Македонија: Владата воведе полициски час од 21 до 06 часот на територијата на целата држава

Владата одлучи од утре да воведе целосна забрана за движење во периодот од 21 до 6 часот. Премиерот Спасовски ја оправда одлуката со потребата да се заштити нацијата и да се спречи ширењето на коронавирусот. Мерката не важи единствено за припадници на МВР, Армијата, пожарникарската служба, лицата во комунална хигиена, кои работат во две смени. Од неа се исклучуваат и оние граѓаните кои имаат потреба од итна медициснка помош, кои мора да одат на дијализа или им е неопходна друга лекарска услуга. Тие ќе може да се движат со придружба од најмногу од две лица. Во случај да ги сопре полицијата по прегледот ќе мора да покажат медицинска документација дека биле на лекар. Ќе се евидентира и ќе се провери оправданоста на излегувањето преку приложување на медицинската документација по извршениот преглед.

Ова е дел од сетот порадикални мерки кои вечерва ги донесе Владата со цел да се заштити здравјето на граѓаните од коронавирусот.

„За прв пат во земјава се воведува ваква мерка. Не беше лесно да се донесе, но нема компромис кога е здравјето на граѓаните е во прашање, мерките мораме сите да ги почитуваме, само така ќе си ги спасиме народот и државата. Веќе ништо не е исто. Животот радикално се промени, како кај нас така и во целиот свет. Таа ситуација бара од нас радикално менување на нашето секојдневие. Ја донесовме оваа тешка одлука врз основа на стручно мислење на Комисијата за заразни болести“, рече Спасовски.

Директорите на ЈЗО ќе изготват список за лица кои ќе имаат неопходна потреба за движење вон лимитираното време. За нив ќе се изготват специјално изготвени легитимации. Со тоа МВР ќе има комплетен увид за временскиот период кога овие лица ќе се движат. Се ограничува и бројот на дежурни аптеки. Одреден број аптеки локациски ќе бидат поврзани со дежурните здравствени институции. Такси компаниите ќе воведат дежурства со ограничен број возила и истите ќе бидат искориститени за превоз на граѓаните до болница или аптека. Возачите ќе мора да носат заштитна маска и ракавци.