СМК со загриженост ја следи состојбата во врска со коронавирусот заради здравјето и животот на Македонците по род и државјанство во таковината и светот

Светскиот Македонски Конгрес (СМК) со сериозност и загриженост ја следи состојбата во Македонија и меѓународната заедница, во врска со пандемијата со коронавирусот, заради здравјето и животот на Македонците по род и државјанство во таковината и светот.

Повеќе и не е важно дали пандемијата е производ на еволуција или конспирација на Новиот светски поредок и неговиот експонент Сорос за специјална биолошка војна за свет без луѓе или колку што некои самоповикани мислат дека треба да ги има на планетата Земја.

За жал, пандемијата го покажа на дело европското лицемерие за солидарност и Европа без граници, откако сите ги затворија границите поради националните интереси: Соочена со катастрофални последици, на Италија никој не и’ помогна од членките на Европската Унија, туку Кина, која ја совлада епидемијата од коронавирус со саможртва и самодисциплина.

Македонците се исправени пред сериозна закана по нацијата и затоа одговорноста на секој да се придржува на упатствата од Светската здравствена организација и Министерството за здравство, заради сопственото здравје и живот, и здравјето и животот на другите.

Ресурсите во македонското здравство се ограничени и такви какви што сите ги знаеме кога ќе посетиме болница кога сме болни. Ако поради непридржување на мерките за самоизолација, тихување дома, одржување на личната хигиена, придонесеме за експлозија на заразата, здравствените работници ќе бидат исцрпени од интервенции, за на крајот да бидат приморани сами да решаваат кој да умре, а кого ќе приклучат на кислород на респираторите кои очигледно ги нема и болничките кревети кои се толку колку што ги има.

Затоа, почитувани Македонци по род и државјанство, седете дома, бидете дисциплинирани во самоизолацијата, покажете свест и одговорност во движењето, ако не заради себе, заради тие кои може да станат жртви на вашата неодговорност.

Моментот е пресериозен за пороците да ни ја соблазнат душата, со нашето неодговорно однесување дека ова е игра или шега, свесно или несвесно да станеме причина за здравјето и животот на другите.

СМК бара македонската влада итно и безусловно да побара помош во луѓе и опрема од Кинеската влада за совладување на епидемијата со коронавирусот во Македонија!

СМК бара воведување вонредна состојба во земјата, со ригорозни санкции за тие што нема да се придржуваат на вонредните мерки и одлагање на изборите до нормализација на состојбата и прогласување крај на пандемијата!

СМК бара херметичко затворање на границата со Грција заради спречување транзит, азил или престој на мигранти во Македонија од Азија, Африка и Блискиот Исток преку Грција!

СМК укажува дека и покрај распуштањето на Собранието, пратениците имаат мандат до верификацијата на новоизбраните. Со распуштањето на Собранието не престанува мандатот на пратениците, бидејќи избрани се на општи тајни и непосредни избори за време од четири години! Собранието треба да прогласи вонредна состојба и да ја поништи одлуката за распуштање, со што и изборите ќе се одложат на неопределено односно ќе престане важноста на сите досегашни изборни дејствија, додека не бидат создадени услови за повторно распуштање на Собранието и повторно распишување на изборите со повторување на сите изборни дејствија.