
Албанското специјално обвинителство продолжува со активностите против корумпирани функционери и носители на функции. По акцијата во градот Љушња, каде беше уапсен и градоначалникот, поради корупција при спроведување тендери, денеска влезе во Министерството за внатрешни работи. Притворени се девет актуелни и поранешни високи раководители за злоупотреба при спроведување на тендерот за набавка на нови униформи за полициските службеници. Извршен е претрес во службените простории, како во нивните домови. На осум од нив веднаш им е одреден затворски притвор додека еден се наоѓа во домашен притвор.
Меѓу уапсените во акцијата, која следува по неколкумесечна истрага, е и Едлира Наќелари, која пред осум дена беше разрешена од функцијата директорка на секторот за набавки при МВР, како и Фатмир Демнери, еден од директорите во Високиот совет на обвинители. Притворените во соработка ја злоупотребиле службена должност, меѓу другото и при доделувањето на тендер во 2019 година за период од четири години, вреден 2,8 милијарди лека (25 милиони евра). За злоупотреба на тендерот прва обвини опозициската Демократска партија.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden