За флизерот и магарето

 

Проф. д-р Катерина Тодороска

И овој пат се потврдува мојата девиза „Историјата се повторува, само играчите се менуваат“. За да стане појасно на што мислам, малку предисторија. На http://www.pravo.org.mk/documentdetail.php?id=784 ќе прочитате дека на 28.09.2007 стапил на сила ЗАКОН ЗА ОСНОВАЊЕ НА НАЦИОНАЛНА АГЕНЦИЈА ЗА ЕВРОПСКИ ОБРАЗОВНИ ПРОГРАМИ И МОБИЛНОСТ. Овој Закон за основање на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност доживеал бројни промени објавувани во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 113/2007, 24/2011, 24/2013, 41/2014, 145/2015, 55/2016 и 64/2018.

Во општите одредби, покрај другото стои:

Член 1
Со овој закон се уредуваат основањето, работата, раководењето, управувањето, финансирањето, надзорот над работата, како и други прашања поврзани со работата на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
Член 2

За остварување на Програмата за доживотно учење 2007-2013 и Програмата Млади во акција 2007-2013 (во натамошниот текст: програмите), како и за програмите кои ќе ги наследат по нивното завршување, други програми и проекти на Европската унија, програми и проекти на меѓународно ниво во областа на образованието, науката, истражувањето, младите, спортот и мобилноста и програми кои и се даваат во надлежност се основа Национална агенција за европски образовни програми и мобилност (во натамошниот текст: Националната агенција) која е самостојна во своето работење.

Иако, покрај другото, оваа Агенција имала можност и за финансирање на одредени проекти и истражувања од науката, ние како вработени во ИНИ немавме никакви информации за тоа. А ако некој знаел, тоа биле оние ДПМНЕ-вски научници, кои денес благодарение на мимикријата како природна појава, успешно се претопија и вклопија во актуелната политичка структура. Во почетокот на 2010 година неколкумина од нас, благодарение на нашите дотогашни меѓународни активности на полето на науката и образованието, добивме покана да присуствуваме на 17-та годишна конференција на тема “A Bridge Too Far? Teaching Common European History, Themes, Perspectives and Levels”, во Нијмеген, Холандија од 22 до 28 март 2010 год. организирана од ЕУРОКЛИО (Европската асоцијација на историчари). Решивме да одиме четворица колеги од Македонија, сакајќи таму да има претставници од нашата држава, кои ќе ги презентираат нашите искуства на полето на историографијата и наставата по историја. Но, проблем беше котизацијата од 1100 евра по човек. Со нашите плати беше невозможно да се плати таа котизација, плус пат. Јас си ја зедов обврската да комуницирам со задолжените за оргнизација на конференцијата. После првичната електронска порака, во која ги испратив и нашите биографии, објаснив дека нам котизацијата ни е сериозен проблем. Во меѓувреме, се упатив во МОН за да видам дали постои можност да ни се плати котизацијата за учество на Конференцијата, но одговорот беше дека тоа се многу пари.

Следеше пораката од организаторите кои ја намалија котизацијата за нас на 900 евра, но и информација за можноста преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност да обезбедиме пари, како  и лице за контакт.Се јавив во Агенцијата, во која дури беа и навредени што некој се дрзнал да се јави да им бара пари.

И да не должам. Пари од Агенцијата НЕ добивме, а МОН не помисли да нѝ пмогне. Така, на Конференцијата на ЕУРОКЛИО во Холандија немаше претставници од Македонија. По некој ден, беше испратена Комисија од ЕУ, за да провери како и каде се трошат парите во Националната агенција. Податоците кои тогаш излегоа од работата на Комисијата, беа поразителни. Веднаш се јавија ДПМНЕ-вските елитни фаци да раскажат дека е срамно тоа што се правело во Националната агенција, која требало да биде еден од столбовите за нивната перзерзно изведена образовна реформа во рикверц. Побараа итна и темелна истрага и казнување на сите инволвирани во тој скандал. И толку. Паднаа снегови, покрија трагови.

Епилогот беше, укинување на европските пари за Агенцијата на неколку години, а како и со кои пари располагаше Агенцијата до до повторното воспоставување на праксата за хранење со европски финансии, не можам да најдам податок.Во едно свое интервју од 07 август 2010 год. тогашната директорка на Македонскиот центар за европско образование, Лидија Димова изјавила: ,,Капацитетот на македонската Влада да ги програмира парите е многу мал. Прво поради тоа што луѓето кои се разбира во програмирање се отпуштени од државната администрација. Сега ги гледаме фактички последиците од отпуштањата што се случија во 2007-2008 година од Секретаријатот за европски прашања и сега имаме луѓе кои се тотално некомпетентни, кои програмираат пари од ИПА, а кога ги програмираат парите ги гледаат сопствените проблеми – во овој момент, во овој простор и време.“ (https://www.slobodnaevropa.mk/a/2120989.html).

Да, тогаш оние од ДПМНЕ, „кога ги програмираат парите ги гледаат сопствените проблеми – во овој момент, во овој простор и време“, сега истата директорка ги програмирала парите од ЕУ, ги програмирала по ДПМНЕ-вски рецепт. Само што, наместо директно средствата да се слеваат и трошат за потребите на ДПМНЕ-вските пулени, сега европските финансии поддржуваат пулени на СДСМ „во овој момент, во овој простор и време“.

Денес, после скандалот со распределбата на средствата од Национална агенција за европски образовни програми и мобилност за се јавија СДСМ-овските елитни фаци да раскажат дека е срамно тоа што се правело во Националната агенција, и побараа итна и темелна истрага и казнување на сите инволвирани во тој скандал. И толку. Иде зима, ќе паднат снегови, ќе покријат трагови. И за крај, да. Историјата се повторува, само што овие играчи се бетер од оние претходните.