Бујарчо министер!!!

Проф. д-р Катерина Тодороска

Во печатениот број на „Слободен печат“ од 9. 11. 2021 година, на страна 4 под наслов „Историчарот Ѓоргиев не поднел оставка туку доби отказ?“ читам, по кој знае кој пат, за оставката на Ванчо Ѓоргиев од мешовитата македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања. Изјавата е на Бујар Османи, после две недели од оставката на Ѓоргиев, која привлекува внимание. Може да се коментира површноста на целиот текст, но јас би се задржала само на неколку точки.

  1. Бујарчо рекол: „Професорот не ја поднесе формално оставката, но јас донесов одлука да се прекине договорот, бидејќи тој дозволи меѓу два изборни круга политиката да влезе и сериозно да ја компромитира Комисијата. Посебно што аргумент ни е ставот на другите членови, кои едногласно кажуваат дека никогаш немало притисоци од Владата или од МНР и дека се изненадени од таквиот став…“.

Е сега Бујарчо, да ти кажам дека јас многу сум му лута на Ванчо што прифати да членува во комисија што треба да ја продаде македонската историја, држава, нација, јазик. Претпоставувам, убава пара, убаво подмачкува. И, ако тебе не ти е јасно, политиката во Комисијата ја внесоа тие што го потпишаа велепредавничкиот договор со Бугарија. Туку, друга ми е мислата. За разлика од твојата некадарност за тоа што си се нафатил, небаре, да го работиш, професорот што го земаш во уста е вистински професионалец. А ти Бујарчо, не си му до колена на Ванчота, така што пердувењето дека ТИ си ОДЛУЧИЛ да му го прекинеш договорот, чувај си го за на старост за внуците, како приказна пред спиење.

Во овој дел, најизненадена сум од твојот „аргумент“ дека другите неколкумина од Комисијата „ЕДНОГЛАСНО“ кажале дека немале притисоци. Абре, Бујарчо. Абре, некадарно едно. Убава пара, убаво подмачкува, особено ако животен порив ти е полн џеб. Така што од тие што „биле изненадени“ ќе чуеш сè што ќе посакаш, оти тие размислуваат со главата на оние што плаќаат.

  1. Бујарчо продолжува: „…Јас очекувам самата комисија да ми предложи нов член, тие ги знаат експертите, знаат од која област им фали, а јас потоа да го предложам до Владата…“.

Вака Бујарчо. Со оглед на фактот што оваа Комисија е СРАМ за македонската држава и што нејзиното формирање беше политичко, ниту тебе, ниту на другите во Владата не им е важно во неа да бидат присутни експерти, туку ПОДОБНИ за да ви ја завршат вашата болна потреба да го одродите македонскиот народ и да ја избришите македонската историја. Инаку, доколку требаа експерти меѓу македонските историчари ги има, ама тие НЕ САКААТ да учествуваат во вашата болна политичка режија, бидејќи тие треба да си плукнат а својата работа и работата на сите историчари пред нив. А тоа што ТЕБЕ треба да ти предложат нов член и ТИ треба да го предложиш до Владата е уште еден показател дека ТИ се гледаш себе си како важна алка во тој процес на обезличување на цел еден народ со вековна историја. Е за последново ќе се согласам со тебе.

  1. Бујарчо објаснува: „Комисијата е ИНСТРУМЕНТ ШТО ПРОИЗЛЕГУВА од Договорот за добрососедство и ИМА УЛОГА ДА ГО СПРОВЕДЕ. Таа е инструмент на државата, која ја финансира и ѝ обезбедува логистички предуслови за да функционира. Така што, за целите и за динамиката секако дека ние сме одговорни и ние се обидуваме да наметнее динамика. Но, не и во во однос на содржината. Не сме компетентни, не можеме и не знаеме да влеземе во историска дебата и тоа никогаш не сме го направиле. Но, за динамиката има едно ПОГРЕШНО СФАЌАЊЕ во Комисијата дека ТИЕ СЕ НЕЗАВИСНИ и за тоа колку пати треба да се сретнат и други прашања околу формата и слично…“.

Ете, Бујарчо сам си кажуваш дека Комисијата е ИНСТРУМЕНТ кој треба тебе и на таквите како тебе да ви овозможи да го спроведете т.н. Договор за добрососедство со Бугарија, кој според напишаното во него, после Конечната спогодба со Грција, е НАЈСРАМНИОТ меѓународен документ кој воопшто бил потпишан во македонската историја. Замолувам, Бујарчо, поштеди нè од твоите глупости дека ТИ си фактор во одредување на динамиката на средбите на членовите на Комисиите. Барем молчи, не нè понижувај со твојата неписменост. Факт е дека не знаеш и не смееш да помислиш да се мешаш, ама самиот факт што ТИ одредуваш колку време им треба на членовите на Комисијата за да се подготват за следна средба, фактички ги ограничува да комсултираат одредена литература, да прегледаат документација, да се консултираат со други колеги за одредени прашања итн. итн. Реално минорно си, ама сетики тоа огледалото ти е конвексно.

Патем, Бујарчо кога во ПОЛИТИЧКИ ЗГОТВЕНИОТ ИНСТРУМЕНТ сте кооптирале членови кои вам ви одговарале за да го СПРОВЕДАТ ВАШИОТ ДОГОВОР со Бугарите, не сте знаеле ни кој што и колку знае, ниту кој што знае. И кога веќе нѝ раскажа дека ги плаќате требаше да кажеш и колку ги плаќате со парите од народот кој го бришете, дури и некоја пикантерија да кажеше какви се тие логистики што можат да ги добијат за наши пари.

Замисли Бујарчо, хипотетички, Србија да бара од Албанците, Георг Скендербег да го прогласи за Србин, а од друга страна Србите да се откажат од Косовската битка. И некој да се дрзне да потпише Договор за добрососедство меѓу Србија и Албанија. И при тоа, да направи Комисија како ИНСТРУМЕНТ за спроведување на договорот. Не можеш ни да замислиш, оти авантуризмите од овој вид им се својсвени само на неизживеани и залетани авантуристи, облечени во чевли од 2.000 евра.

Ех, Бујарчо. Искрено жалам што моите пријатели Албанци не видоа какви силеџии и лејки, две децении „се борат за нивните парава“ во македонскиот Парламент и македонската Влада. Ама, како вечен оптимист, силно посакувам ова глупаво интервју да ти биде последно во твојата „бурна политичка“ кариера. Потоа, секако, следи она што го заслужуваш и ти и тие како тебе, ангажирани во бришењето на македонската историја.