Зошто палиме кандило

 

Зборот ‘кандило’ доаѓа од латинското candela, што значи ‘свеќа’. Во православната Црква кандилото се става пред светите икони. Она кандило што се става пред Распетието во светиот олтар во храмот, се пази секогаш запалено и се нарекува „незгасливо“ кандило.

Едно кандило се става, исто така и пред домашниот иконостас и согласно православното предание, се пали секој ден. Тоа е еден обичај што го запазува неговиот длабок христијански симболизам со светлината Христова, којашто го просветлува секој човек, којашто ја стоплува душата, ја зголемува надежта, ги одгонува бескрајните часови на осаменост. Палењето кандило го симболизира принесувањето како жртва на нашата почит и чест кон Бога и кон Неговите светии.

Ја симболизира, исто така и светлината Христова, којашто го просветлува секој човек, а ја претставува и Господовата заповед дека ние, Христијаните, треба да бидеме светлина на светот. Елејот, односно маслото што гори во нашите кандила „напоменува на Божјата милост“ – пишува Свети Симеон Солунски. Милоста Божја што се пројавила кога гулабот на Ное се вратил во коработ со маслиново гранче во клунот, за да извести дека потопот престанал; или кога Богочовекот, молејќи се засилено, со капките пот ги напојувал маслините, под чии гранки коленичел во онаа маченичка ноќ, во Маслиновата Гора.

Се разбира, сите знаеме дека неспоредливо повозвишена е внатрешната, невештествена, духовна светлина, отколку материјалната. Маслото ја симболизира бескрајната милост Божја, но кандилата исто така ја претставуваат и Црквата, којашто ја пренесува таа просветувачка милост Божја.

Ги симболизира исто така и Светиите што светлината Христова ги осветила, според зборовите на Господа: Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен! (Матеј 5,16)

Има многу причини зошто треба да палиме кандило, како на пример:

– за да нѐ потсетува на неопходноста од молитва;

– за да ги осветлува светите икони и да ги прогонува силите на темнината;

– за да нѐ потсетува дека Христос е единствената вистинска Светлина и верата во Него е светлина;

– за да нѐ потсетува дека нашиот живот треба да биде светлина;

– за да нѐ потсетува дека како што на кандилото му е потребна нашата рака за да се запали, така и на душата му е потребна раката Божја, односно Неговата благодат;

– за да нѐ потсетува дека нашата волја треба да изгори, а љубовта кон Бога и кон ближните треба да биде горешта и пожртвувана.

Некогаш Господ Исус Христос се молел во Елеонската (Маслиновата) Гора, а денес храмот со многуте кандила се претвора во една нова таква Гора, каде елејот (маслото) нѐ потсетува на милоста Божја, а пламенот – на светлината во нашиот живот, којшто треба да биде светол и чист.

Лачењето светлина во храмот ја симболизира Божествената светлина на присуството Божјо, Кој ги просветлува срцата не само на новопросветените, туку и на сите Христијани. Господ ја јави оваа голема вистина за Себе со следниве зборови: Јас сум светлината на светот (Јован 8,12).

Он е светлина не само поради Неговото светло учење, туку главно поради Неговото светло присуство. Ова се потврдува, пред сѐ, со Неговото чудесно Преображение: и лицето Негово светна како сонце, а алиштата Му станаа бели како светлина (Матеј 17,2).

Во Символот на Верата, Синот Божји е претставен како „Светлина од Светлина“. Во вечерната богослужба, црковниот химнограф, исто така Го воспева Господа како „Светлина тивка“. И Христијаните, преку светите тајни во Црквата и нивниот духовен подвиг, можат да ја примат светлината на благодатта на Светиот Дух и да зрачат со неа во своите животи.

Господ, поучувајќи ги учениците во беседата на Гората, рекол: Вие сте светлината на светот…Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен! (Матеј 5, 14,16)

Светиите во вечниот живот ќе се уподобат на Господа, ќе станат „богови по благодат“. Тоа јасно ни го кажува Господ со Своите пророчки зборови: Тогаш праведниците ќе заблескаат како сонце во царството на нивниот Отец. Кој има уши да слуша, нека чуе! (Матеј 13,43) /www.bigorski.org.mk

 

Advertisement