеќе споредно со истиот период минатата година, кога преку преминот минале 33.890 патници. Тоа значи дека ова е највисока фрекфенција до сега, изјави за МИА, Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.

Од вкупниот број, македонски државјани кои оствариле влез/излез се 2.457, дедека 34.481 се албански државјани односно жители на областа Голо Брдо, бидејќи право да го користат, овој премин, имаат само жителите од граничниот регион, што подразбира оние од дебарскиот регион и областа Голо Брдо, од албанска страна.

Најголем проток на патници е забележан во месец август или 6.441 од нив домашни 448, и албански државани 5.993, поради доаѓањето на иселениците од областа во своите родни места.

Преминот беше отворен во мај 2013 година, во летниот период, односно од први април до 31 октомври, работи од 8 до 20 часот, додека во останатиот период, односно од 1 ноември до 31 март, од 8 до 18 часот.

Македонското друштво “Илинден“- Тирана, неодамна повторно го актуелизира барањето македонската и албанската влада, да го реализираат договореното, на заедничката седница, одржана во Поградец на 15 декември 2017 година. Тогаш беше донесена одлука, овој премин да работи 24 часа, што според друштвото, меѓу другото, ќе услови поголем број туристи да ја посетуваат областа, која располага со многу природни убавини и културно историски споменици.