Бериша: На 7 јули се отвора сезоната на протести за соборување на Рама

Поранешниот албански претседател, експремиер и актуелен лидер на крилото за обнова на албанската опозициска Демократска партија, Сали Бериша, соопшти дека протестот свикан од негова страна, ќе се одржи под мотото „Албанија во опасност – Не вели што ми треба мене?“.

Бериша рече дека со протестот на 7 јули се отвора сезоната на протести кои се неопходност за соборување на монистичкиот режим на Еди Рама.

Рече дека повеќе не може да се чека за да излезе на плоштад, а причината е „граѓаните да не очајуваат повеќе од лошото владеење на Рама“. На 7 јули, додаде, ќе биде најголемиот протест што некогаш бил организиран.

-Го прогласивме датумот 7 јули за национален протест. Го објавивме овој ден затоа што констатиравме дека незадоволството од оваа власт е многу големо и доколку се одложи протестот за оптимално време, тоа всушност ќе го продлабочи очајот кај луѓето. Не е ништо скришно туку јавно. Нашиот став, нашата платформа покрај парламентот и другите форми ќе биде протест, протест и само протест, порача Бериша.

Додаде дека ќе „направиме се на 7 јули да организираме најмасовен протест до сега“ и оти тој ќе биде само „увертира на сезоната на протести против монистичкиот режим на Еди Рама“.