
Проф. д-р Катерина Тодороска
Живееме во време на надмоќ на екстремните дилетантизми и манипулативности, длабоко вкоренети во витални сегменти на државата.
Сакајќи најпластично да го покажам ова мое тврдење, ќе се послужам со еден скорешен настан, кој гледам дека сè уште ја бранува македонската јавност. А за да го постигнам тоа ми помогна еден мој труд од 2007 година кој сум го насловила „Македонската пуза од 2001“. За непознавачите на зборот „пуза“ да објаснам дека тоа е жарче запретано со пепел во мангал, кое се користело секогаш кога одново требало да се запали оган.
Трудот се однесува на Рамковниот договор, а во него објаснувам основни податоци за него. Така, наведувам дека: „Договорот е потпишан во Скопје на 13 август 2001 година, од страна на пртеседателот на Р. Македонија, Борис Трајковски; Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски; претседателот на ДПА Арбен Џафери; претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски и претседателот на ПДП Имер Имери. Како сведоци на чинoт на потпишување на документот се потпишани специјалниот пратеник на Европската Унија, Франсоа Леотар и специјалниот претставник на САД, Џејмс Пердју…
Преговорите траеја 6 месеци (180 дена), а во Охрид преговарачите беа само 7 дена.
Во Скопје 95% од текстот на договорот бил усогласен. Другите 5% требало да се усогласат во Тетово ‘со што ќе се симболизира дека градот под Шара е слободен’, (в. Нова Македонија, 29 јули 2001). Наместо во Тетово, тие ‘симболични’ 5% се усогласени во Охрид од 29 јули до 8 август 2001 година. (Документациона одделение на Институт за национална историја “Д-р Велимир Брезовски”, Сл. IV. 1184. Писмо на Стојан Ристески во врска со Рамковниот договор до ИНИ од 5. 10. 2006 год.). ..
… Во Скопје биле потпишани три документи. Едниот е базичниот текст на договорот, а другите се анексите А и Б. (Arben Ratoceri, Rradhën e ka implementimi, Fakti, 14 gusht 2001, e martë.)“
За волја на вистината, само конечната верзија на Договорот е усогласена во Охрид, а во Скопје на 13 август 2001 година биле потпишани повеќе документи и тоа: Рамковен договор и анексите А, Б и Ц. Договорот содржи повеќе подточки и одредби како што се 1. Основни принципи; 2. Прекин на непријателствата; 3. Развој на децентрализирана власт; 4. Недискриминација и правична застапеност; 5. Посебни собраниски процедури; 6. Образование и употреба на јазиците; 7. Изразување на идентитетот; 8. Имплементација; 9. Анекси и 10. Завршни одредби.

Поради тоа, не е јасно зошто во јавноста овој Договор се нарекува „Охридски“.
Затоа пак, неточностите и импровизациите ќе ги прочитате и на Википедија, каде стои: „ Преговорите се одвивале во Вилата Билјана во Охрид во текот на јули и август 2001, каде што е и парафиран договорот на 10 август 2001, па оттаму името Охридски договор.“ (https://mk.wikipedia.org/wiki/ Охридски_рамковен_договор).
Но, вистината е друга. Ниту преговорите се одвивале во текот на јули и август 2001 година во Охрид, ниту е парафиран во Охрид туку во Скопје, ниту е парафиран на 10 август туку на 13 август. Но, Гебелс би рекол: „Ако ГОЛЕМАТА ЛАГА ја повторувате доволно пати, луѓето ќе ја прифатат како ВИСТИНА“.
Во трудот од 2007 година заклучувам дека Рамковниот договор уште долги години ќе се користи како „пуза“ во македонската држава, зависно од потребата на неспособни дилетанти и манипуланти, кои глумат политички елити. (Македонската пуза од 2001 година, Зб. Историја, историографија и настава по историја (Прилози од Меѓународната конференција одржана од 21-23 Ноември 2007 година во Скопје), Сојуз на историчарите на Република Македонија, Скопје 2007, 239-243.)
Врз основана на одредбите во Рамковниот договор беа направени и уставни измени во најважниот документ на Република Македонија.
Имено, првиот Устав на самостојната македонска држава, беше донесен од Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 17 ноември 1991 година, со ОДЛУКА ЗА ПРОГЛАСУВАЊЕ НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА.
Само по неколку месеци, Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 6 јануари 1992 година, донесе О д л у к а за прогласување на АМАНДМАНИТЕ I И II на Уставот на Република Македонија, донесени по УЦЕНИТЕ на Грција и меѓународниот фактор, во кои се изразуваше немањето аспирации на Македонија кон териториите на соседните држави и немешање на Македонија во внатрешните работи на соседните држави.
Следното отворање на Уставот беше предизвикано од Рамковниот договор. Така, Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 16 ноември 2001 година, донесе О д л у к а за прогласување на АМАНДМАНИТЕ IV, V, VI, VII, VIII, IX, X, XI, XII, XIII, XIV, XV, XVI, XVII и XVIII на Уставот на Република Македонија. Со овие Амандмани во Уставот беше внесен текстот на членовите од Рамковниот договор. Со тоа, според тогашното тврдење на политичката елита, беше ЗАТВОРЕН и отелотворен Рамковниот договор.
Врз основа на тие измени беше формиран Секретаријатот за спроведување на Охридскиот рамковен договор – СИОФА (алб. –Sekretariati për zbatimin e Marrëveshjes Kornizë të Ohrit) како дел од Владата на Република Македонија, кој е формиран за успешно спроведување на Охридскиот рамковен договор, кој беше потпишан за да се прекинат воените дејства во Македонија во 2001. Секретаријатот е формиран со одлука на Владата на Република Македонија, на 5 април 2004, но под името Сектор за Спроведување на Охридскиот Рамковен Договор, кој во меѓувреме со измените и дополнувањата на Законот за Влада се трансформирал во Секретаријат за спроведување на рамковниот договор кој започнал да функционира од јануари 2008 годинa.
Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор е составен од 4 Сектори, 15 Одделенија и 3 посебни одделенија. Со Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор раководи Државен секретар.
- Секторот за спроведување на рамковниот договор се состои од следниве одделенија:
- Одделение за следење на соодветната и правичната застапеност
- Одделение за подготвување на Национални годишни планови и годишни извештаи според соодветната и правичната застапеност
- Одделение за мониторинг на процесот на децентрализација
- Секторот за општи работи е составен од следниве одделенија:
- Одделение за координација и соработка
- Одделение за соработка со невладини организации и меѓународна соработка
- Одделение за превод, лекторирање и редакција
- Одделение за протоколарни работи и организациони работи
- Одделение за информатичка технологија
- Секторот за буџет е составен од следниве одделенија:
- Одделение за буџет и јавни набавки
- Одделение за координација на странска помош и донации
- Секторот за односи со јавноста е составен од следниве одделенија:
- Одделение за односи со јавноста и организирање прес конференции
- Одделение за медиумско следење, анализа и истражување
Како посебни одделенија во Секретаријатот за спроведување на рамковниот договор функционираат:
- Одделение за внатрешна ревизија
- Одделение за кадровски работи човечки работи и други стручни работи
Одделение за стратегија, планирање и следење“.
Последната промена на страницава е извршена на 18 март 2021 г. во 14:34 ч.
https://mk.wikipedia.org/wiki/Секретаријат_за_спроведување_на_Охридскиот_рамковен_договор).
Она што остана како голема непознаница беше бројот и составот на вработените, од чија работа, за волја на вистината, не видовме ништо.
Покрај другите „достигнувања“ на вечно владеачката партија во Република Македонија ДУИ, беше и отворањето на Музејот на албанската азбука на 22 ноември 2012 година. И повторно, дилетантизмот дојде до израз, а секоја добронамерна забелешка беше пречекувана со погрдни зборови од гебелсчињата на владеачките дилетанти. Она што и тогаш и во многу наврати го укажував е ФАКТОТ дека треба да се преименува институцијата во „Музеј на албанското ПИСМО“ бидејќи албанското писмо е ЛАТИНИЧНО, а АЗБУКА е писмо кое влечи корени од глаголица трансформирана во кирилица. Впрочем, самото име АЗБУКА доаѓа од првите букви на НЕлатинично писмо а тоа се АЗ и БУКИ. Но, кому? Зарем дилетантот знае дека е дилетант, особено ако е седнат во фотелја? (https://bitola.info/mk/muzej-na-albanskata-azbuka-bitola/).
