
Меѓу иконите, сепак, најмногу интерес привлекува претстава на чудотворната икона на св. Јован Крстител за која се верува дека постои од почеток на 11 век, а во 1885 година била облечена во сребрен оков. Оние што го посетиле манастирот велат дека таа носи мир, спокојство и радост, дека им помогнала на многу верници кои се помолиле, па затоа монасите кои живееле тука во 19 век, на оковот од иконата, додале и трета рака, во спомен на чудата што Крстителот ги прави… Таа е само дел од најскапоцените икони на Бигорскиот манастир кои во вид на копии се претставени деновиве во Охрид во рамките на изложбата посветена на 1000 години постоење на Бигорскиот манастир
Манастирот „Свети Јован Бигорски“ е еден од најзначајните историски споменици во земјата. Основан во 1020 година од првиот охридски архиепископ Јован Дебранин, тој е посветен на Крстителот Господов, Свети Јован, за кого самиот Господ Исус Христос рекол дека меѓу родените од жена нема поголем од него. Токму иконите од овој манастир стар илјада години, зборуваат за духовниот живот на нашиот народ, култот кон овој светец, а верните копии на оние најубавите и највредните, деновиве се претставени и во галеријата на Центарот за култура во Охрид. Тие предизвикаа голем интерес кај јавноста, и кај оние што веќе го посетиле Бигорскиот манастир, но и оние кои за првпат имаат можност да го видат ова наше културно наследство.

“Ова е изложба поддржана од Министерството за култура која ја организира ансамблот „Македонија“ во соработка со Бигорскиот манастир. Тоа е еден поголем проект во рамките на кој освен изложбата сакаме да претставиме и традиционална култура воопшто на целиот Рекански регион“, вели проф. д-р Владимир Јаневски, претседател на ансамблот. А токму на изложбата која имаа можност неодамна да ја видат и битолчани, се прикажани најдрагоцени икони на овој манастир во оригинална големина. Осум олтарни икони, по две чудотворни и тронски икони (владички и игуменски трон), три икони од 16-от век, еден капак од кивот од светите мошти, една плаштеница и две фрескоикони… Нивната убавина и приказна со векови го привлекуваат интересот на домашната и странската јавност. Меѓу иконите сепак, најмногу интерес привлече претставата на чудотворната икона на св. Јован Крстител за која се верува дека постои од почеток на 11 век, а во 1885 година била облечена во сребрен оков. Оние што го посетиле манастирот велат дека таа носи мир, спокојство и радост, дека им помогнала на многу верници кои се помолиле, па затоа монасите кои живееле тука во 19 век, на оковот од иконата, додале и трета рака, во спомен на чудата што Крстителот ги прави.

Дел од верните копии е и иконата на најголемата светогорска светиња, изработена во 2009-та. Дел од изложбата е и копија на капакот на кивот со мошти направен по нарачка на игумен Арсениј и исцртан од зографите Михаил и Димитар во периодот од 1833-1835 година. На капакот од надворешната страна, во медалјон од ковано сребро, е изработено Распетието Христово, а од внатрешната страна, се живописани ликовите на светците, чии мошти се вградени во кивотот. Меѓу другите копии се и иконите Собор на Светите 12 апостоли, престолна икона живописана од зограф Михаил во 1831, Богородица Царица со Исус, престолна икона од зографите Димитар и Михаил 1831 година, Богородица со Христос и св. Јован Претеча од Михаил зограф во 1829, плаштеница оплакување Христово од Димитар зограф во 1834, Исус Христос Великиот Архиереј, икона на зограф Димитар за владички трон. Проектот, пак, кој поради пандемијата не може целосно да се реализира, според Јовановски всушност е поголем и опфаќа и музички перформанс и претставување на носии од Реканскиот регион.

“Во план е изложбата да биде прикажана во повеќе градови во Македонија, а во септември целиот проект кој започнува со црковно-византиското пеење кое се изведувало во Бигорскиот манастир, ќе го изведуваат уметниците од ансамблот „Македонија“. Потоа следуваат световни обреди, а ќе биде прикажан и дел од мијачката свадба. Исто така ќе се изведува Тешкото, неколку мијачки свадбено обредни ритуали, женските поворки водичарки кои пеат за св. Јован. Целиот проект ќе се одвива во носии од крајот на 19 и почетокот на 20 век со околу 40 уметници на сцена. Тука се прикажани и голем дел од религиозните обичаи меѓу кои се битушките водици, после машките поворки, како и женските ора во тој регион…“, додава Јаневски.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden