48 Семакедонска средба на 2 Август во Трново

Во организација на Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Битола, Светскиот Македонски Конгрес и Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, утре, на 2 август, на големиот христијански празник Свети Отец Пророк Илија – Илинден, во потпелистерското село Трново, битолско, во дворот на црквата “Успение на Пресвета Богородица“ ќе се одржи традиционалната 48 Семакедонска Средба Трново 2019 и 39 Погранична Средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија.

На Семакедонската средба годинава, се очекуваат повеќе од десет илјади Македонци од сите делови на Македонија и од целиот свет. Семакедонската средба започнува во 10.30 часот а ќе трае до 12.30 часот, по што ќе продолжи со општонародна веселба.

Во официјалниот дел покрај гостите, свое обраќање ќе имаат претседателот на Матицата на иселениците од Македонија Иван Џо Петрески, претседателот на Претседателот на Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија и претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Битола Александар Јаневски, архимандрит Никодим Царкњас, Пале Колефски градоначалник на општина Пустец, Васил Стерјовски пратеник во Собанието на Република Албанија и претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров.

Подготвена е богата културно-уметничка програма во која ќе учествуваат Културно-уметничкото друштво “Гоце Делчев“ од Битола и естрадни уметници.

Со сите разлики меѓу нас Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во татковината и во светот, само Македонија е наш единствен заеднички именител, само Македонија е наш единствен заеднички содржател! Затоа, организаторите повикуваат на семакедонското помирување и обединување за одбрана на името и идентитетот, затоа што во единството е силата за одбрана на државата и нацијата!

Поканети се сите добронамерници, Македонци, по род и државјанство, од татковината Македонија и од целиот свет! Повелете и уживајте во утрешниот празник на државата Македонија и Македонскиот народ, во Трново, под Пелистер!

Advertisement