
Денеска ќе се одржи 19-тиот Состанок на Мешовитиот парламентарен комитет – Македонија и ЕУ (Парламентарен комитет за стабилизација и асоцијација). Делегацијата од Европска страна ја предводи европратеникот Андреас Шидер, а во нејзин состав се и европратениците Ирена Јовева, Марион Валсман, Владимир Билчик и Илхан Ќучук. Пред почетокот на состанокот, предвидено е дел од Делегацијата да оствари средби со Претседателот на Собранието Талат Џафери и да има одвоени средби со координаторите на пратеничките групи, Јован Митревски, Никола Мицевски, Арбер Адеми и Илире Даути. Состанокот ќе го отворат Соња Мираковска, претседател на Делегацијата на Собранието на Македонија како домаќин и Андреас Шидер, претседател на Делегацијата на Европскиот парламент.
Во воведниот дел на настанот, ќе има размена на мислења за односите меѓу Европската Унија и Македонија со Бојан Маричиќ, заменик претседател на Владата задолжен за европски прашања, во име на Владата на Македонија, Амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата во Македонија, во име на Европската служба за надворешни работи и на Европската комисија и Илхан Ќучук, постојан известител на Европскиот парламент за Македонија. Во продолжение, членовите на двете делегации ќе дискутираат на теми поврзани со владеење на правото, животна средина и здравје, граѓанско општество и медиуми, добрососедските односи и регионалната соработка, како и за дијалогот Жан Моне меѓу Собранието и Европскиот парламент, информираат собраниските служби.
Мешовитиот парламентарен комитет – Македонија и Европската унија (ЕУ) е формиран врз основа врз основа на Договорот за стабилизација и асоцијација на Македонија (особено членот 114), Резолуцијата на Европскиот парламент од 10 март 2004 година, како и со Одлука на Собранието на 7 декември 2004 година. Неговото формирање е одраз на цврстата државна определба за полноправно членство во ЕУ, како и на заложбите на Собранието преку парламентарен дијалог да придонесе кон процесот на евроинтеграција. Основна цел на МПК е разгледување на сите аспекти на односите меѓу Македонија и ЕУ, особено имплементацијата на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Комитетот формално придонесува кон издигнување на повисоко ниво на односите и соработката на Собранието со Европскиот парламент на неговата улога во Спогодбата налага обврска за Советот на ЕУ, Европската комисија и Владата на Македонија за нивно целосно учество во неговата работа и редовно информирање на секој состанок на МПК за степенот на спроведување на Спогодбата.
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden