1000 години Охридска Архиепископија (ВИДЕО)

 

Останаа само уште неколку дена до најголемиот настан, со кој се гордее целиот наш православен народ Илјада години од основањето на Охридската Архиепископија (1018-2018). Како што се вели во самото видео што наменски е подготвено за да го најави овој најголем јубилеј, тоа се години на „напластена мудрост, божественост и просветление, тоа е милениум на црковна и сенародна свештена убавина и величие. Десетвековна историја на светост, слободољубие и единство…“

И навистина, ретко кој може да се пофали со еден ваков јубилеј, особено затоа што Охридската Архиепископија, низ сите векови од нејзиното постоење била столб и тврдина на Вистината, силен бедем и поткрепа, но често пати и единствена институција која го штитела нашиот народ дури и тогаш кога не сме имале држава. Токму затоа, ова илјадагодишно постоење на нашата славна и света Охридска Архиепископија, возобновена во лицето на Македонската Православна Црква, заслужува да биде најдостоинствено прославено, за што, како што Ви е познато, оваа година се организирани бројни настани во нејзина чест.

За таа цел, а на барање на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи на Република Македонија, се изработи промотивен видео спот кој највеличествено ја најавува главната прослава којашто ќе се случува на 27 и 28 мај 2018 година, во архиепископскиот соборен храм „Света Софија“ во прекрасниот Охрид.  Спотот е во режија на Илија Пиперкоски./www.bigorski.org.mk

 

 

Advertisement