Преспанското езеро најплитко во последните 30 години

Драстичниот пад на нивото на Преспанското езеро и алармантната состојба во која тоа се наоѓа може да се одрази и врз Охридското, сметаат хидролозите. Според Здравко Крстаноски, хидролог во пензија, дури 50% од водата од Преспанското езеро се влева во изворите кај Свети Наум од каде Охридско се напојува со вода. Тој сепак смета дека главна причина за моменталната ситуација е негрижата на човекот и испумпувањето на вода со пумпи не само во Македонија, туку и во Албанија и Грција.

„Овие моментални дождови не се спас за вода. Спас се снежните врнежи кои нажалост подолг период ги нема. Таков проблем би се јавил и со Охридското езеро, а сето тоа зависи од истекот на Охридското езеро преку Црни Дрим односно преку нерегулираниот истек. Затоа треба да се регулира истекот на Охридското езеро од Црни Дрим и да се изгради софистициран регулаторен систем, а не овој со талпи кои се вадат по потреба на ЕЛЕМ“, рече Здравко Крстаноски-хидролог.

Ако не се преземат итни мерки, Преспанско може да изумре.

„Езерата се творевини кои еднаш геолошки се создале и постепено изумираат, а  човекот со своите активности во негативна конотација нормално би го забрзал тој процес на изумирање. Инаку, Охридското езеро кога не би имало подводни и површински извори би се испразнило за 75 години“, додава Крстаноски.

Трајче Талески биолог од Хидробиолошкиот институт вели дека покрај во сушата, вината треба да се гледа и во земјоделците кои со вода од езерото ги наводнуваат своите посеви.

„Виновници сме ние и Република Грција бидејќи има неконтролирано испумпување на водата било тоа да е од артерските бунари било да е директно од езерото со што се намалува неговиот волумен“, вели Талески. Инаку, нивото на Преспанското езеро, според официјални податоци е опаднато за околу 315 сантиметри и е најплитко во последните три децнии. Со тоа се смета дека езерото изгубило вода како две Дојрански езера./Мики Трајковски