Националниот театар во Тирана еден од најубавите и најзначајните објекти заминува во минатото (ВИДЕО)

Националниот театар кој се сметаше за еден од најубавите и најзначајните објекти по кој е препознатлива албанската метропола, заминува во минатото. И покрај противењето на тетарските работници, граѓани, граѓански здруженија, партии па дури и претседартелот Илир Мета, утринава во 4:30 часот градежна механизација почнала со уривање на објектот. Веднаш се создала тензична ситуација која довела до судир меѓу полицијата и активистите од Алијансата за заштита на тетарот,по што дел од нив биле приведени а активностите за уривање прекинати.

Состојбата во Тирана каде се наоѓа објектот и понатаму е тензична. Насобраните граѓани се обидуваат да го пробијат полицискиот кордон. Целиот комплекс „Национален театар“ опфаќа површина од 13 илјади квадратни метри, а на седум илјади од нив е објектот во кој освен театарот се и библиотеката, центарот на преведувачи, информативниот центар и слично. Тој е дело на италијанскиот архитект Џулио Берте, изграден 1938/39 година по барање на албанското кралско семејство. Одлука за негово уривање донесе албанскиот парламент во септемри 2018 година ,со ветување од Владата дека ќе изгради нов посовремен објект.

По масовните протести и несогласувања Владата не успеа да го реализира неговото уривање. Деновиве таа го пренесе во сопстевност на општина Тирана, чиј совет на онлајн седница во четвртокот ја донесе судбоносната одлука за овој објект. Албанскиот претседател Илир Мета, до Уставниот суд достави барање за испитување на уставноста на одлуката на Владата со која Националниот театар преминува во сопственост на општина Тирана, оценувајќи ја за антиуставна и оти е закана за богаството и јавниот имот.