Македонската политика во следните години, а со тоа и македонската држава и нејзините жители, беа подложни на меѓународни и домашни уценувања и разнебитувања. Најголемата уцена која ја „голтна“ раководството на СДСМ во јуни 2018 година, беше потпишувањето на т.н. Преспански договор, како што со години ви го сервираат за да ви заличува на малку македонско. Во суштина, се работи за Документ кој на интернет страната на Владата на иста страна стои и „Конечен договор“ и „Конечна спогодба“. Што и да претставува овој документ, тој е целосно игнорирање и понижување на постоењето на македонската држава, но и понижување на сите македонски историски премрежија за добивање на своја суверена држава. Ова од причина што документот се однесува на „Првата страна, Грција („Првата страна“) и Втората страна, која беше примена во Обединетите нации согласно резолуцијата 47/225 од 8 април 1993 г. на Генералното собрание на Обединетите нации („Втората страна”), заедно именувани како „Страните“. (https://vlada.mk/node/17422).
Ваквиот документ нужно побаруваше и повторно отворање на Уставот на Република Македонија. Поради тоа, Собранието на Република Македонија на 11 јануари 2019 година донесе Одлука за прогласување на Амандманите XXXIII, XXXIV, XXXV I XXXVI на Уставот на Република Македонија.
Но, за чудо, во уставните Амандмани не се спомнува „Преспански договор“ туку во текстот на Уставот влегла „Конечна спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации, за престанување на важноста на привремената спогодба од 1995 г. и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните…“, што сепак зборува дека авторите на т.н. Преспанска бајка знаат дека не е тоа.
Со оглед на фактот што нашиот акцент во овој текст е ставен на Рамковниот договор, а во врска со овие измени во Уставот, нужно треба да се спомне Амандманот XXXIV кој гласи:
- Во Преамбулата на Уставот на Република Македонија се бришат зборовите: „како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се“, „одлуките на АСНОМ“ се заменуваат со зборовите: „правните одлуки кои се наведени во Прогласот на Првато заседание на АСНОМ до македонскиот народ за одржаното заседание на АСНОМ“, по зборот „година“ се додаваат зборовите: „на кои се изрази волјата за создавање на самостојна суверена држава и Охридскиот рамковен договор“, а се бришат зборовите: одлучија да“.
- Со овој амандман се вршат измени во Преамбулата – Амандман IV на Уставот на Република Македонија.
(https://www.sobranie.mk/content/Odluki%20USTAV/UstavSRSM.pdf)
На овој начин, оние што мислат дека историјата на македонската држава почнува од нив, го поистоветиле значењето на историските АСНОМ-ски решенија со непостоечки документ.
Но, народот рекол: Колку ќе им дозволиш, толку ќе те газат.
Да се вратиме на приказната за Рамковниот, која, да биде цела недостасуваат уште неколку факти за спомнатиот Секретарјат. Веројатно за да не се дознае вистинскиот одговор за дилемата кој, како и зошто се наоѓа на платните списоци на Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор на 27. 03. 2019 година со законски измени, оваа институција продолжи да работи како Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Вработените, опремата, документацијата и другите средства од Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор се преземаат од Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.
До новите законски регулативи, со Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор раководеше вицепремиерот Хазби Лика, а во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на новиот закон беше предвидено да се избере министер кој ќе раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците. Новиот закон започна да се применува од 1 јуни 2019 година.
На министерското место седна, никој друг туку ликот кој во 2012 година ги предводеше насилствата на Кале кои се заташкаа по судските ходници, односно, оној лик кој 2014 година се сликаше пред споменикот на Методија Шаторов Шарло, помпезно објавувајќи дека стои пред споменикот на Неџат Аголи.
Истиот лик, предвиде прослава на годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор во вредност од 30 милиони денари, цинично објаснувајќи му на сиромашниот народ во Македонија дека:
„-Цената е таа, но не мора да значи дека тоа ќе го исплатиме на крај затоа што се работи за настани што ги организираме веќе еден месец, а ќе продолжат и по 13 август. Не се работи само за 13 август, туку за повеќе и ќе видиме на крај кои се трошоците, но секако овој трошок нема да биде поголем од придобивката што ја имаме од Охридскиот рамковен договор, а тоа траен мир, инклузивно општество, земја во НАТО и со европска перспектива. Во тоа голем удел има и Охридскиот рамковен договор“. (https://fokus.mk/grubi-pridobivkite-od-ramkovniot-se-pogolemi-od-troshokot-za-proslavata/).
Веројатно во оваа сума влезе и промотивниот плакат, со најсмешен и најдилетански слоган „20 години по ОХРИД“. И ако, во Охрид не се случило НИШТО пред 20 години, ама добро е да се потрошат енормни средства за славење на нешто што не се случило. Нели рековме, Гебелс бил и останал МАЈСТОР на ПРОДАВАЊЕ НА ЛАГАТА ЗА ВИСТИНА, ама за овие, Гебелс е бебе.
Во меѓувреме, на 9 август 2021 година министерот на новосоздаденото Министерство, помпезно се пофали дека „По две децении, по 20 години, оригиналниот документ на Охридскиот договор, потпишан од 7-те негови потписници, конечно успеавме да го пронајдеме и да го доставиме до местото каде што припаѓа, во Државниот архив. Многу сум благодарен на директорот и заменик -директорот за денешната средба и можноста да го доставам оригиналот на овој документ до местото каде што треба да се архивира“. (https://vecer.mk/makedonija/grubi-po-20-godini-pronajden-orginalniot-dokument-na-ohridskiot-dogovor/).
Секако нему, како на познат „почитувач на законите“, не може да му биде познато дека постои ЗАКОН ЗА АРХИВСКИ МАТЕРИЈАЛ (95/2012, 41/2014, 72/2015, 148/2015, 169/2015, 53/2016) во чиј член 17 пишува:
Јавниот архивски и документарен материјал е неотуѓив. Приватните правни и физички лица не смеат да собираат, стекнуваат, чуваат и поседуват јавен архивски и документарен материјал.
(http://www.arhiv.gov.mk/materijali/Konsolidiran%20ZakonAM.pdf).
Дополнително, важно е да се подвлече дека во точката 10.2 од Завршните одредби од Рамковниот договор, каде стои дека “верзијата на англиски јазик на овој Договор е единствената автентична верзија”.

Така што, доколку ПРОНАЈДЕНИОТ примерок на Рамковниот договор (кој ќе одам да го видам во Државниот архив следната седмица), е на англиски јазик, тоа би значело дека лицето „Илир Лума од Тетово, поранешен член на ПДП, во последните 20 години во домашни услови ја чувал една од примероците на Охридскиот рамковен договор. За разлика од него, ваков примерок не поседува ниту една политичките партии, претседателот на државата или пак Државниот архив на Република Македонија, изјави денеска првиот вицепремиер Артан Груби, при доставување на овој документ во Државниот архив, истакнувајќи дека е горд што по 20 години успеал да ја обелодени оваа мистерија во однос на документот на Охридскиот договор“. (https://makpress.mk/Home/PostDetails?PostId=425357).
Имајќи предвид дека секој документ од интерес за државата има посебен третман и се чува во посебни услови, со оглед на сензитивноста на хартијата, печатењето и квалитетот на мастилото на потписите, ваков документ НЕ СМЕЕЛ да биде чуван во „домашни услови“. Но, тоа министерот за магла не го знае, па затоа гордо ќе изјави „Големата свест на Илир Љума од Тетово, член на ПДП кој се грижел цели 20 години за да го чува овој документ во својата куќа, имајќи ја предвид негрижата на сите институции и политички партии, кои го немаа архивирано овој документ. Станува збор за лице кој бил асистент во потпишувањето на Охридскиот договор и потоа го земал од канцелариите на најстарата политичка партија на Албанците во државата и во домашни услови води грижа на архивски начин за овој документ. Нашите истражувања не доведоа до оваа откритие и господинот Лума пред две недели го достави овој документ во мојот кабинет“. Во случајов, „големата свест“ на Илир Љума значи одговорност пред Законот за архивски материјал бидејќи Документот цели 20 години го чувал „ВО ДОМАШНИ УСЛОВИ“ документот од јавен интерес, без основна грижа и познавања за чување на документи од ваква категорија.
Но, нели, тоа е неважно. Зачинот во неговата изјава: „имајќи ја предвид негрижата на сите институции и политички партии, кои го немаа архивирано овој документ“ остава простор да се забележи дека со својата помпезност, министерот на новоформираното Министерство, сака да ги понижи досегашни ЗАМЕНИЦИ ДИРЕКТОРИ од ДУИ, кои според оваа неговата изјава, во Државниот архив биле само декор. Да го потсетам дека во Државниот архив заменици од 2001 до денес беа/е:
– Ајрула Мисини, командант Шпати;
– Хајредин Ибрахими;
– Шабан Бајрами;
– Ќерим Лита;
– Музафер Бислими.
За оние кои немаат основни познавања од архивско работење ова е вистинско достигнување. Секоја чест.
Потоа следуваше, уште попомпезно чествување на настанот кој НЕ СЕ СЛУЧИЛ во Охрид во 2001 година.
Покрај другите, таму го видовме и Хари Костов, претставен како „поранешен претседател на Владата на РСМ“. И така, ако се знае дека Костов бил премиер на Република Македонија во периодот од 2 јуни 2004 – 12 декември 2004 година, нејасно е кој дилетант го пишувал објаснувањето за Костов? Дали истото се случуваше и со другите не видов, ама ваква измислица е доволна да се очекува и за другите учесници кои ја вршеле функцијата пред јуни 2018 година.
Но, за оние кои немаат основни познавања од историја, манипулацијата е вистинско достигнување
Неизбежно беше за овој НЕСЛУЧЕН НАСТАН во ОХРИД во 2001 година, да се изначитаме сенешто.
Како и секоја година, така и оваа албанските интелектуалци се осврнаа на одбележувањето на „20 години по Охрид“. Прочитав многу текстови од крајно недолични, соодветни и точно презентирани информации, до критични во однос на животот на албанското население во Македонија. Во нивните коментар, некои се осврнаа и на придобивките од Рамковниот договор.
Според Џевдет Хајредини „Без Охридскиот договор, со исклучок на придобивките, најлошо ќе беше што ќе немаше и тендери и бизниси за партиските функционери и нивните синови и роднини, вработени во богати јавни компании. Ќе немше и „бомби“ да ти даде Заев за да станеш негов прв заменик со кои можеш да ги уценуваш твоите сопартијци за да не те наречат дека си ‘хулиган‘“.
А Арбр Челику ќе напише: „Денес е трагично што ние создадовме политички апартхејд во себе, што го исклучува и стигматизира другиот, кој не припаѓа на политичката партија, без оглед на вредноста и меритократијата што може да ги има. Исто толку трагично е што го пониживме образованието, здравјето, правдата, културата, спортот и сè друго. И најтрагично е што продолжуваме да ги стимулираме младите да заминуваат во странство за подобра иднина, што требаше да се направи овде според Охридскиот рамковен договор“.
(https://lajmpress.org/manifesti-politik-i-quajtur-marreveshja-kornize-e-ohrit/)
Со оглед на различните аршини кои ги поставија политичарите во Македонија, постојано мафтајќи со одредбите од Рамковниот договор, можеби најсоодветно, за привршување на овој текст, би било едно мислење на Фрчковски дека: “… нивото на македонските политички елити со години се: тапост, непознавање на законите, тотално непознавање на политичкиот систем, примитивизам и потценување на јавноста”. (Љубомир Д. Фрчковски, Одмазда на непросветените, Дневник, 6 март 2007, 11.).
А крајот и на овој текст, како и на оној од 2007 година, се однесува на непознаницата до кога Рамковниот договор ќе се користи како македонска ПУЗА?
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden