16-то светско првенство во параглајдинг се одржува во Македонија

Кога по повеќе од десет години напорна работа ќе ви се оствари сонот, чувството дека времето не сте го губеле залудно е прекрасно.. Вака некако можат да се опишат емоциите на првите луѓе од параглајдеризмот во Македонија, кои се горди на организацијата на 16 тото Светско првенство во параглајдинг, кое деновиве се одржува во Крушево. На полетувалиштето во близина на Мечкин Камен, на едно место тие успеаја да ги соберат најдобрите 150-те параглајдеристи во светот. Некои од нив веќе го посетиле Крушево. За некои, Светското првенство е првото искуство со Македонија.

Ова е најмасовното светско првенство одржано досега. На него се натпреваруваат пилоти од 49 земји во светот. Директорот на првенството Горан Димишковски, кој е директор на сите светски натпреварувања во овој спорт, раскажува дека повеќе од една деценија напорно работеле, лобирале и финансирале за Крушево и Македонија да ја добие организацијата. Во најтесната конкуренција, успеале да ги победат и Австрија и Шпанија, земји кои имаат долга традиција, па затоа одржувањето на светското првенство во Крушево е од огромно значење за целата земја, вели тој.

Македонската репрезентација е еден од учесниците на првенството. Составена е од тројца пилоти, кои претходните години имаат забележителни резултати на меѓународна сцена..

Небото над Пелагонија се исшара од стотина параглајдери. Пилотите како да си играа со воздушните струи над Крушево, а сето тоа наликуваше на импозантен танц во воздух. Организаторите очекуваат досега најдобро организирано Светско првенство.

Дека Крушево е веќе на светската мапа на овој спорт покажува и фактот што за две години тука ќе се одржат уште две Светски првенства, во прецизно слетување и змејарство. Светското првенство во параглајдерство ќе трае до 18 август.