Здружението „Вардар“-Ниш амбасадор на македонската култура во Србија

Македонската заедница во Ниш, Србија, годинава ја одбележува 17-годишнината од своето постоење. Најголем амбасадор на македонската култура во Ниш е Здружението „Вардар“, кое годинава шести пат ги организира „Деновите на македонската култура”. Благоја Илиевски, кој е еден од иницијаторите да се основа македонско здружение во вториот по големина град во Србија, вели дека според последниот попис во Ниш се претпоставува дека живеат 14 илјади Македонци, но само мал дел од нив се членови на здружението.

„Во Ниш по едно истражување на ОБСЕ се претпоставува дека има 14 илјади Македонци, но со последниот попис само 800 се запишани како Македонци. Од тие осумстотини, ние имаме евиденција за околу петстотини, останатите триста не ги знаеме, а од тие петстотини што ги знаеме активни членови на здружението се шеесетина. По пописот од 2001 година во Србија имаше околу 53.000 Македонци, по пописот од 2012 година бројката е 23 илјади. Скоро 50 проценти има намалување на Македонците за 10 години. Е сега овој попис што ќе биде во 2022 година се плашам дека ќе бидеме 10 илјади Македонци. Затоа наша преокупација е да ги собереме Македонците. Мое лично мислење е дека како народ сме многу уплашени. Некако како да ни фали да кажеме дека сме Македонци од Македонија, туку секогаш велиме јас сум Македонче. Кога те прашуваат од кај си, не викаш јас сум од Македонија, туку викаш јас сум од Делчево, како сите да знаат каде се наоѓа Делчево. Затоа го правиме ова, за да можеме луѓето да ги ослободиме да кажат слободно дека се Македонци“, вели Илиевски.

Илиевски во Ниш живее 50 години и по добивањето воена пензија се посветува на работата на здружението. Слободно се чувствува затоа што, како што вели, поминаа времињата на национализмот од 1990-тите години, кога луѓе дури сменија и презимиња, плашејќи се да не им сторат нешто.

„Има луѓе во Ниш кои се плашат, во смисла, ќути да не ни ја земат пензијата, да не ни го земат станот итн. Луѓето се плашеа многу. Такви беа времињата во 1990-тите години. Беше страшно да се живее во Србија од 1990 до 2001/2002 година. Толку беше раширен национализмот, сите велеа „Јас, Србија и никој друг”, „Србија до Токио и ништо друго”. Со таков национализам беше невозможно да се живее овде. Толку беше тешко што одредени луѓе си ги сменија презимињата, што според мене е најстрашно. Имам воени колеги од оркестар, колега по потекло од Пехчево, тој своето презиме си го промени со српска додавка на крајот. Тоа го сторија уште двајца други. Најверојатно мислеа дека со тоа што ќе го сменат презимето ќе добијат нешто. А всушност со тоа што го променија презимето во наводници станаа уште поголеми непријатели и на Србите и на Македонците. Но, тоа е веќе минато“, објаснува Илиевски.

Она што во моментот им фали на Македонците во Ниш, како што дополнува Илиевски, се младите.

„Поради неможноста да најдеме просторија, без младите не можеме да имаме ни фолклор ни хор. Немаме со што да ги привлечеме. Од она што можеме и веќе го правиме е тоа што во октомври реализиравме квиз за деца. Се работи за проектот „Запознај ја татковината на твоите родители и твоите предци, за повеќе да ја сакаш”. Квизот го организираме веќе трета година. Собираме деца од петто до осмо одделение, во кој имаме три области на прашања, историја, географија и општествен живот во Македонија. На тој начин децата ги запознаваме со историјата, со географијата, со спортот, со животот. Прашањата и одговорите се на македонски јазик, сè со една цел, да ги потсетиме на корените на нивните родители, баби и дедовци. А корените лесно се забораваат ако не се организираат вакви работи. Еве, на пример, моето семејство веќе ќе почне трета генерација. Јас сум Македонец, жена ми Македонка, имаме ќерка и син. Синот се ожени со Србинка, ќерката со Србин, очекувам сега наскоро да станам и прадедо. Тоа е веќе трета генерација и така се губи коренот и токму затоа ова го правиме, за да знаат децата од каде потекнуваат“, додава Илиевски.

