Точка по точка, слика

Претпоставувам, се сеќавате на оние сликички кои ги исцртувавме со спојување на точките означени со бројчиња. Да, токму тие кои нè учеа ем на бројки, ем на љубопитство што би излегло со поврзување на сите точки. Тоа се тие точки кои не учеа да размислуваме и да поврзуваме.

Проблемот што некои не поврзувале точки како мали, сега го живееме сите.

Што ми е мислата?

Кога некој ќе се нафати да биде министер, пред да рече ДА за одредената понуда, треба да знае со кои квалификации располага. Така, за да бидете министер за образование и наука, најмалку што треба да знаете е дека вашата биографија е барем еднаква на вработен во образование/наука со 10 годишен стаж. Барем толку. Во спротивно, преземате ризик да бидете неуспешен, излажан, исмеан министер.

Но, следејќи ги искуствата во Република Македонија во последниве 20-тин години, со лицата кои се нафаќаа да ја вршат функцијата министер за образование и наука, може да се заклучи дека за таа работа може да се нафати секој потпросечен партиски кловн. Единствено што треба да има е факултетска диплома, макар таа да е фалсификат или да е купена.

За соодветноста на дипломата со министерското место, не се разговара. Оти тие партиските кловнови, ги бива да уништат сѐ и сешто, а за тоа секако соодветно сеобразовани.

Посебна приказна за министерувањето во ресорот образование и наука е поставувањето на ликови во стилот другарче на моето другарче, секако со партиско капче.

И така, се менуваа вртелешки и вртимушки, те на ова столче, те на она столче, а тие и такви, македонското образование и наука ги струполија во бездна.

Меѓу многуте ликови кои „продефилираа“ како министри за образование и наука сме имале и штетни и погани и неписмени и простаци, ама актуелно ја имаме, „црешата на тортата“.

Но, за да ја пренесам мојата порака со овој текст, ќе почнам со историјатот на ѕвездената кариера на актуелниот министер/КА за образование и наука.

Како сериозно подготвен кадар од „невладините“ и „непрофитабилни“ организации, Мила Царовска станала специјален советник во кабинетот на министер/ката за труд и социјала Фросина Ременски, од крајот на 2015 до средината на 2016 година.

Mила Царовска во периодот од 1-ви јуни 2017 година до 3-ти јануари 2020 година ја извршуваше функцијата министер/ка за труд и социјална политика, потоа е именувана заменичка на претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори, функција на која беше именувана на 4-ти јануари 2020 година, за, согласно нејзините способности, на 30ти август 2020 година да стане и министер/ка за образование и наука.

На интернет страната на Министерството за образование и наука ќе прочитате: „… Поради своето богато работно искуство, Царовска е ангажирана во дванаесетина  домашни и меѓународни организации како експерт од својата област….

….Царовска поради својата посветеност на  социјалната работа се здобива и со повеќе од 24 сертификати од домашни и меѓународни институции, како доказ за нејзината посветеност и преданост на проблематиката од социјалната сфера“.

Значи, Царовска станува министер/КА за труд и социјална политика на 1 јуни 2017 година, а по две години. Во јуни 2019 год. излегува во јавноста информација во СКУП во која се констатира „збогатувањето“ на Мила Царовска за шест пати, споредено со првично пријавениот имот. Нормално, по обелоденувањето на информацијата, Царовска барала извинување од СКУП, а наместо неа „…Од Министерството објаснуваат дека станува збор за надополнување на анкетниот лист со имот на родител, со кој Царовска не живее заедно. ‘Освен земјиштето во Јастребник кое што е новостекнато, сите други ставки во анкетниот лист се надополнување. Надополнувањето е направено за поголема транспарентност, иако по Закон не треба да се пријави бидејќи станува збор за имот на родител со кој министерката не живее во исто домаќинство“.

Сигурно се прашувате зошто Министерството за труд и социјална политика се нашло засегнато со информацијата, па со своја објава го објаснува збогатувањето на родителот?

Веројатно, поради фактот што Министерството ѝ беше наследство од родителот.

Како што веќе спомнавме, од богатата биографија на министер/КАТА, откако го заврши средувањето на секторот труд и социјална политика, каде според податоците на СКУП сериозно се остручнила за економските прашања, беше прешалтувана во фотелјата на заменик претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економски ресори. Претпоставувам дека „ефикасноста“ во работата на министер/КАТА на двете претходни фотелји, ѝ го обезбеди и трончето во Министерството за образование и наука. Секако, и таа со своите „познавања“ од областа на образованието и науката се почувствувала способна „ефикасно“ да ги „реши“ и овие две области во македонското општество. За таа цел, само во 100 дена „успеа“ да осмисли и на 15 декомври 2020 год. да ја промовира т.н. реформа за основното образование. За тој документ нема да зборувам, оти сметам дека е недостоен за повеќе зборови од оние кои веќе ги имам напишано и кажано.

Но, затоа пак, ќе се обидам да обележам неколку точки, кои ќе помогнат во доцртувањето на „ликот и делото“ на главата за оваа „реформа“.

Веднаш по обелоденувањето на „реформата“ сите повикани и засегнати институции и поединци, се јавија со свои ставови. Во нив, јасно и гласно беше искажано незадоволството од набрзина скроените решенија. Најмногу се реагираше на необјаснивото спојување на предмети кои, реално, се неспоиви. Така, предложениот модел на спојување на предметот историја со географија и граѓанско општество во еден предмет ОПШТЕСТВЕН НАУКИ можел да го направи само човек кој НЕМА основни познавања за овие предмети, а уште помалку, науки. Веројатно креаторите на „реформата“ од реакциите научија дека ИСТОРИЈАТА Е ХУМАНИСТИЧКА НАУКА, а не општествена.

Така, само ден по објавувањето, на 16. 12. 2020 год во јавноста се појавија реакции со неодобрување на „реформата“, а кои во следните денови се намножија, од страна на:

– МАНУ;

– Сенатот на УКИМ;

– Филозофски факултет;

– Институт за историја при Филозофски факултет;

Студенти на Институтот за историја;

Институт за национална историја;

Наставници по историја од Кратово, Кочани, Валандово, Струмица и Скопје;

Асоцијацијата на историчари;

Македонското географско друштво;

Здружение на музички педагози;

Здружение на ликовни педагози;

СОНК, чиј претседател подоцна омекна и многу други.

Не мал беше и бројот на лицата кои индивидуално ја искажаа својата загриженост од несоодветната и избрзана т.н. реформа во основното образование.

Меѓутоа, објавите кои официјално беа презентирани на интернет страната на МОН и вестите кои министер/КАТА упорно ги форсираше по провладините медиуми се однесуваа на лица и „институции“ кои со воодушевување ја прифатиле предложената реформа. Тука беа:

Тројца МАНУ-ци;

Директорите на училиштата кои МОН ги аминува за директори;

Една историчарка, од центарот на општото македонско внимание;

Директорот на ИНИ и неговиот соработник во Комисијата за образовни и историски прашања со Бугарија;

Неколку „ултра интелигентни“ измеќари.

Ваквите информации, во нормална држава за еден процес се нарекуваат ФАЛСИФИКАТИ бидејќи едностраното информирање и недавањето на целосна слика е ФАКСИФИКАТ. Овој пат директно направен и поддржан од министер/КАТА за образование и наука. А за санкционирање на  ваков очебиен ФАЛСИФИКАТ, претпоставено е дека постојат институции. Се извинувам, тоа би било во нормална држава.

Како резултат на разногласијата во јавноста, како и неуспехот на министер/КАТА да ги запре критиките за понудената верзија на т.н. реформа за основното образование, веројатно беше причина за свикување на расправа во Собранието на Македонија по тоа прашање во петок на 5 февруари 2021 година.

За присуство на ЈАВНАТА расправа, требаше покана, па грото од учесниците кои зедоа учесто се заблагодарија што биле поканети.

Но, да се вратиме на расправата.

Комисијата за образование, наука и спорт, во рамките на нејзината 7. седница, одржа Јавна расправа по „Нацрт-концепцијата за основното образование“, која ја водеше претседател/КАТА на Комисијата за образование, наука и спорт, Жаклина Лазаревска. Таа во воведниот дел од расправата, на сите што гледавме „ФБ на министер/КАТА“ ни‘ раскажа дека „…Поканети се и претставници на меѓународните преставништва во земјава кои ги поддржуваат образовните реформи“. По оваа аналогија, очекувано беше да бидат поканети и македонските претставници кои учествувале во носењето на образовните реформи во државите каде ја претставувале Македонија. Или, на ниту една друга држава не ѝ паднало на памет да вика дипломати или претставници на туѓи држави да учествуваат во реформирањето на образованието во државата во која времено ја претставуваат својата држава?

Нејсе.

Бледото и повеќе од цинично обраќање на воведничарите, не заслужува комантар. Ќе потенцирам само еден исказ на Царовска. Имено, она што дотогаш беше предмет „Општествени науки“, стана „Новите предмети ќе се викаат ‘Човекот и општеството‘ и ‘Историја и општество“. Ваквиот козметички и набрзина иновиран потфат, историјата ја касапи и расфрла натаму, наваму, со желба на народот да му се фрли пепел во очи. Патем, ова може да се протолкува само како изјава на некој кој не чул, или не разбрал, или не поврзал факти од двомесечното општо аргументирано негодување на предлогот за квази реформа во основното образование.

Како заклучок од јавната, ама затворена, расправа по „Нацрт-концепцијата за основното образование“ излезе, повторно на интернет страната на МОН, соопштение кое во најмала рака, може да се оцени како ФРИЗИРАН ФАЛСИФИКАТ. Ова самоволно и несериозно писание, има шанса да остане како официјален документ на МОН во врска со еден настан, со чија содржината нема врска.

Сигурно, повторно ќе се прашате, зошто Министерството за образование и наука, како институција, си дозволува да објавува вакви ФАЛСИФИКАТИ на својата интернет страна.

А одговорот очекувам да го насетите од погоре.

И за крај. Откако ги поврзавме досега јавно достапните точки, однесувањето на видните ликови во оваа папазјанија како процес за уништување на македонското образование станува многу појасно ако се слушне изјавата на проф. Медодиј Чепреганов: Однесувањето на функционерот влече корени од неговото детство.

Според него, „Невронауката вели дека само несозреани луѓе во момент на искушение во момент на моќ, ја оствариле со вакви онакви, партиски не партиски секакви услови, кога ќе дојдат во таа состојба тие немаат доволна зрелост да можат да просудат кои ќе бидат последиците од тоа што го прават и одат во една друга насока што се вика алчност, страст за пари, за криминал и т.н. Меѓу другото, тој предлага: „Да се тестира секој еден што ќе има јавна функција и има влијание во животот на сите во едно општество“.

И доколку го послушаме советот на М. Чепрегнов, претпоставувама нема да имаме вртимушки на јавни функции, кои имаат влиание во животот на сите нас.

Очекувам нова анализа на СКУП и збогатување на точките за поврзување и дооформување на главниот лик од текстот./Проф. д-р Катерина Тодороска