Заедничка прослава на Илинден во Св. Прохор Пчињски

После подолга пауза, по повод празникот 2 Август Илинден – Денот на Републиката, Претседателот Стево Пендаровски ќе предводи државно-црковна делегација од Македонија и ќе биде на одбележувањето на празникот во манастирот Св. Прохор Пчињски, каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), на 2 август 1944 година. Во делегацијата ќе бидат членови на Собранието и на Владата, како и претставници на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија.

2.Август, Илинден – Денот на Републиката на нашата татковина, е признат празник на македонската заедница во Србија. Својот празник во Прохор Пчињски ќе го одбележат и Македонците во Србија, во организација на здружението на Македонците „Даме Груев“ – Србија, како проект помогнат од Министерството за надворешни работи на Република Македонија, под слоганот „Македонија е сè што имаме“, во духот на познатата изрека од страна на Киро Глигоров, првиот Претседател на Република Македонија од 1991 до 1999 година, подeтално запишана и во неговите мемоари, кој што за време на одржувањето на Првото заседание на АСНОМ, бил и Секретар  на Иницијативниот одбор за формирање на АСНОМ.

Успешното решавање на долгогодишниот црковен проблем  и воспоставувањето на канонското единство помеѓу Српската православна црква и Македонската православна црква – Охридска архиепископија, добрите меѓудржавни односи, дозволата и благословот од Патријархот српски Порфирие овој наш празник да се слави во манастирот, се придонес во  воспоставувањето и јакнењето на уште подобри односи помеѓу нашите народи, помеѓу Србија и Македонија.

Заедничката прослава на самото место на одржувањето на Првото заседание на АСНОМ, на нашиот втор ИЛИНДЕН,  е прилика да се потсетиме за значењето на  овој наш празник.

Како резултат на учеството на македонскиот народ во Втората светска војна во Народноослободителната борба против фашизмот, заедно со останатите народи на тогашна Југославија, на 2.Август 1944 година, пред 78 години, делегатите на првото заседание на АСНОМ, избрани од сите краеви на етногеографска Македонија, од сите социјални слоеви,  вери и националности, вo присуство на претставници од Врховниот штаб на НОВЈ и воените сојузнички мисии ја изразија суверената воља на својот народ и ги донесоја следните решенија:

  1. Македонија се прогласи за федерална држава, во нова, Демократска Федеративна Југославија.
  2. АСНОМ – Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија се конституира како врховно, законодавно и извршно народно претставничко тело и највисок орган на државната власт на Демократска Македонија
  3. Се донесе Декларација, со која се гарантира слобода и равноправност на секој граѓанин и граѓанка во Македоиија, без разлика на вера, националност и политичка припадност, право на секој граѓанин и граѓанка над 18 години да избира и да биди избран, слобода на совеста и вероисповеданието, право на бесплатна просвета, итн.
  4. Се формира Президиум на АСНОМ со функции на привремено народно представителство на македонската федерална држава.
  5. Македонскиот народен јазик се воведува како службен јазик.
  6. Илинден, 2 август, се прогласува за народен и државен празник во Македонија.
  7. При президиумот на АСНОМ се образува државна комисија за утврдуење престапленијата, направени от окупаторите и нивните помагачи во течение на војната.
  8. Се формира Комисија за изработување законски проекти на македонската федерална држава.
  9. Се избраја 40 представители на македонскиот народ за Антифашиското собрание на народното ослободување на Југославија и неговиот Президиум!

Со тогаш донесените одлуки се остваруваат вековните стремежи на македонскиот народ за национална слобода, се крунисува конституирањето на македонската држава.

Овие одлуки се посебно значајно и денес, кога некои од соседите ни го оспоруваат идентитетот, јазикот, притоа заборавајќи дека во текот на втората светска војна па и за време на одржувањето на заседанието на АСНОМ, нивната војска сеуште беше на страната на окупаторите и фашистите, заборавајќи на потпишаниот меѓународен Бледски договор во 1947 година, од страна на нивната тогашна влада, заборавајќи ги резултатите од првиот попис во нивната држава после втората светска војна.

Нашиот празник, 2 Август, Денот на Републиката, во Македонија ќе се слави во Скопје, во Меморијалниот центар Пелинце, на Мечкин камен во Крушево, на Семакедонската средба во Трново-Битола и во славното Смилево, каде е одржан конгресот и донесена одлука за востанието за нашиот прв Илинден.

Во исчекување на пораките од сите тие прослави, од заедничката прослава во манастирот „Прохор Пчињски“ македонците од Србија ќе ја упатуваат следната порака:

Изградбата на македонска држава почната со првиот Илинден во 1903 година и вториот Илинден  овде на 02.Август 1944 година, е чест, должност и светиња за сите во нашата татковина, Република Македонија, но и обврска, за сите нас кои живееме надвор од Македонија, да ги чуваме и негуваме традициите, да се потсетуваме на минатото, заради нашата иднина.

За многу години Македонци. Нека ни е честит и вековит Илинден!

Advertisement