
Каде и да сме, да знаеме кои сме. Изјаснете се слободно за својата национална припадност
На 01.Октомври оваа година започна Пописот на населението, домаќинствата и становите 2022 во Србија. Резултатите од пописот се важни за секоја заедница, па така и за нашата македонска заедница во Србија. Едно е што ние мислиме и велиме дека не има многу повеќе, и се повикуваме на некои незванични податоци од ОБСЕ дека во Србија живеат околу 150.000 до 200.000 Македонци, но званичните податоци по последниот попис од 2011 година, велат дека тогаш како Македонци се изјасниле 22.755 лица. Од тоа, Регион Војводина 10.392, регион Белград 6.970, регион Шумадија и Западна Србија 1.854 и регион Јужна и Источна Србија 3.539. По општини – градови, за пописот во 2011 година, најповеќе Македонци имало во Панчево 4.558, потоа во Нов Белград 1.221, во Нови Сад 1.111, во Пландиште 1.042… Битно е да се истакне дека по тој попис, Македонци имало во сите општини во Србија, освен во општина Ада, Северно-Банатски округ.
Во однос на пописот од 2002 година, кога не имаше 25.847, во 2011 година како Македонци се изјасниле 22.755 лица, што е 3.092 лица помалку, за тој период од 10 години. Според званичните податоци, најголем број како Македонци се изјасниле на пописот во 1981 година, 48.986 лица. После тоа има континуирано смалување. Во 1991 година, како Македонци се изјасниле 45.068 лица, во 2002 година 25.847 и во 2011 година 22.755 лица.
Колку ќе не има после овој попис?
Зависи кој како гледа на овој попис и што очекува. Од една страна, ако се читаат и слушаат изјавите од страна на Националниот совет, дека Македонците во Србија ги имаат сите права, дури имаат и поголеми права во однос на македонците од остатите ЈУ републики и на Балканот, со истакнување на остварените резултати во областа на образованието, културата, информирањето и службената употреба на јазикот и писмото и дека македонците слободно ќе се изјаснат за својата национална припадност, би требало да не има повеќе од претходниот попис.
Од друга страна, ако се имаат во предвид другите реални фактори кои влијаат на изјаснувањата на пописот /миграциите на младите македонци како и сите други млади, природната смртност, „очекуваната тивка“ асимилација без оглед на активностите и сработеното и изјавите дека ги имаме сите права, слогата или неслогата, делбите помеѓу Македонците во Србија, нема да биде никакво изненадување, ако за овој попис бројот на Македонци во Србија биде испод 20.000 лица. Да не бидам песимиста и погрешно разбран.
Посакувам да не има како во старите добри времиња, преку 50.000, дури и повеќе ако стално истакнуваме дека само во Белград живеат преку 50.000 Македонци. Сега кога е решено и последното отворено прашање со Србија, црковното прашање и воспоставено канонско единство помеѓу СПЦ и МПЦ ОА, стварно би требало да има промени макар во свеста кај Македонците за слободно изјаснување на пописот. Има уште време до 31.Октомври. Повикувам слободно да се изјасните на пописот, како Македонец/Македонка, со својот мајчин, Македонски јазик и вероисповест. Доста ни се делбите, Македонија е се што имаме.
Резултатите од пописот се важни и за финансирање на Националниот совет. Од вкупните средства што државата ги издвојува за Националните совети, 30% од тие средства се распоредуваат подеднакво за сите совети, а останатите 70% се делат на советите, сразмерно на бројот на секое малцинство по последниот попис. Кога сме кај пописот, резултатите од овој попис и кампањата, да се запрашаме чија обврска е овде во Србија, да не има што повеќе на пописот?
Секако дека на прво место е Националниот совет, имајќи во предвид дека советите се државни тела, кои се финансирани од државата и се грижат за остварувањето на колективните права на своето малцинство од областа на културата, образованието, информирањето и службената употреба на јазикот и писмото, а со тоа и лицата на секое малцинство слободно да се изјаснат за својата национална припадност.
Тука се и трите наши малцински партии /ДПМ, СМС и МАКСС/ имајќи во предвид дека првенствено како членови на тие партии се Македонците, за чии права се залагаат тие партии. Тука се и сите здруженија и други организации и асоцијации на Македонците во Србија. Тука треба да се и сите надлежни институции од нашата матица земја, кои што треба да се грижат да не има колку не има но слободно да се изјаснуваме и да кажеме каде сме и кои сме. Првичните резултати од пописот и вкупните бројки колку лица се изјасниле како Македонците, ќе се знаат за кусо време после пописот. Останатите анализи, каде сме, колку сме, кои сме, да ги оставиме за после добивањето на резултаите од овој попис.
Изборите за Национални совети
Редовните избори за избор на нови раководства на Националните совети во Србија, за период 2022 – 2026 година, ќе се одржат на 13.11.2022 година. Изборите ги спроведува Републичката изборна комисија и истите се реализираат на непосредни избори или по пат на Електорско собрание. Непосредни избори се одржуваат, ако на 24 часа пред распишувањето на изборите има запишано повеќе од 40% лица, во ПБС – Посебниот бирачки список на секое малцинство посебно, според податоците од претходниот попис од 2011 година. Електорски избори се одржуваат ако не се исполнети овие услови, односно ако има помалку од 40% запишани лица во Посебните бирачки списоци за тоа малцинство. За нашиот совет, тие 40% се 9.103 од 22.755 лица по пописот од 2011 година. Остварувањето на правата на малцинствата, на просторите на бившите ЈУ републики, различно е регулирано, согласно прописите и законите на секоја нова држава.
Остварувањето на правата на малцинствата, преку националните совети, во Србија почнува после 2000 година, кога се форимираат и првите совети, а националниот совет на македонците е формиран во 2004 година. На 06.07.2004 година, потпишана е и „Спогодбата меѓу Македонија и Србија, за заштита на македонското национално малцинство во Србија и заштита на српското малцинство во Македонија“ од страна на тогашниот претседател на Република Македонија Бранко Црвенковски и која сеуште е во сила.
Во Србија постојат 23 Национални совети, а од оваа година се формира и нов совет на Горанците. За овие избори, само 4 национални совети своите раководства ќе ги избираат преку електорско собрание со електори, а останатите на непосредни избори. Голема е разликата во однос на овие два начина на избор на советите, детално опишана во Законот за Национални совети https://www.paragraf.rs/propisi_download/zakon_o_nacionalnim_savetima_nacionalnih_manjina.pdf
Согласно прописите во Србија и посебно после потпишана спогодба од 2004 година, и ние Македонците постанавме национално малцинство во Србија, како и сите други малцинства и етнички групи согласно тогашните прописи. Постанавме малцинство, имаме свој совет на нашето малцинство, но ние не сме исленици или дијаспора како во последно милуваат и нас да не нарекуваат, дури и некои институции од нашата татковина.
Ние бевме тука, како народи во таа заедничка држава и останавме тука. А тоа како сме третирани согласно прописите, друго прашање и помалку важно. Ова посебно го нагласувам за полесно да се свати и разбере, дека и после толку години од формирањето на националните совети, само Македонците, Хрватите и Црногорците сеуште, никако да успееме во ПБС-Посебните бирачки списоци да запишеме ниту 40% од бројот по последниот попис и мора советите да ги бираме со електори и Електорско собрание.
Што е проблемот?
Како тоа сите други совети, другите малцинства да се избориле за непосредни избори, а само овие три совети /и Горанците кои се јавуваат оваа година за првпат/, не успеваат да запишат доволен број во ПБС? Од што се плашат претставниците на овие три народа, слободно да се запишат во тие посебни бирачки списоци, каде што изјавуваат и лично потпишуваат дека се припадници на своето малцинство? Или нешто друго е во прашање? За подобро разбирање на резултатите од пописот и претстојните избори за совет, го истакнувам последниот пример со бришењето на 622 лица од Посебниот бирачки список на нашето, македонско малцинство.
Според добиените податоци од надлежното минстерство, на ден 22.11.2018 година, во ПБС имавме запишано вкупно 9.457 лица, што беше преку 40%, доволно за непосредни избори, како и за сите други совети во Србија. Исто според податоци од министерсвото, на ден 10.05.2022 година тој број изнесува 8.835 лица, запишани во ПБС, што е испод 40%, што се констатира и на денот на распишување на изборите за нови совети. За период од 22.11.2018 до 10.05.2022 год, од ПБС на македнското малцинство се бришани вкупно 622 лица?
Исто како и за запишување во ПБС, бришењето од ПБС се врши, по службена должност //ги бришат оние кои починале// или по барања на запишаните, своерачно потпишани и лично предадени во органите на локалната самоуправа. Што ова значи сега во текот на пописиот и собирањето на потписи за изборите? Дали можеме тукутака слободно да прифатиме дека стварно 500 лица, /122 нека се бришани по службена должност/ стварно отишле секој во својата општина, лично поднеле барање и своерачно потпишале дека не сакаат повеќе да се припадници на македонците, македонското малцинство во Србија и бараат да се бришат од тој список. Што ова значи? Зошто повторно советот да го бираме со електори, а не на непосредни избори, со кампања како и за сите избори, со гласање на запишаните во ПБС и слободно заокружување на листата за која се определат зад завесата? Кому му беше во интерес повторно да имаме електоркси избори?
Ова бришење на 622 лица од ПБС на нашето малцинство, значи дека, уште непочнат пописот, ние македонците имаме 622 лица помалку кои ќе бидат запишани како македонци на тој попис. Ако сега овие лица лично поднеле барање и потпишале да се бришат од ПБС, па се знае како ќе се изјаснат на пописот. Сигурно нема да се изјаснат дека се Македонци. Од надлежното министерство и Управниот инспекторат писмено е побарано одговор да проверат, дали бришењето на оволкав број на лица е спроведено по прописите, Правилникот за водење на ПБС. Секако дека нивниот одговор нема ништо да смени за изборите за совет кои ќе се во тек ниту за пописот. Да ги почекаме званичните резултати, па тогаш да расправаме за пописот и изборите за национални совети./Cвг/Cрг
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden