
Има една работа која многу ме нервира. Тоа е oзборувањето. Мачно ми е од слушање и читање семожни јазични иновации, адресирани кон луѓе кои ниту ги виделе, ниту знаат за што е муабетот. Ама ете, да си ја олеснат сопствената гнасотија одредени индивидуи решаваат да блујат оган кон други.
За таквите, секогаш е валидна онаа народната „озборувањето многу повеќе зборува за озборувачот, отколку за озборуваниот“.
Во времето кога го објавивме формирањето на политичката партија Демократи, се изначитавме сѐ и сешто. И за претседателот Јорго Огненовски и за другите основачи. Колку беше тажно да се чита што, како и зошто не нѝ е по мерка. Некој имал долг нос, друг имал тенка уста, трет имал машка фризура итн. итн.
Дниве се потсетив на тоа време. Се изначитав „добронамерности“ во врска со промовирањето на едно движење, кое има намера да почне со поинаква (не)политичка активност на македонската сцена, различна од онаа, досега познатата. Колку што јас разбирам, се работи за обединување на луѓе со различни професии, различни политички убедувања, различни етноси. Луѓе кои немаат друга намера освен да се обидат да ги намалат, или ако имаат поддршка, да отстранат дел од аномалиите во државата.
Покрај другите „забелешки“ за идејата за создавање и работа на тоа движење му се припишува и потребата од ПАРИ за реализација на зацртаните планови.
Е тоа е она за што сакам да го прочитам вашето мислење.
За парите.
Со децении ние, како граѓани на Република Македонија, секоја години ги финансираме политичките партии за нивната работа. Замислете, ние го плаќаме опстанокот на „здруженијата“ на оние кои ги плаќаме да работат за нас, а не против нас.
И со децении, оние „здруженија“ во облик на партии, кои се менуваат на македонската политичка сцена, ја злоупотребуваат народната волја, живот и трпение.
Последниот шамар на народот, политичките партии му го врзаа пред десеттите по ред парламентарни избори во Македонија, одржани на 15 јули 2020 година.
Имено, сакајќи да одглумат душегрижници за македонските граѓани, во време на пандемија од КОВИД 19, измислија дека ќе се откажат од годишните пари за финансирање на партиите. Во тој филм, најпрво нѐ воведе со своја објава на ФБ, министерот за правда Рената Десковска.
Рената Дескоска
Март 22, 2020
Како министер за правда во чија надлежност е Законот за финансирање на политичките партии ќе предложам уредба со законска сила со која ќе се укине годишното финансирање на политичките партии кое треба да се исплати оваа година. Се надевам дека сите политички партии ќе ја поддржат предложената уредба. СолидарностНаДело.
На објавата поверувале многумина, кој со одобрување, кој со љубов, кој со воодушевување.
Во врска со таа објава, 31. 03. 2020 година од ИРЛ, кои податоците ги добиле од Министерството за правда, разбравме дека, „… Во конкретни бројки, тоа се од 4,5 милиони до 5 милиони евра, во зависност од годишниот буџет“.
Според истиот извор “… Вкупно 39 политички партии оваа година добија пари од буџетот согласно новиот Закон за финансирање на политичките партии. Исплатени се 4.583.000 евра, а дополнително треба да се распределат уште 319.800 евра за партиско – аналитички центри“. (Претпоставувам дека „оваа година“ во текстот се однесува на добиени средства од буџетот во 2019 година, кои биле исплатени во март 2020 година).
Приказната започната од Дескоска на широко и на долго се користеше во предизборието од СДСМ, со постојано нагласување дека партиите ќе останат покуси за 4.000.000,оо евра, кои како солидарност на дело ќе одат кај граѓаните.
Ама. Секогааш има едно ама.
Согласно најавата, тогашната Влада навистина донела Уредба, ама НЕ ЗА УКИНУВАЊЕ туку за ФИНАНСИРАЊЕ на политичките партии за 2020 година
Повелете.

Да не биде покусо работата, во екот на подготовките за избори, во вонредна состојба Владата на 22 јуни 2020 година, си донела уште една „Уредба со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за финансирање на политичките партии во 2020 година“. Таа гласи:
Врз основа на член 126 од Уставот на Република Македонија и член 36 од Законот за Владата на Република Македонија ( „Службен весник на Република Македонија“ бр.59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 169/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.98/19) Владата на Република Македонија, на седницата одржана на 22 јуни 2020 година донесе
УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ФИНАНСИРАЊЕ НА ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ ВО 2020 ГОДИНА
Член 1
Во Уредбата со законска сила за финансирање на политичките партии во 2020 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 166/20), во член 1, по зборовите „Буџетот на Република Македонија за 2020 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 265/19)“ се додаваат зборовите „и Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2020 година за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Македонија“ бр. 126/20)“.
Член 2
Во член 2 во ставот 2, по зборовите „Буџетот на Република Македонија за 2020 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 265/19)“ се додаваат зборовите „и Уредбата со законска сила за изменување и дополнување на Буџетот на Република Македонија за 2020 година за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Македонија“ бр.126/20)“.
Член 3
Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.
Бр.44-6213/1 Претседател на Владата
22 јуни 2020 година на Република Македонија,
Скопје Оливер Спасовски, с.р
Се разбира, измамата со солидарност на дело беше со две раце прифатена од народот, гладен да верува во нешто убаво, како што беше веста дека наместо партиите, тој ќе ги добие своите пари. Откако завршија изборите, а староновите „владетели“ се устоличија во фотелјите по принципот „ние мислиме на нашите“, заборавија дека јавно говореа за солидарност.
Осоколени и цврсто сместени меѓу облаците, „народните пратеници“ заборавија на народот. Само некој месец по устоличувањето, на 07. 12. 2020 год. во гласилата прочитавме „…Викендов експресно беше изгласана распределбата на 3,5 милиони евра за финансирање на политичките партии, без полемики, смешни амандмани и обвинувања. Јавноста прашува: дали државата треба да ги финансира партиите?.
Политичките партии од власта и опозицијата кои изминатиов период се чини за ништо не можеа да постигнат согласност и да ја одблокираат работата на парламентот, викендов сепак се обединија за експресно да изгласаат распределба на 3,5 милиони евра за сопствено финансирање. И покрај критиките на јавноста, тие не се откажуваат од средствата, ниту имаат намера да ги донираат. Напротив, се жалат дека останале со помалку финасии – со новото законско решение, наводно, предвидено е намалување на финансиските средства во однос на 2019 година за 30%.“
Тогаш заврши и глумењето „крвни“ душмани меѓу партиите партиципиенти во Собранието, нешто што го практикуваат со децении, закрвавувајќи го народот со делби и измами. И така, пред да се вратите на „душегрижништвото“ за движење -то, помислете колку лаги и понижувања сте голтнале од оние кои ги плаќате, а кои директно и индиректно ви го уништуваат домот т.е. државата. За крај, повторно сакам да ве прашам, дали државата треба да ги финансира партиите? П.С. За овие две Уредби имало поднесок пред Уставен суд, У.бр. 246/2020./Проф. д-р Катерина Тодороска
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden