Светскиот Македонски Конгрес: Солун отсекогаш бил во Македонија и браќата Св. Кирил и Метотиј биле Македонци

Светскиот Македонски Конгрес (СМК) ја оценува за анти-историска одлуката на Парламентот на Бугарија за преименување на празникот 24 Мај од “Ден на бугарското образование и култура и словенско писмо“ во “Ден на светите браќа Кирил и Методиј, на бугарската азбука, образование и култура и на словенската литература“, со образложение дека Светите Солунски браќа Кирил и Методиј се Бугари, а кирилицата е бугарска азбука. Исто како што и досега, официјална Софија, целата историја на Македонија до 1944 година ја смета за бугарска, Македонците ги смета за Бугари, а Македонците во Бугарија тврди дека не постојат! СМК смета дека Софија очигледно не може да се одлепи од Санстефанска Голема Бугарија од 3 март 1878 година, таа хегемонистичка политика претставува постојана закана за мирот и безбедноста на Балканот во целина. СМК смета дека независно од разликите во читањето на историјата, Македонија и Бугарија меѓусебните односи треба да ги градат врз основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност, што подразбира: взаемно почитување и разбирање, соработка по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи и реципроцитет во меѓусебните односи. СМК укажува дека флоскулата “заедничка историја“ од Договорот Заев-Борисов од 1 август 2017 година не значи “Македонците се Бугари“! Македонците и во поранешна СФР Југославија имаа заедничка историја со Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора, но не беа Словенци, Хрвати, Босанци, Срби или Црногорци, туку беа и останаа Македонци! СМК бара итно и безусловно распуштање на меѓувладината македонско-бугарска комисија за ревизија на македонската историја! Македонците по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, ја отфрлаат новата политичка историја на Македонскиот народ и Македонија креирана во Софија! Македонците по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, отфрлаат заедничко чествување на личности, датуми и настани од историјата на Македонија и Бугарија, поради разлики во читањето на историјата, и обид на Софија да декларира пред светот дека Владата во Скопје е согласна: До 1944 година Македонците биле Бугари, а Македонскиот јазик е дијалект на Бугарскиот јазик!
СМК потсетува дека разликите во читањето на историјата, како суверено право на државите, се ирелевантни за идентитетот на народот и јазикот, не се важни за државноста и членството на државата во сојузи на држави и меѓународни организации! За СМК ирелевантна е бугарската историја, Софија нека си слави личности, датуми и настани како и досега, отфрламе бугарско мешање во внатрешните работи на државата Македонија, Македонците имаат право на самоопределување и на сопствена историја, бидејќи историјата не е ексклузивно право ниту догма со монопол! СМК потсетува дека иако во светот сме единствената држава со името Македонија, свесни дека Империјата Македонија не може да се супституира во Републиката Македонија, Ние, Македонците, макар и еднострано, декларираме: Културата и историјата на Македонија не се ексклузивно право, туку дел од културно-историскиот идентитет на сите балкански демоси како современи политички нации во чијашто основа е македонскиот етнос, независно од разликите во читањето на историјата од аспект на актуелната геополитика, дури и независно од разликите меѓу современите литературни јазици како производ на современите политички нации! СМК повторува дека го отфрла асиметричниот Договор Заев-Борисов, како обид на Софија, Македонија од држава да стане територија без народ и историја чиј администратор ќе биде Бугарија! СМК го смета за ништовен Договорот Заев-Борисов, бидејќи врши флагрантно кршење на Виенската конвенција за договорно право и претставува грубо мешање на Софија во внатрешните работи на државата Македонија! И покрај се’ и после се’, СМК предлага македонско-бугарско историско помирување и склучување на Договор за траен мир и добрососедство меѓу Македонија и Бугарија, но врз основниот принцип на меѓународното право на еднаква сувереност што подразбира: взаемно почитување и разбирање, соработка по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи и реципроцитет во меѓусебните односи!