ВМРО-ДПМНЕ со сестрински партии ќе работи за напредок на регионот

Под покровителство на германската Фондација „Конрад Аденауер“ во Скопје се одржа конференцијта „Конзервативните народни партии градат мостови кон заедничка европска иднина“, на која се обрати и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„За нас ова претставува посебен момент бидејќи, освен нас, освен коалицијата ‘Алијанса за Албанците и Алтернатива’, тука се и претставници од нашата сестринска партија од Албанија, Демократската партија, што ја предводи мојот пријател, господинот Љуљзим Баша, со кој имаме исклучително квалитетна соработка и во рамките на Европската народна партија“, посочи Мицкоски во своето обраќање.

„Како сестрински партии во рамките на Европската народна партија, заедно со нашите пријатели овде во Македонија, тоа се Алијансата на Албанците и Алтернативата, можеме и тоа како да придонесеме во иднина за брз напредок на нашата држава во рамките на евроинтеграциите и спроведувањето на реформскиот процес. Она што денеска нè обединува е нашата десна конзервативна идеологија“, додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој објасни дека на настанот не успеале да присуствуваат претставници од сестринска партија ЛДК од Косово, кои сепак, како што рече, ќе земат учество преку видеоврска.

„На овој начин и тие ќе може да ги пренесат нивните очекувања од годините што следуваат, а поврзани со европерспективите во регионот“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.