
Политичката партија ДЕМОКРАТИ ги искажува своето разочарување од непримерното однесување кон македонскиот јазик и македонската историја. Ваквиот однос е крајно штетен и ни малку не е во духот на т.н. добрососедство, кое небаре го прокламира бугарската држава. Последните изјави на бугарските челници се лицемерна уцена насочена кон национално обезличување на македонската држава и македонскиот народ.
Но, она што уште повеќе вознемирува е фактот што во Декларацијата од Загреб, 6 маj 2020 год. во точка 9, без никакво спомнување на нашава држава се наведува дека „…ЕУ потполно го поддржува залагањето на партнерите од Западниот Балкан за инклузивна регионална соработка и зајакнувањето на добрососедските односи, вклучително и со државите членки на ЕУ. Во тој поглед, и понатаму е важно билатералните договори да се спроведуваат со добра волја и видливи резултати, вклучително Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија“.
Вака срочената „поддршка“ многу наликува на „поддршката“ што со години ја добивавме од ЕУ во периодот на грчката пресија врз Македонија за промена на нашето државно име. Македонскиот народ понесе исклучително непријатно и недостојно преименување на својата држава, само во интерес на европската иднина на своите наследници. Затоа, сметаме дека е непримерно од европските држави, кои декларираат демократија, рамноправност на народите, право на лично чувство и негово слободно изразување, и натаму да поддржуваат уцени од една од нивните членки во однос на македонската држава.
Доколку демократијата е основа на ЕУ, тогаш водачите на ЕУ задолжително треба да се заложат за самоопределување и изјаснување на македонското национално малцинство на пописите во Грција и Бугарија, како членки на европското семејство. Политичката партија ДЕМОКРАТИ најостро реагира на уцените на бугарската држава и апелира ЕУ што побрзо да го исполни своето ветување кон македонскиот народ за итно и безусловно почнување на преговорите за членство во ЕУ на македонската држава.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden