15 години од доделувањето на првиот македонски орден Solem Imperii Macedoniae на Роберт Бадинтер

Македонскиот амбасадор Неговата екселенција Јордан Плевнеш (во средината) го инаугурира Роберт Бадинтер (лево) за македонски сенатор со орденот Solem Imperii Macedoniae (мак.Сонце на македонската империја) во присуство на Џон Тодоровски (десно), шеф на мисијата на Светскиот македонски конгрес при ЕУ во Брисел. Архива на Светскиот македонски конгрес, 28. јануари 2004 година, Hôtel du Louvre

Пред точно 15 години, на 28. јануари 2004 година, по повод 105 годишнината од основањето на Светскиот македонски конгрес (12. јануари 1899 г. Женева, Швајцарија), на свечена церемонија во познатиот хотел „Hôtel du Louvre“ во Париз беше инаугурирана почесната титула „Македонски сенатор“ и орденот Solem Imperii Macedoniae (мак. Сонце на македонската империја).

Овие високи признанија на Светскиот македонски конгрес (СМК) им беа доделени на Роберт Бадентер, претседателот на Арбитражната комисија на (тогаш) Европската економска заедница, која на 11. јануари 1992 година донесе мислење дека од сите поранешни југословенски републики единствено Словенија и Македонија ги исполнуваат поставените услови и критериуми за да се стекнат со независност, како и на доајенот на француската поезија Пјер Баерн, кој во своето творештво ѝ посветил голем број страници на историјата на Македонија.

„Употребата на името на една држава според нормите на меѓународното јавно право е слободен избор. Идентитетот во овој случај е јасно дефиниран со оглед на тоа дека вие сте Македонци. Не постои монопол или ексклузивност за името од страна на некој друг“ – вели Роберт Бадентер претседател на Арбитражната комисија на Мировната конференција за Југославија.

Во своето обраќање пред присутните гости тогашниот македонски амбасадор во Франција и претседател на Македонскиот Сенат, Јордан Плевнеш, ќе ја наведе „исклучително важната улога на Роберт Бадентер за независноста на Македонија во периодот кога земјата зачекори по патот на заокружувањето на сопствената сувереност и меѓународно етаблирање.

При доделувањето на почесната титула “Македонски сенатор“ и орденот Solem Imperii Macedoniae, амбасадорот Плевнеш меѓу другото ќе нагласи и дека експертот по уставно право и еден од најеминентните интелектуалци во светот Бадентер, „е градител на современа Македонија во меѓународни рамки и незаобиколно тој е „првиот македонски сенатор во македонската ансамблеја на вечноста“.

Изразазувајќи благодарност кон Светскиот македонски конгрес и македонскиот народ за укажаната чест, по доделувањето на орденот и почесната титула со која станува сенатор на две држави Франција и Македонија, Роберт Бадентер тогаш ќе даде една интересна изјава:

„Сум бил поканет во многу земји како консултант по уставно право, но кон Македонија имам развиено посебно место во моето срце благодарение на посетите кои ги имам остварено многу порано во мојата младост кога за првпат дојдов таму и кога се уште учев за првата европска држава на Филип и Александар Македонски. Учејќи се од делата и уставните визии на филозофијата на Аристотел посебно почнав да се интересирам за проблемот на уставното право, во кое сметам дека античка Македонија даде голем придонес за светската историја. Македонија засекогаш остана моја најомилена земја на европскиот континент. Земајќи учество во целиот процес на градењето на уставната рамка на Македонија од времето како претседател на Арбитражната комисија и подоцна Македонија за мене претставува земја која воскресна од пепелта на историјата и која ќе трае вечно“.

Роберт Бадинтер, првиот сенатор во македонската асамблеја на вечноста, Париз, 28. јануари 2004 година, Hôtel du Louvre

Првиот македонски орден Solem Imperii Macedoniae кој го изработи ателјето The Oak Tree Design Studio од Холандија со авторство на Гоце Дуртаноски (дизајн) и Џон Тодоровски (компјутерска обработка), и кој беше доделен на експертот по уставно право и голем пријател на Македонија д-р Роберт Бадентер, претставува прво највисоко одликување доделено од име на Македонија воопшто, бидејќи законот за државни одликувања во Македонија беше донесен дури година и пол подоцна (2005 година).

Роберт Бадинтер како претседател на Арбитражната комисија на Мировната конференција за Југославија или уште позната како Бадентерова комисија, вели:

„Што се однесува до Македонија…, ние ја зедовме одговорноста да ја верифицираме конституираноста на Уставот и да се увериме во постоењето на институции со демократски карактер, како и да го потврдиме фактот што Македонија не ревандицираше ни една територијална промена. Таа едноставно немаше територијални претензии. Тргнувајќи од ова ниво, Македонија ги исполни сите услови и одговори на сите барања и критериуми на демократијата. Правната консеквенца се наметна сама по себе. Тоа беше и значеше отворен пат на Македонија кон стекнување на независност и суверенитет“.

Сепак најзначајно е неговото мислење во врска со името и идентитетот за што вели: “Употребата на името на една држава според нормите на меѓународното јавно право е слободен избор. Идентитетот во овој случај е јасно дефиниран со оглед на тоа дека вие сте Македонци. Не постои монопол или ексклузивност за името од страна на некој друг“.

Препораките кои ги дава како претседател на Арбитражната комисија, а во кои вели дека “користењето на името Македонија не може да имплицира територијални барања на било која друга држава” и полно признавање во 1992 година ќе му донесат на Бадентер голем авторитет меѓу Македонците и другите етнички заедници во Македонија. Оттука, подоцна тој бил вклучен и во изработката на Охридскиот договор, по што ќе произлезе познатиот Бадентеров принцип.

Во 2006 година, за вонредни заслуги во конституирањето и изградбата на државата како суверена, самостојна, демократска и социјална држава, Македонија ќе го одликува Роберт Бадентер со орденот „8. септември“.

(Извор: Гоце Дуртаноски, “Првиот сенатор во македонската ансамблеја на вечноста“, Македонско сонце бр.501, 6. февруари 2004 година, стр.16-20)