
„… Така, во едно и исто време, во Софија, Белград и Атина, платени државни професори ‘научно‘ докажувале со изобилни и ‘неспорни‘ историски доводи дека Македонија е лулка на бугарштината, а Македонците се најчисти Бугари; дека Македонија е само Јужна Србија, а Македонците се ‘вистински јужносрбијанци‘, и дека Македонија е древногрчка провинција – населена со ‘словеногласни Грци‘. Зад таа вулгарнонаучна пропаганда во трите земји широко се раствори и една нагла и бесрамна политичка пропаганда што беше распространета во главите на населението со сите возможни средства, без да запира и пред најгрубото насилство спроведувано со камшик и со оружје в рака…“. (Васил Ивановски, Зошто ние Македонците сме одделна нација. Избрани дела. Предговор, избор и редакција Иван Катарџиев, Скопје 1995, 101.)
Ова е најсублимираниот пасус кој сум го прочитала, а кој во неколку реченици ја објаснува борбата на „братските“ ни народи за македонската територија и за нивната обземеност со идејата за присвојување на македонскиот народ. Но. Историјата, како наука, е макотрпно и темелно собирање на камчиња за составување на безвременски мозаик. Затоа, историјата има неколку закономерности и категории без кои таа не би била наука, туку само приказни на баба и дедо.
- Категоријата ВРЕМЕ е една од најголемите придобивки на историјата. За секоја една работа треба да созрее ситуацијата и да дојде времето. Историјата е трпелива наука. Таа го составува мозаикот на минатото, макотрпно го бара секое изгубено камче од мозаикот, го става на неговото место и мозаикот ја добива својата целосна форма. Дниве, најдобро ја чувствуваме на своја кожа категоријата ВРЕМЕ бидејќи повторно го живееме ВРЕМЕТО на пропагандите и силеџиството на пропагаторите и негаторите на македонскиот народ и јазик. Понижувачката политика на владетеливе ни дефинитивно е погубна за македонската иднина. Јужниве ни „пријатели“ не обезличија како „северни“ и добивме држава која е единствена во светот со ГЕОГРАФСКА ОДРЕДНИЦА во името. А што добивме? Признавање на македонското малцинство во Грција? Не. Слободен трговски простор на солунското пристаниште? Не. Категоријата ВРЕМЕ ќе покаже колкави губитници сме Македонците со раздавањето на најсветите параметри на секој еден народ.
Категоријата ВРЕМЕ нѐ учи да бидете трпеливи, но и скептични во врска со формата на камчињата кои ги делкаме и местото на кое ги ставаме.
- Категоријата ВРЕДНОСТ ве обврзува да соочувате податоци од документи и литература, мемоари и материјални извори. И секако, да осознаете како да ја процените нивната вредност. Оти, науката не трпи импровизации во стилот „сѐ најдено, сѐ ставено“. Категоријата ВРЕДНОСТ ќе ве научи да можете да ја видите вистинската цена на секое камче и да го употребите најдоброто за пополнување на мозаикот. Категоријата ВРЕДНОСТ во денешен контекст значи дека владеачиве ни немаат никакво чувство за националната ВРЕДНОСТ, за ВРЕДНОСТА на она што го раздаваме и уништуваме. Владеачиве ни, моментално работат по најнепопуларната форма во историјата „сѐ побарано, сѐ дадено“. Без никаква добивка, без никаво двоумење што натаму без национална ВРЕДНОСТ?
- Категоријата ПЕРИОД е исклучително важна за создавање на едно историско дело. Имено, кога работите историски проект за состојбите и настаните од османлиски период, првата работа која се бара од вас, е да се соживеете со општествените, политичките, социјалните и сите други параметри од тоа време. Рефлектирањето на денешното време во тогашен период е најголемата грешка што може да ја направи историчарот. Категоријата ПЕРИОД покажува дека она што било во минатото, за нас е лекција за дијалектиката во општеството. Според она што го сведочиме дниве, нашите источни соседи имаат заглавено во ПЕРИОДОТ на Сан Стефанска Бугарија од 1878 година, прошетани низ ПЕРИОДОТ кога им била подарена Пиринска Македонија во 1913 година во која не смеат ни попис да направат, соочени со ПЕРИОДОТ кога во Бугарија во 1947 година за македонските деца се изведувала настава на македонски јазик, сѐ до ПЕРИОДОТ кога Георги Димитров размислувал за обединување на Пиринска Македонија со матичната држава ит.н. ит.н. Вистината боли, ама е таа, категоријата ПЕРИОД е скапоцениот камен во мозаикот кој може многу да ви помогне во справувањето со другите историски категории.
- Категорија ПРОСТОР ве носи до категоријата ПЕРИОД, а заедно ве носат во еден поинаков животен простор од денешниов, нам познат. Категоријата ПРОСТОР објаснува дека претурањето и растурањето на мозаикот создава нови форми и исцртува различни граници. ПРОСТОРОТ омеѓуван во времепостоењето на многу држави и империи во Антиката не соодветствува на омеѓувањето на државите и империите од подоцнежните векови. Но, ниту просторот каде моќни биле Руската Империја, Австро-Унгарската Империја, Османската Империја и други држави, не соодветствува со просторот кој денес го гледаме во светот. Така, категоријата ПРОСТОР треба да ви биде показател дека не е сѐ така како што вие денес го знаете. Гледано со очите на источниот и јужниот ни сосед, ПРОСТОРОТ од македонската територија кој им бил подарен во Букурешт 1913 година не смеел да го задржи народносното, македонско, обележје. Од друга страна, вложените финансиски, полициски и асимиациони усилби во Пиринска и Егејска Македонија мораа да имаат резултат, а тоа е да го убедат светот дека ПРОСТОРОТ кој го добиле како подарок е нивен со векови, а македонското население кое живеело на тој ПРОСТОР не постоело. Ама, категоријата ПРОСТОР е безмилосна, па ќе ви покаже дека камчињата биваат делкани од природата, местени и преместувани, но секогаш ќе си го најдат местото во мозаикот.
- Категоријата ПОСЛЕДОВАТЕЛНОСТ е исклучително важна категорија во историската наука. Имено, ниту еден настан не се случил сам од себе и за себе, што може да се објасни и како „ефектот на пеперутката“. Дури и најнаивното замавнување со крилата на пеперутката, последователно предизвикува треперења во воздухот што, последоватено, предизвикува ветришта и бури во сосема друг простор и време. Или, во македонскиот случај, прво се откажавме од знамето, од македонските малцинства во соседните држави, па се откажавме од македонскиот дел од античката историја, па си го продадовме името, и така последователно на сета себераспродажба, стигнавме до македонскиот јазик и нација. Но, прашањето што ПОСЛЕДОВАТЕЛНО добивме? Според мене, само понижување, беспредметна сервилност и потсмев во светот. Но, и доколку ја продолжиме ПОСЛЕДОВАТЕЛНОСТА на раздавањето на македонските вредности, европското семејство нема да го видиме доколку не ги исполниме нивните услови. Нови, ПОСЛЕДОВАТЕЛНИ, можеби многу понормални од овие досега. Категоријата ПОСЛЕДОВАТЕЛНОСТ е најсуровата и најпоказателна категорија во историографијата. Таа е онаа категорија која нашите предци, нашите современици, нас ќе нѐ смести во мозаикот со сите бои и нијанси кои сме ги имале во животот.
- Категорија ПРЕГОВОРИ претпоставува взаемно и реципроцитетно отстапување и добивање на одредени барања. И додека во Македонија, „во знак на добрососедство“ на 1 август 2019 год. се постави споменик на бугаринот Каварналиев, без никаква потреба за лик без никаво значење за македонската историја, ПРЕГОВОРИТЕ продолжуваат за македонскиот јазик и македонскиот народ. Тоа, власти наши, не се ПРЕГОВОРИ туку капитулација. Категоријата ПРЕГОВОРИ би имала свое значење доколку како пандан на споменикот на Каварналиев во Дојран, му се подигнеше споменик на Блаже Конески во Благоевград, во градот каде македонските деца во 1947 година го учеле мајчиниот литературен македонски јазик, чиј основоположник бил Конески. Категоријата ПРЕГОВОРИ подразбира разбирање и взаемно почитување, а не полтронство од една и силеџиство од друга страна.
Историски гледано, македонската територија и македонскиот народ биле и сѐ уште се најпосакуваните за касапење, асимилирање, претопување и обезличување во историјата на Балканот. Посебната „љубов“ која ја чувствуваме од добрососедските ни народи, е ПОСЛЕДОВАТЕЛНОСТ на настани и активност и на домародни одродници, сместени во вистински институции, во еден исклучително значаен ПРОСТОР во срцето на Балканот, во ПЕРИОД кога „браќата ни“ се членки на една Унија која глуми демократија и еднаквост на народите. А ние и нашата држава како непроценлива ВРЕДНОСТ за нив, постојано сме подложени на понижување, оти галеничињата на оние „водачите“ не смеат да бидат незадоволни што категоријата ВРЕМЕ премногу им се оддолжила за да се прифати нивната вековна лага. Денес, настапува она што е најмизерната категорија во историјата, а тоа СИЛЕЏИСТВОТО, кое со децении им е наметнато на Македонците.Е па, „пријатели“, историјата и нејзините категории велат: Не е ДОСТА, ПРЕМНОГУ Е./ Проф. д-р Катерина Тодороска , Научен советник/редовен професор во Институт за национална историја.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden