Уништување на иднината на децата во името на здравјето на децата

Проф. Д-р Катерина Тодороска

Овој текст не е наменет за оние со розеви очила и огламници на глава.

Позната е изреката „ако сакаш да уништиш држава, уништи го образованието“. Чувствувајќи дека тоа се практикува во Македонија, сакам да кажам мое мислење за темата после една година од затворањето на училиштата во Македонија. Во таа една година се изнаслушавме и изнагледавме семожни егзибиции во образованието, кои во нормална држава, која сите ја посакуваме, се недозволиви.

Ќе нагласам дека независно од тоа дали ќе посакате да не ги гледа егзибициите во областа образование на апсолутните непознавачи на областа образование, секојдневието не ви дава мир и не ви оставаа простор да не изреагирате.

Но, да почнеме од почеток.

Не можам, а да не го посочам фактот што кон крајот на јануари и почетокот на февруари 2020 година, во училиштата имаше по 7 до 10 деца во одделение. Сите беа болни од „грип“, нешто потежок од обичниот. Поради тоа, нема да се согласам со официјалните тврдења дека во Македонија немало заболени со корона вирусот пред првиот регистриран случај на 26. 02. 2020 година. Но, ќе се согласам дека до тогаш не се правеле тестови за проверка на заболените од овој вирус.

Истиот ден, се чувствуваше паниката сред македонските граѓани, кои неконтролирано купуваа маски и други потрепштини. Во таква состојба, министерот за здравство Филипче, изјави: Маските не се начин за заштита од коронавирус, напротив, го зголемуваат ризикот од инфекција. (https://360stepeni.mk/filipche-maskite-ne-shtitat-od-koronavirus-naprotiv-go-zgolemuvaat-rizikot-od-infektsija/).

Во период на распуштено Собрание поради закажаните избори, претседателот на Македонија, Стево Пендаровски прогласи вонредна состојба на 18.03.2020 година,. “Шефот на државата образложувајќи ја одлуката рече дека ‘фактот што за прв пат од нашата независност прогласуваме вонредна состојба укажува колку е сложена ситуацијата во која се наоѓаме и колку е голем ризикот за сите нас.“ Вонредната состојба траеше до 23 јуни 2020 година, со прекин од 13 до 15 јуни 2020 година (irh.org.mk/storage/app/media/Publications/Анализа на донесените уредби со законска сила за време на вонредната состојба).

Се редеа полициски часови, затворања со денови на граѓаните, а целата работа според најповиканите министри, во тоа време, требаше да заврши за два-три месеци. А денес, наоѓајќи се во истата ситуација никој не дава отчет што се постигна со воведувањето на вонредната состојба и долготрајните полициски часови.

Но, да се задржиме на темата.

Меѓу првите мерки за заштита од епидемијата/пандемијата, на 30.03.2020 год. беше предложено во Македонија да се затворат сите градинки, училишта и факултети поради коронавирусот. Имено, „Комисијата за заштита од заразни болести на денешната седница заклучи дека е потребно проширување на мерките за заштита од коронавирусот. Таа препорача сите градинки, училишта и факултети да бидат затворени во следните две недели“. (https://360stepeni.mk/od-utre-vo-makedonija-se-zatvoraat-site-gradinki-uchilishta-i-fakulteti-poradi-koronavirusot/).

Реално, исплашени од непознатиот непријател, граѓаните на Македонија сите предлози и мерки кои им се сервираа си ги прифаќаа, а децата останаа дома. И тоа без никаква анализа на тоа што се случуваше со нивното здравје пред месец-два.

Секако, грешките тешко се признаваат, особено ако на нив ви укажуваат паталци.

На 24. 03. 2020 година беше објавено дека на учениците и наставниците им  широкоградо им се нуди Дигитална наставна платформа Е-училница. (https://a1on.mk/macedonia/digitalnata-nastavna-platforma-e-uchilnica-dostapna-za-uchenicite/).

Во трите месеци од училишната 2019/20 година образовниот процес беше повеќе трагикомичен од пристоен. Благодарение на тоа, децата добија осакатено знаење, но највисоки оцени. При тоа, сите беа среќни. Децата што не одат во училиште, не мора да учат, добија петки, родителите задоволни од успехот на децата, наставниците/професорите се најдоа ни на земја ни на чардак итн. итн.