На манифестациите на кои редовно учествуваат Македонците во Ниш, како што појаснува Илиевски, најмногу се препознаени од вредните домаќинки кои настапуваат на манифестации на кои се презентираат специјалитети од нивните прабаби родум од Македонија.

„Имаме многу добри жени кои сакаат секаде да одиме. Со нашите традиционални специјалитети, направени од жените, одиме и освојуваме награди и секаде каде што одиме сите велат еве ги Македонците од Македонија, ние велиме ние не сме Македонци од Македонија, ние сме Македонци од Ниш и го претставуваме Ниш, ги претставуваме здружението и Македонците кои живеат во Ниш. На тие разни манифестации имаме освоено над 100 медали и пехари“, раскажува Илиевски.

Здружението има своја просторија, каде што со цел обединување на Македонците, како што додава Илиевски, сè почесто се прават собири секој четврток.

„Сакаме Македонците кои живеат овде, во Ниш, да ги обединиме. Секој четврток имаме состанок со тоа што секој последен четврток во месецот сите Македонци кои имаат роденден, а се наши членови овде го прославуваме. Здружението е основано околу Нова година и тоа е наш датум кој овде го одбележуваме. Од другите празници кои ги славиме тоа е Осми март – Меѓународниот ден на жената. Околу организирањето настани се снаоѓаме и со пари и без пари, како знаеме и умееме“, појаснува Илиевски.

Претседател на Здружението „Вардар“ од Ниш е исто така воениот пензионер Благе Петрушевски. Благодарение на неговото залагање годинава шести пат се организираа Деновите на македонска култура во Ниш.

„Манифестацијата годинава се одржа во септември со тоа што имавме повеќе активности во рамките на Деновите на македонската култура. Манифестацијата започна со изложба на скулпторот Сашо Поповски во галеријата на Нишкиот културен центар, имавме вечер на македонски филмови каде што публиката имаше можност да го види филмот „Збогум на XX век”, потоа организиравме македонско-поетска музичка вечер, во народната библиотека „Стеван Сремац” во Ниш, каде што гостин ни беше поетот Игор Трпчески од Прилеп. Тоа беше настан кој, наместо 60 минути, траеше 120 минути, по желба на гледачите. Организиравме и музичка монодрама во изведба на театарска работилница од Прилеп, која се одржа на Факултетот за уметност во Ниш, прекрасна претстава со многу гледачи и сите беа задоволни. Првпат во Деновите на македонска култура имавме концерт на класична музика, на која беа претставени дела на македонски автори во изведба на дуо „Делчеца” од Ниш. Ни оставија разгалени срца и ни ветија в година пак да го повториме концертот. Манифестацијата заврши со концерт на групата „Копачка” од село Драмче, Делчево. Манифестацијата се одржува по повод Денот на независноста на Македонија, а има за цел да го претстави творештвото на Македонци кои живеат во Македонија и надвор од неа во областа на културата. Здружението на Македонци „Вардар” од Ниш постои 17 години и работи во областа на културата, јазикот, образованието, информирање и одбележување значајни датуми и хуманитарно ангажирање“, истакна Петрушевски.

Во рамките на својот настап на Деновите на македонска култура во Ниш, членовите на групата „Копачка” од село Драмче, Делчево, го презентираа обичајот „Попрелка”, а во интеракција со публиката следуваше и заедничка изведба на најпознатиот пијанечки бренд, орото „Копачка”.

„Благодарност до организаторот што ни овозможи да го затвориме фестивалот со едночасовна програма. По претставувањето на филмот за „Копачка”, имавме презентација како се одвивал тој процес на орото „Копачка” до впишувањето во УНЕСКО, потоа имавме полчасовна програма со изворен пијанечки фолклор, со акцент на претставувањето на орото, како машката така и женската изведба на „Копачка”, рече Перса Стојановска, секретар на групата „Копачка”.  Здружението на Македонци „Вардар” од Ниш најголема поддршка за реализација на своите активности добива од Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија, како и од Министерството за култура на соседната држава. Последниот настан Денови на македонската култура во Ниш се реализира со поддршка од многубројни донатори и градот Ниш.
Advertisement