Проф. д-р Катерина Тодороска: Мудри одлуки се носат со познавање на историјата

Дниве, многумина ме прашуваат зошто не пишувам за францускиот предлог, ставен како нож под грло на Македонија. И морам да ви кажам дека тоа го правев од многу причини. Една е што со години наназад пишував зошто не смее да се формира мешовита комисија со Бугарија која ќе „преговара“ за македонската историја, па се формира Комисија за образовни и историски прашања. Второ, пишував дека „умовите“ од македонска страна во Комисијата ги плаќа македонскиот народ, а тоа е идентично како да си го плаќате куршумот со кој ве убиваат. Па никому ништо. Трето, четврто, петто…. Пишував. И кому? На оние кои се продаваат за ќесе златници, не им се потребни оние кои се бунтуваат против продажбата на цел народ за што цената е многу ќесиња.

И денес, гледам Ковачевски испратил известување во кое пишува за „мудри одлуки“. И си го применив мојот став „никогаш не вели никогаш“ и решив да напишам како јас го гледам овој нож под грло, софистицирано наречен француски предлог. По кој знае кој пат ризикувам да бидам наречена пророк, но историјата не познава пророци туку нејзини познавачи. Ќе започнам од крајот и ќе речам НЕ и тоа големо НЕ, кое ќе биде мудра одлука во однос на францускиот предлог.

Следува, зошто?

Затоа што следот на настаните би бил ваков. Доколку се прифати францускиот предлог со набрзина измислената „лепенка“ (читај: Протокол) се отвора вратата за поистоветување на македонскиот со бугарскиот како конститутивен во македонската држава. По тоа ќе следи барање за воведувње на бугарскиот јазик, како трет службен јазик во Македонија што ќе повлече нови трошоци за македонските жители во многу сегменти. Веќе видено, нели?

Ќе зборувам за аномалиите кои би нѐ очекувале во образованието. Прво. За образование на бугарски јазик ќе се бара приоритетно ВРАБОТУВАЊЕ на Бугари учители и наставници, додека Македонците со соодветно образование ќе бидат бришени како неприоритетни. Веќе видено, нели? Второ, за да си го заработуваат младите Македонци лебот во сопствената држава ќе треба да се пишуваат Бугари, оти нели, Бугарите ќе имаат предност за вработување. Веќе видено, нели?

Трето, сите учебници и документи во училиштата ќе треба да бидат на мајчиниот им б‘лгарски јазик на децата што поим немаат од бугарски. Текстовите во учебниците ќе се пишуваат под будното око на б‘лгарските „учени“ оти имаат децениско искуство за мозокомијачки учебници. Ама во Македонија и тоа е веќе видено.

Четврто, каде ќе учат средно и факултети оние кои имаат завршено основно б‘лгарско училиште во Македонија? Нормално, во средните училишата во почетокот ќе треба да се отворат паралелки, за подоцна цели училишта да се побугарчат заради европските вредности за слобода на образование на мајчин јазик. Макар и исмислен, ама си знаат демократите од Европа, како се уништуваат цели народи. И сето тоа за сметка на некои други народи, кои од политички причини и без исполнување на основните европски критериуми, со две раце биле гушнати од мајка Европа.

Во меѓувреме, истата таа демократска Европа ќе ја „наградува“ ќерка си Бугарија со милиони неповратни средства кои ќе треба да ги искористи како стипендии и други дажбини во Македонија и сред Македонците во Албанија за да ја заокружат целината на ексклузивната „горда славјанска б‘лгарштина“ со длабоки татарски корени.

Секако и во другите сегменти на живеењето ќе ја почувствуваме „мајчинската прегратка“ на Европа кон нас преку бугарската боцкава ракавица.

Уставот го направија гранапско тефтерче, но така ќе биде и Службениот весник и сите други службени документи кои ќе треба да се печатат и на бугарски јазик, оти нели европејска Б‘гарија ќе проплакува кај мајка ѝ Европа за сенешто.

Многу би пишувала на темава, но за крај, чинам дека сериозно треба да се стави на терезија отворањето на Уставот и прифаќањето да се самоубиеме со францускиот нож. А тоа, ни од далеку не се мудри одлуки.