И живеевме во безсмислена вонредна состојба, во долги, исто така, бесмислени полициски часови, а во тек беше и најдолгиот летен распуст.

И што научивме од тоа? Кој? Тие, што нѐ затвораа или ние?

Тие научија дека можат да си играат со нас како што ќе им се посака. Тие си одеа по викенди, по планини, по езера, си возеа мотори и се сликаа. Да, се сликаа и јавно објавуваа што тие можат. А ние, ние требаше да ги почитуваме нивните препораки и ги почитувавме. Односот им, кој го сервираа по социјални мрежи, покажа со која леснотија му се потсмеваат на народот кој ги храни.

И наместо бројот на заболените и заразените во ковид19 да се намалува, како што тврдеа владетелите, секојдневните бројки покажуваа дека нивните мерки се попусти. И кој беше виновен за тоа? Секако, народот кој го затвораа и кој не беше дисциплиниран и не ги почитуваше мерките.

Мислев, лицемерие до дно.

Ама, кај нас ниту дното не било дно.

Помина и летниот распуст, а одговорните за образованието во Македонија не успеаја да најдат решение и начин за редовно работење на училиштата. Но, немањето никаква визија за она за што се платени, најповиканите во МОН донесоа одлука која смо ним им одговараше.

Според одлуката на Владата, во училиште требаше да се вратат само децата од прво до трето одделение, а сите други останаа дома. Ним им беше широкоградо понудена Единствената национална платформа за онлајн учење, која беше експеримент кој на дневна основа се ажирирааше. Поради бројните недостатоци на платформата, Владата најде за потребно на 26.09.2020 год. Да објави дека „… Веб страницата на Единствената национална платформа за онлајн учење. од полноќ е веќе достапна за корисниците преку адресата www.schools.mk. Со цел да се запознаат со нејзините функционалности пред стартот на учебната година, ги повикуваме учениците и родителите, да ја посетат викендов. На платформата веќе се поставени видео упатства и прирачници, но и други содржини, кои ако се следат внимателно, на едноставен и лесен начин ги водат корисниците низ платформата“.  (https://vlada.mk/node/22625).

На 1 Октомври 2020 год. училиштата останаа празни, бидејќи само децата од прво до трето седнаа во училишните клупи. Но, училиштата требаше да се загреваат, за што секако, беа потрошени средства исто како сите ученици да се во нив. Но, тоа го плаќа народот, па не е важно.

Прашањето кое неколкупати го поставував, ќе го поставам уште еднаш. Како во училиште можат да одат само најмалите ученици, кои воедно се најкревки и најподложни на болести, а оние кои имаат поразвиен имун систем треба да седат дома? Или, фактот што детето на министер/КАТА е трето одделение е доволен за овие деца да бидат во училиште? Некои од одговорите на моето прашање беа дека оваа мерка се презема, не толку заради децата кои најлесно ја поминуваат болеста, туку заради нивните домашни т.е. членовите на нивните семејства? Па веднаш се поставува прашањето дали децата од прво до трето немаат домашни во домот?

Јас од првиот ден на затворањето на училиштата бев против таа мерка особено поради неколку причини:

Наставата преку интернет е недостапна за голем дел на децата во Македонија. Имено, нашава држава е оценета од меѓународни институции како една од неколкуте со најсиромашно население. Тоа население нема можности да ги снабди своите деца со компјутери или телефони кои ќе му овозможат на детето да ја следи наставата онлајн. Таква е состојбата и денес. Но, тоа не беше проблем за Владата, бидејќи таа се пофали дека ќе им помогне на тие семејства со потребштините за следење на наставата на нивните деца. Колку е помогнато, може да ви кажат само оние кои и ден денес ја чекаат „помошта“.

Во една од најсиромашните земји во светот, населението го оптоварија и со дополнителни давачки. Додека училиштата се загреваа за децата од прво до трето одделение, семејствата чии деца требаше да бидат во загреаните училници, мораа да мислат на дополнително загревање на домовите каде нивните деца, како така, требаше да ја следат наставата. Но, ситиот на гладниот не верува, па така и денес има деца кои ја следат наставата покриени со јоргани и јамболии немајќи простории за две или три деца истовремено да ја следат наставата од дома.

Пародијата да биде поголема, министер/КАТА за образование и наука Мила Царовска изјави дека: „На ниво на цела држава, 90,2% успешно следат онлајн-настава… Останатите проценти ја следат наставата преку телевизија, но и преку печатени материјали што им се доставени. Благодарност до националната радио-телевизија поради тоа што овозможи 15-минутни часови да се одвиваат и на телевизија. Како министерство, задоволни сме од моделот на настава што се избра заедно со Владата, а тоа е комбиниран, дел со физичко присуство, дел со онлајн-настава“. (https://deca.mk/tsarovska-onlajn-nastava-sledat-nad-90-otsto-od-uchenitsite/)

Слепотија или негрижа, како и да ја наречеме оваа изјава, таа покажува едно. Некои се министри само заради фотелјата.

Последиците од постојаното присуство пред компјутер има несогледливи последици по децата. За тоа говори и психологот Жанета Ристевска според која „…Многу е тешко генерацијата кои се родени и растат опкружени со компјутери, таблети, мобилна технологија да им се ограничи времето да поминуваат на интернет.

Но, сиот тој соживот може да има и своја неуролошко – физиолошка цена. Меѓу други проблеми за кои ќе стане збор во текстот тука се: пореметување на вниманието, лош сон, главоболки, неправилно држење на телото, болки во грбот, проблем со вид, слух…

.Ако поминатото време на интернет е од 4-6 часа и повеќе веќе можеме да зборуваме дека постојат опасности да премина во интернет зависност. Интернет звисност е современа болест и облик на зависност која се манифестира како состојба кога Интернетот станува доминантна животна активност и ја изолира единката од другите активности и има негативни последици за поединецот“.  (https://bitolanews.mk/2018/08/21/ интернет-зависност-кај-деца-и-тинејџе/).

Во прилог на ова одат и податоците на Бред Хадлстон, автор на книгата „Дигитален кокаин“, кој наведува дека „Неврологијата недвосмислено докажа дека мозокот е секвенцијален процесор кој сѐ уште не е во состојба да обрне внимание на повеќе протоци на податоци, училиштата често ја поттикнуваат оваа практика. Тоа е една работа што луѓето ја прават во согласност со технологијата за која сметаат дека е добра, но всушност е многу штетна…“. Хадлстон наведува дека депресијата, вознемиреноста и самоповредувањето „се многу реални услови што произлегуваат од злоупотреба на дигиталната технологија и честопати ќе ја попречуваат способноста на детето да се сконцентрира на училишната работа“. (http://majkaidete.mk/ еден-час-играње-видео-игри-има-ист ефек/).

Но, тоа психолозите и педагозите од окружувањето на министер/КАТА не го знаат или го премолчуваат од ним (и нам) познати причини.

Во текот на оваа квази настава, беа одржани и онлајн натпревари. Не сите, но поголем дел од децата, добија незаслужени бодови и лажна самодоверба, без никакво покритие. Ова не е мое мислење, но целосно се согласувам со него.

Лидија Горачинова-Илиева·

Дали сте свесни што им правите на децата?

На сите оние кои завчера учествуваа на општинските натпревари по математика што се спроведоа онлајн (ученици, родители, наставници, роднини и пријатели на учениците…), сакам да им порачам дека математиката (и науката воопшто) првенствено подразбира чесен однос. Тоа значи дека тие што одлучиле да се натпреваруваат, требало самостојно да решаваат (сите, без исклучок), со цел натпреварот да има смисла. По резултатите е видливо дека на многу ученици „им е помагано“, а за тоа најголема одговорност сносат возрасните кои тоа го направиле. Не само што низ системот натпревари (регионален и државен) ќе се разграничат оние со заслужени, од другите со незаслужени поени, туку поважно, на младите во развој, кои во суштина се одлични ученици, им се дава страшно лош пример во животот.

Дали ако ви се укаже прилика да крадете, без да бидете фатени, тоа би го направиле??? Така беше и во овој случај, мамеле, само затоа што нема да бидат санкционирани. Срамота!!!“

Со затворањето на училиштата на децата им се одземаа социјализацијата, која е исклучително важна во нивниот развој. Покрај тоа, во училиштата 5-6 часа од денот не можат интензивно да користат телефони и компјутери, но и тоа „здраво време“ им се скрати. Учениците од првите години во средните училишта не се запознаа со своите наставници и соученици, но за некого нѝ тоа не е важно.

Неместо децата да ги посетуваат училиштата, нив ги гледаме во паркови, по паркиралишта, во кафичи, во обложувалници. Но, има и такви деца кои не излегуваат од дома по неколку денови. Недозволиво.

Постојат многу нешта кои им се ускратија на децата, само затоа што некој не успеа да направи услови за редовно посетување на училиштата. Тука, голема улога имаат и родителите и наставниците, кои помогнаа децата да се стават во стаклено ѕвоно. Но, има и начини за квалитетно да се помине слободното време на учениците. Со оглед на фактот што и други го делат моето мислење, објавам нивно јавно размислувања.

Elena Petrova Kostova

Државата треба да организира кампови за општествено-корисна работа, слично како младинските-работни акции.

Да имаат допир со обработливата земја и да научат што значи да порасне плод за да може да го наберат. Само така се сака и се брани татковината, преку грутка земја во рака.

Да научат што значи собирање на сметот и рециклажа на истиот.

Да научат што значи да живееш во реалноста без Инстаграм, Фб и ТикТок!

Средношколците да имаат задолжително волонтирање во Црвен крст, во градски домови, домови за инвалиди и други институции од јавен интерес!

А согласно новата ситуација со пандемијата, за какви содржини на летна едукација и социјализација се погрижи државата!???“

Во меѓувреме, растеше бројот на заболените и заразените од ковид19, а се разболуваа и домашните на учениците кои седеа дома. Веројатно, од таа причина, на 8. 10. 2020 год. минитерот Филипче, раскажа дека е задолжително носењето на маско и на отворено, истиот минисер кој во март 2020 год. нè убедуваше дека маските не штитат од заразување.

(https://www.dw.com/mk/филипче-се-бара-задолжително-носење-маски-и-на-отворено/a /a-55207751).

И потоа очекуваат некој некому да верува.

Во минатиов период на тема онлајн настава, разговарав со стотина деца од основно и средно образование, со дозвола на родители и наставници.

Основците истакнаа дека часовите се прекратки и за 30-те минути, колку што трае часот, десетина минути се губат во немање на комуникации со наставниците. Имено, децата истакнаа дека некои деца немаат камери, а наставниците бараат да се приклучуваат со камера за да ги следат. Потоа истакнаа дека некои наставници само им даваат задачи и се исклучуваат, некои деца немаат редовна интернет врска. Но, сите беа единственои дека сакаат да се вратат во училиште.

Од средношколците, само едно дете кажа дека повеќе сака онлајн настава бидејќи не мора секој ден да патува до училиште. Сите заедно имаа забелешки на онлајн наставата во смисла на тешкотии при комуникацијата, немање на можност за дружење во училиште, сметаат дека послабите ученици добивале подобри оценки, од оние кои дотогаш ги имале, бидејќи тестовите ги решавале со книга итн. итн.

Но, нивната потреба да се оди во училиште, не е мериторна оти се малометни, па ќе слушнете дека заради здравјето на децата, истите се принудуваат да седат дома. Допонително како аргумент се користи фактот што „цел свет ги затворил училиштата“, што не е вистина, ви останува само да се прашате дали во македонската држава некој ги согледува реалните потреби за нормализирање на состојбите во образованието или со алиби од туѓи искуства сака да нè убеди во сопствените погрешни одлуки. Најлесно е другот да биде виновен, а кај нас, секогаш највиновен е народот бидејќи „не ги почитува мерките“. Е па, почитувани, вие донесите мерки за два милиони народ, а не како другите за стотина милиони жители.

Некако не можам, а да не прашам, дали некој размислува какви ќе бидат последиците од затворените училишта по децата и по образованието? Дали некој смета дека психолошките проблеми кај децата ќе бидат помали од тоа децата да бидат заразени со ковид19? Не верувам.

Секако, во име на мојата професија ќе кажам дека во светот многупати имало здравствени проблеми од различен вид. Имало чума, тифус, маларија. Но, имало и светски војни. Меѓутоа, во ниту еден од тие периоди училиштата не биле затворани. Напротив, при епидемии се засилувал образовниот процес, особено за училиштата за медицински сестри и високообразовните институции, кои требало да подготвуваат кадар за иден образовен процес и нормализирање на животот после епидемијата/пандемијата.