
Проф. д-р Катерина Тодороска
Несудениот зет
(драма во неколку чина)
Чин 1
Ликови:
– Русин, прв стројник;
– Султан, втор стројник;
– Македонија, посакуваната невеста;
– Бугарин, несудениот зет;
– Европа, загрижените роднини.
Сцена прва.
После двегодишни борби меѓу Русинот и Султанот.
На 3 март 1878 година во местото Сан Стефано, близу Цариград, Османлиска Империја.
Русинот: Нашата борба покажа колку сум понадмоќен од тебе. Затоа, како награда барам да ми ја дадеш Македонија за еден мој пулен, Бугаринот. А заедно со невестата оди и големиот мираз доооо…, отаде Охрид.
Султанот: Ексик, ако мора така да биде. Зар таква убавина да ја завиеме во пајажината на Бугаринот?
Русинот: Така мора да биде за да остане миразот цел, инаку ќе го разграби и раздели Европа.
Сутанот: Ексик, ако мора така да биде. А оној недоветнион зет, знае ли што среќа му спреми?
Русинот: Ниту знае, ниту се прашува. Бугарин е тој, ќе слуша и ќе ми благодари до небо.
Султанот: Не сум видел недоветник да биде благодарен, ама нека ти биде. Договорено.
Русинот и Султанот се ракуваат во знак на добрата зделка.
Сцена втора.
Берлин, Германија 13 јуни – 13 јули 1878 година
Европа: Кој, како, кога? Зарем е можно Султанот да се согласил на вакво лудило?
Султанот: Морав, мојата сила е многу мала во споредба на Русинот. Ме притисна.
Европа: Па зарем толкав мираз заслужи тој Бугарин?
Султанот: Не е миразот за него. Тој е само пулен на Русинот кој прави сѐ што ќе му рече рускиот газда.
Европа: Да, тоа е јасно како ден. Затоа мора да реагираме на време и да ја прекинеме оваа налудничава идеја. Мора да се собереме и да поразговарме за состојбава.
Русинот: При секоја војна победникот ги диктира условите на мирот. Мојот услов за мир е Македонија, заедно со нејзиниот мираз да оди за Бугаринот.
Европа: Зарем е така? А колку Бугаринот придонесе за твојата победа? Или, најлесно се покриваат вистинските намери со тоа што ќе му се даде толкав мираз на недоветен зет?
Султанот: Мојата сила е при крај, та како ќе се договорите така ќе правиме.
Европа: Договорот што паднал во Сан Стефано е нереален и неодржлив. На Султанот му останува Македонија заедно со миразот додека не се создадат услови од кои сите ќе бидеме задоволни.
Епилог: Бугаринот никогаш не се оженил со Македонија и не го добил миразот. Ама, до ден денешен, секоја година 3 март си го слави како ден на неговата неодржана свадба, сонувајќи ја Македонија како негов плен.
Чин 2
Ликови:
– Русин, прв стројник;
– Султан, втор стројник;
– Македонија, посакуваната невеста;
– Бугарин, несудениот зет;
– Европа, загрижените роднини.
Сцена прва
7 Февруари 1903 година.
Русин: Испратив тајна телеграма Европа во која побарав, во иднина, да не се употребуваат термините Македонија и Македонци туку термините „трите (османслиски) вилаети“ и „христијаните (христијанско население) на трите (османслиски) вилаети“.
Европа: Да, со овие проблеми кои ги прави Македонија, и мое мислење е дека сѐ што пишуваш е добро. Мора со ова да се согласи и Султанот.
Султан: Еве, на 7 април 1903 година издадов заповед до вилетските власти во Македонија со која била забранета употребата на имињата Македонија и Македонци. Заповедта гласи: „Со висока наредба на Неговото величество Султанот се известува дека од сега натаму, во представките и соопшенијата поврзани со работите на царските вилаети во Румелија, категорички се забранува терминот Македонија, кој што се спомненува како локално име“.
Русин: Одлично. Сега е веќе полесно да се справиме со Македонија, која почнува да искажува несоодветни барања. Срамно е да се перчи дека сакала да биде самостојна и да одлучува за својата судбина.
Европа: Недозволиво е тоа.
Султан: Да, и јас забележувам дека почнува да се одметнува од нашите планови.
Русин: При разговорите во врска со Трите вилаети, мора да ги имаме предвид и барањата на Бугаринот, со оглед на тоа што еднаш го изигравме.
Европа: Де, што толку запна несудениот зет да го усреќиш? Но, чинам сѐ уште не е дојдено време.
Сцена втора
2 август 1903 година.
Македонија: Доста е. Мојата судбина е востание. Мојата иднина е моја одлука.
Султан: Знаев дека се подготвува некоја работа која многу силно ќе одекне надвор од мојата територија. Онаа сакала достоинство, а јас прифатив и името да ѝ го сменам. Сега ќе се јават „загрижените роднини“. Не дека ги интересира страдањето на страдалничката, туку ги интересира да не се појават многу несудени зетовци за миразот.
Европа: Што се случи, како се случи, како не разбра навреме да реагираш да не се случи? И име ѝ сменивме, а неа како пиреј ја има.
Султан: Работев да не се случи. Го убив Даскалот, ама неговите не сфатија дека тоа е порака да молчат. Кренаа востание.
Русин: Да, ама јас веднаш ќе го испратам Бугаринот да се смеша. Да не испадне дека Македонија сама сака да си решава за себе. Тоа е недозволиво. Толкав мираз не смее да оди само кај еден зет. Ова е веќе многу јасно.
Европа: Да, но овој момент не е многу поволен за присуство на Бугаринот во Трите вилаети. Еве, јас ќе глумам дека многу ми е грижа за нејзината судбина, па ќе пратам „пријатели“ да ја смират состојбата.
Бугарин: Е, убавина. Русинот пак ме есапи мене за најдобар зет за Македонија. Останува уште да размисли како да ја изведе свадбата. Оти Србинот и Гркот ми дишат во врат за да ми земат дел од миразот на Македонија, а и онаа Европа ги поддржува.
Султанот: Вложив големи сили и напори, ама успеав. Крваво ја задушив желбата на Македонија за самостојност. Ама, катаден ми е сѐ поголем товар. Мора да се најде решение за овие три вилаети.
Епилог: Бугаринот разбра дека ќе има поддршка од Русинот за да добие дел од миразот на Македонија. Оти Бугаринот отепан сиромав со наследството му татарско, почна да се перчи со богатството на Македонија. А востанието на Македонија, од светиот ден Илинден, кутриот Бугарин, недугаво го „залепи“ за кутрото му Преображенско востание.
И ден денешен, несудениот зет ја сонува Македонија и нејзиното херојство од ден Илинден.
Чин 3
Ликови:
– Русин, прв стројник;
– Султан, втор стројник;
– Македонија, посакуваната невеста;
– Бугарин, несудениот зет;
– Србин, втор несуден зет;
– Грк, трет несуден зет;
– Европа, загрижените роднини.
Сцена прва
8 Октомври 1912 година
Европа: Султан, пак ли Македонија ти прави проблеми? Навреме не решивме, па сега покрај Бугарин, имаме и Србин и Грк. Многу се накотија интересџии за онаа на која и името ѝ го сменивме.
Султан: Имам, големи проблеми ми прават несудените зетовци. Како и да е, чинам дека многу проблеми предизвикуваш и ти. Сѐ што правиш, само матиш. И веќе е јасно дека дојде денот кога ќе ми ја мажиш Македонија.
Бугарин: Македонија е моја. Русинот ми ја вети уште на 3 март 1878 година. Никј друг нема право на нејзиниот мираз колку што имам јас.
Србин: А зошто баш ти? Ти славиш ден на свадба која не се случила, а сакаш да те есапат за соодветен за зет за Македонија?
Грк: Никој освен мене нема право на Македонија и нејзиниот мираз. Таа е православна, а нејзин заштитник е Патријархот.
Бугарин: Како па да не. Нејзин заштитник е егзархот од 1870 година наваму.
Србин: Јас и братот Грк од векови наназад имаме цркви каде се вршат заеднички проповеди. Ти, Бугарин, заборави на ветувањето на Русинот.
Европа: Дефинитивно, Македонија треба да се мажи. Дојде време заедно да се договориме и да имаме разбирање за нас и несудените зетовци.
Русија: Како може да се договориме со некој кој не може да ја држи мирна и спокојна Македонија? Како да дозволиме две балкански војни да се случат, очи да си вадат несудените зетовци, а ние како нивни патрони, да молчиме.
Султан: Јас одамна кажав дека силата ми е на истек. Кажете решение!
Сцена втора
10 Август 1913 година.
Европа: Еве, после толку размислувања ги имам предвид моите и вашите потреби во врска со Македонија и нејзиниот мираз. Решено е убав дел од миразот да го земе Гркот. Малку помалку ќе добие Бугаринот, колку да не биде очаен што треба да продолжи за џабе да го слави денот на несудената свадба. Србинот добива заедничка граница со братот Грк и треба да биде пресреќен со квалитетот на делот од миразот.
Русин: Мислам дека го направивме најсоодвента распределба на Македонија. Сега веќе нема да треба да ја прекрстуваме, оти несудените зетовци ги направивме нејзини газди. Тие ќе го избришат нејзиното име и ќе ја скротат.
Султан: Подобар договор за вас, Европа и Русин, не можевте да направите. Ем волкот сит, ем овците на број. Единствено крвави раскинатиот плен. Ама, што ви е вам грижа ако некој крвави? Битно, вие сте среќни.
Епилог: И после распарчувањето на македонската етничка територија во 1913 година, македонскто име продолжи да се практикува од Македонците.
Србинот разбра дека живеачка без љубов не бидува, па ја остави Македонија сама да си ја живее живеачката.
Гркот не го поднесе постојаното удирање по нос од децата кои пееја македонски, па начека војна за да ги натовари во товарни вагони, ги откорна од нивните домови и ги расфрли по светот, онака демократски и европски.
Бугаринот, ех тој. Го изневери Русинот, оној Русин му ја стокми нереализираната свадба и му го обезбеди делот од миразот на Македонија. Тој Бугарин денес е Европеец. Кутриот, тој сѐ уште го сонува и го слави денот на свадбата од 1878 година, а сонот за богатиот мираз го му го храни болниот ум.
Македонија: Драга публико, претставата не завршува овде. Мојата голгота со несудените зетовци и „загрижените“, денес е поактивна од било кога.
(Во позадина се слуша песната: Делете ја, парчете ја, пак ќе биде наша најмила.)
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden