
Вита Блаже Која е родена на 19. 09.1957 година во селото Ѓинеец, Голо Брдо. Денес живее во Тирана и работи како универзитетски професор на Економскиот факултет во Тирана. Со оглед на нејзината посветеност, проф. д-р Која не пропушта ниту еден слободен момент за истражување и пишување за трудовиповрзани со македонската култура.
Општо познато е дека таа е еден од ревносните собирачи на народни умотворби, информации за обичаите и традициите на Македонците во областа Голо Брдо. При нашиот разговор проф. д-р Вита Која нѝ објасни: „Сите наши книги се напишани и објавени на македонски јазик со кирилично и латинично писмо. Велам сите наши книги, затоа што материјалот го собиравме и го пишувавме со Митре Стојан Шутку, како и со Цветан Зафир Мазнику, кој, за жал, пред неколку години почина. Секоја книга е напишана и објавена во два дела и тоа: првиот дел на македонски јазик со кирилично писмо, додека во втората половина од книгите истите творби се напишани на македонски јазик, но со албанско латинично писмо.
Во комуникациите со Македонците од Тирана и Голо Брдо нам нѝ беше предочено дека треба да има и комбинирани книги. Затоа, собраните народни поговорки и пословици што се објавени на македонски јазик со кирилично писмо, ги преведовме на албански јазик и ги испечативме со албанско писмо, со што секој читател ќе ги разбере откако ќе ги прочита.
Овој пристап е поради Македонците од областа Голо Брдо и не само оттаму, со цел тие да можат да ги читаат книгите. Тоа е бидејќи во Албанија има многу луѓе на различна возраст кои не го учеле кирилското писмо, но добро го зборуваат македонскиот јазик.
Професорката Која верува дека „…објавувањето книги на двата јазика, македонски и албански, ќе послужи за зајакнување на врските и пријателството меѓу двата народа и за сестрана меѓусебна соработка“. За читателите, интересно е да се каже дека проф. д-р Вита Блаже Која е една од авторите кои имаат издадено осум книги – томови посветени на народното творештво од областа Голо Брдо.
Трудовите содржат над 1.500 страници, проф. Која заедно со Митре Стојан Шутку и Цветан Зафир Мазнику, пишуваат за „Македонско-албански пословични паралели”, „Народни песни”, „Пословици, поговорки, пословични и фразеолошки изрази”, „Народни пословици и поговорки” и други. Спомнувајќи си за неуморната работа на книгите проф.
Која сведочи дека „… материјалите ги собиравме слично како што работат пчелите. Тие одат од цвет на цвет и прават мед, а ние одевме од човек до човек, од куќа до куќа, од село во село, и собиравме народни песни, поговорки, пословици, приказни и сказни. Богато е нашето македонско народно творештво и со него треба секој да се запознае, а помладите да не го забораваат фолклорот од областа Голо Брдо.
Најголем дел фолклорни бисери се од нашето родно место, каде собравме повеќе од 3.500 пословици и поговорки, а свесни сме дека има уште. Материјалот е систематизиран по азбучен ред и напишан на двете азбуки, на латиница и кирилица. Голем е бројот на луѓето што ги контактиравме и прашувавме, на пример за книгата „Голобордски фолклор” – 4 („Gollobordski Follkllor”), наш важен извор за собирање бисери нѝ беа Сава Митре Цфарку, Исаил Мазнику, Божана Забитку, Тасе Никола, Славка Будини, Цвета Фиљоќи, Авдула Сефери, Бранко Попа и многу други што се посочени во предговорот на книгата“.
Книжевниот критичар Фидан Марку, во врска со седмиот том од серијата, пишува: „… авторите се со посветеност, упорност и почит на мајчиниот македонски дијалект што се зборува во Голо Брдо и пошироко во Дримкол. В раце имаме непроценливо богат фолклор. Во поговорките се генерализира материјалниот и духовниот живот, се извлекуваат заклучоци и мисли за разни аспекти, прашања и проблеми, кои се појавиле во текот на работата и животот со векови, нагласува Марку.
Покрај нејзината универзитетска работа и посветеноста во изработката на бројните трудови од македонската традиција, професорката Вита Која е активистка на политичко -културното друшвото “Мир“, здружение на Македонците од Голо Брдо. Исто така, има голем придонес во организирањето разни културни манифестации со цел зачувување на културата, обичаите и традициите на Македонците од Голо Брдо, Албанија.
За нејзината исклучителна ангажираност, Македонците од Албанија, како и целокупната македонска популација ширум светот, ѝ се заблагодаруваат на проф. д-р Вита Која за трудот вложен во зачувување на македонската традиција во Албанија.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden