АРМ брифинг за 2018 година пред Претседателот на Република Македонија

Во Домот на АРМ во Скопје, се одржа брифинг за борбената готовност на Армијата на Република Македонија, на кој Началникот на ГШ на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски го информираше Претседателот на Република Македонија и Врховен Командант на Вооружените сили, Ѓорге Иванов за состојбата во армијата во текот на 2018 година.

На брифингот присуствуваа: Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, Заменикот на министерот за одбрана Беким Максути, Државниот секретар во Министерството за одбрана Драган Николиќ, генералите во АРМ и претставници од кабинетот на Претседателот на Република Македонија. Претседателот Ѓорге Иванов, беше информиран за реализацијата на плановите и задачите во 2018 година, за функционалните области во АРМ: персонален менаџмент и морал, операции, обука и вежби, логистичко обезбедување, планирање, врски и комуникации, буџетирање и цивилно-воената соработка.

Од страна на генералот Ѓурчиновски беа истакнати позначајните активности во текот на 2018 година, и проблемите со кои се соочуваше армијата, притоа беше посочено дека со залагање на персоналот се извршени сите планирани задачи. Брифингот на борбената готовност е планска годишна обврска на Началникот на ГШ на АРМ кон Претседателот на Република Македонија и Врховен Командант на Армијата за реферирање за состојбата на борбената готовност во АРМ.