
Проф. д-р Катерина Тодороска
Несудените домазети
(драма во неколку чина)
Чин 1
Ликови:
– Русин, прв стројник;
– Султан, втор стројник;
– Македонија, посакуваната невеста;
– Бугарин, несудениот зет;
– Европа, загрижените роднини.
Сцена прва.
После двегодишни борби меѓу Русинот и Султанот.
На 3 март 1878 година во местото Сан Стефано, близу Цариград, Османлиска Империја.
Русинот: Нашата борба покажа колку сум понадмоќен од тебе. Затоа, како награда барам да ми ја дадеш Македонија за еден мој пулен, Бугаринот. А заедно со невестата оди и големиот мираз доооо…, отаде Охрид.
Султанот: Ексик, ако мора така да биде. Зар таква убавина да ја завиеме во пајажината на Бугаринот?
Русинот: Така мора да биде за да остане миразот цел, инаку ќе го разграби и раздели Европа.
Сутанот: Ексик, ако мора така да биде. А оној недоветнион зет, знае ли што среќа му спреми?
Русинот: Ниту знае, ниту се прашува. Бугарин е тој, ќе слуша и ќе ми благодари до небо.
Султанот: Не сум видел недоветник да биде благодарен, ама нека ти биде. Договорено.
Русинот и Султанот се ракуваат во знак на добрата зделка.
Сцена втора.
Берлин, Германија 13 јуни – 13 јули 1878 година
Европа: Кој, како, кога? Зарем е можно Султанот да се согласил на вакво лудило?
Султанот: Морав, мојата сила е многу мала во споредба на Русинот. Ме притисна.
Европа: Па зарем толкав мираз заслужи тој Бугарин?
Султанот: Не е миразот за него. Тој е само пулен на Русинот кој прави сѐ што ќе му рече рускиот газда.
Европа: Да, тоа е јасно како ден. Затоа мора да реагираме на време и да ја прекинеме оваа налудничава идеја. Мора да се собереме и да поразговарме за состојбава.
Русинот: При секоја војна победникот ги диктира условите на мирот. Мојот услов за мир е Македонија, заедно со нејзиниот мираз да оди за Бугаринот.
Европа: Зарем е така? А колку Бугаринот придонесе за твојата победа? Или, најлесно се покриваат вистинските намери со тоа што ќе му се даде толкав мираз на недоветен зет?
Султанот: Мојата сила е при крај, та како ќе се договорите така ќе правиме.
Европа: Договорот што паднал во Сан Стефано е нереален и неодржлив. На Султанот му останува Македонија заедно со миразот додека не се создадат услови од кои сите ќе бидеме задоволни.
Епилог: Бугаринот никогаш не се оженил со Македонија и не го добил миразот. Ама, до ден денешен, секоја година 3 март си го слави како ден на неговата неодржана свадба, сонувајќи ја Македонија како негов плен.
Чин 2
Ликови:
– Русин, прв стројник;
– Султан, втор стројник;
– Македонија, посакуваната невеста;
– Бугарин, несудениот зет;
– Европа, загрижените роднини.
Сцена прва
7 Февруари 1903 година.
Русин: Испратив тајна телеграма до Европа во која побарав, во иднина, да не се употребуваат термините Македонија и Македонци туку термините „трите (османслиски) вилаети“ и „христијаните (христијанско население) на трите (османслиски) вилаети“.
Европа: Да, со овие проблеми кои ги прави Македонија, и мое мислење е дека сѐ што пишуваш е добро. Мора со ова да се согласи и Султанот.
Султан: Еве, на 7 април 1903 година издадов заповед до вилетските власти во Македонија со која се забранува употребата на имињата Македонија и Македонци. Заповедта гласи: „Со висока наредба на Неговото величество Султанот се известува дека од сега натаму, во представките и соопшенијата поврзани со работите на царските вилаети во Румелија, категорички се забранува терминот Македонија, кој што се спомненува како локално име“.
Русин: Одлично. Сега е веќе полесно да се справиме со Македонија, која почнува да искажува несоодветни барања. Срамно е да се перчи дека сакала да биде самостојна и да одлучува за својата судбина.
Европа: Недозволиво е тоа.
Султан: Да, и јас забележувам дека почнува да се одметнува од нашите планови.
Русин: При разговорите во врска со Трите вилаети, мора да ги имаме предвид и барањата на Бугаринот, со оглед на тоа што еднаш го изигравме.
Европа: Де, што толку запна несудениот зет да го усреќиш? Но, чинам сѐ уште не е дојдено време.
Сцена втора
2 август 1903 година.
Македонија: Доста е. Мојата судбина е востание. Мојата иднина е моја одлука.
Султан: Знаев дека се подготвува некоја работа која многу силно ќе одекне надвор од мојата територија. Онаа сакала достоинство, а јас прифатив и името да ѝ го сменам. Сега ќе се јават „загрижените роднини“. Не дека ги интересира страдањето на страдалничката, туку ги интересира да не се појават многу несудени зетовци за миразот.
Европа: Што се случи, како се случи, како не разбра навреме да реагираме да не се случи? И име ѝ сменивме, а неа како пиреј ја има.
Султан: Работев да не се случи. Го убив Даскалот, ама неговите не сфатија дека тоа е порака да молчат. Кренаа востание.
Русин: Да, ама јас веднаш ќе го испратам Бугаринот да се смеша. Да не испадне дека Македонија сама сака да си решава за себе. Тоа е недозволиво. Толкав мираз не смее да оди само кај еден зет. Ова е веќе многу јасно.
Европа: Да, но овој момент не е многу поволен за присуство на Бугаринот во Трите вилаети. Еве, јас ќе глумам дека многу ми е грижа за нејзината судбина, па ќе пратам „пријатели“ да ја смират состојбата.
Бугарин: Е, убавина. Русинот пак ме есапи мене за најдобар зет за Македонија. Останува уште да размисли како да ја изведе свадбата. Оти Србинот и Гркот ми дишат во врат за да ми земат дел од миразот на Македонија, а и онаа Европа ги поддржува.
Султанот: Вложив големи сили и напори, ама успеав. Крваво ја задушив желбата на Македонија за самостојност. Ама, катаден ми е сѐ поголем товар. Мора да се најде решение за овие три вилаети.
Епилог: Бугаринот разбра дека ќе има поддршка од Русинот за да добие дел од миразот на Македонија. А Бугаринот, отепан сиромав со наследството му татарско, почна да се перчи со богатството на Македонија. А востанието македонско, од светиот ден Илинден, кутриот Бугарин, недугаво го „залепи“ за кутрото му Преображенско востание.
И ден денешен, несудениот зет ја сонува Македонија и нејзиното херојство од ден Илинден.
Чин 3
Ликови:
– Русин, прв стројник;
– Султан, втор стројник;
– Македонија, посакуваната невеста;
– Бугарин, несудениот зет;
– Србин, втор несуден зет;
– Грк, трет несуден зет;
– Европа, загрижените роднини.
Сцена прва
8 Октомври 1912 година
Европа: Султан, пак ли Македонија ти прави проблеми? Навреме не решивме, па сега покрај Бугарин, имаме и Србин и Грк. Многу се накотија интересџии за онаа на која и името ѝ го сменивме.
Султан: Имам, големи проблеми ми прават несудените зетовци. Како и да е, чинам дека многу проблеми предизвикуваш и ти. Сѐ што правиш, само матиш. И веќе е јасно дека дојде денот кога ќе ми ја мажиш Македонија.
Бугарин: Македонија е моја. Русинот ми ја вети уште на 3 март 1878 година. Никој друг нема право на нејзиниот мираз колку што имам јас.
Србин: А зошто баш ти? Ти славиш ден на свадба која не се случила, а сакаш да те есапат за соодветен за зет за Македонија?
Грк: Никој освен мене нема право на Македонија и нејзиниот мираз. Таа е православна, а нејзин заштитник е Патријархот.
Бугарин: Како па да не. Нејзин заштитник е Егзархот од 1870 година наваму.
Србин: Јас и братот Грк од векови наназад имаме цркви каде се вршат заеднички проповеди. Ти, Бугарин, заборави на ветувањето на Русинот.
Европа: Дефинитивно, Македонија треба да се мажи. Дојде време заедно да се договориме и да имаме разбирање за нас и несудените зетовци.
Русија: Како може да се договориме со некој кој не може да ја држи мирна и спокојна Македонија? Како да дозволиме две балкански војни да се случат, очи да си вадат несудените зетовци, а ние како нивни патрони, да молчиме.
Султан: Јас одамна кажав дека силата ми е на истек. Кажете решение!
Сцена втора
13 Август 1913 година.
Европа: Еве, после толку размислувања ги имам предвид моите и вашите потреби во врска со Македонија и нејзиниот мираз. Решено е убав дел од миразот да го земе Гркот. Малку помалку ќе добие Бугаринот, колку да не биде очаен што треба да продолжи за џабе да го слави денот на несудената свадба. Србинот добива заедничка граница со братот Грк и треба да биде пресреќен со квалитетот на делот од миразот.
Русин: Мислам дека го направивме најсоодвента распределба на Македонија. Сега веќе нема да треба да ја прекрстуваме, оти несудените зетовци ги направивме нејзини газди. Тие ќе го избришат нејзиното име и ќе ја скротат.
Султан: Подобар договор за вас, Европа и Русин, не можевте да направите. Ем волкот сит, ем овците на број. Единствено крвави раскинатиот плен. Ама, што ви е вам грижа ако некој крвави? Битно, вие сте среќни.
Епилог: И после распарчувањето на македонската етничка територија во 1913 година, македонскто име продолжи да се практикува од Македонците.
Чин 4
Ликови:
– Русин, прв стројник;
– Германец, втор стројник;
– Македонија, распарчена невеста;
– Бугарин, прв зет па газда;
– Србин/Југословен, втор зет па газда;
– Грк, трет зет па газда;
– Англичанец, подбуцнувач;
– Европа, загрижените роднини.
1941 – 1950
Сцена прва
Англичанец: Што е бре ова, Срби или Југословени, како сакате да ве наречам? Вие уште спиете? Оној Германецон се навртел сите да ве нема, на 25 март 1941 година во Виена оние Цветковиќ и Мачек потпишале протокол. Да, да, протокол дека и вие со Германецон ќе одите?
Србин/Југословен: Што ние, како да не. Па еве на 27 март 1941 година го собираме народот и почнуваме. Еве гои Боривоје ќе ги фрли на колена и треичленото кралско намесништво на чело со кнезот Павле Караѓорѓевиќ, ама и Владата на Кралството Југославија на Цветковиќ и Мачек. Воен пуч за историјата ќе биде, бидејќи народот треба да има народна војска и полиција.
Бугарин: Овој Србинов многу нешто се вртка околу оние мои душмани. Може нему му ја таксале Македонија? Ај, небиднина. Јас ќе одам со другите, со фашистите оти ем се посилни, ем тие ќе им застанат на пат на другиве.
Русин: Каде бре Бугар, кај тргна со фашистите?
Бугарин: Остај тоа сега. Цел живот ме мафтосуваш со Македонија, уште ли да те слушам, а пак аир не видов?
Русин: Безсрамнику еден. И ден денес славиш годишнини на ден од свадба што не се одржа, а за која јас испланирав сѐ. Ама, небиднина, душмани не дадоа. Беднику еден. Та знаеш ли ти на какви маки сум се ставил Пирин да ти дадам, еј Пирин. Ќе признаеш, не е тоа мал дел од миразот.
Бугарин: Еми да, не е малку, ама не е и многу. Ене и Гркот и Србинот ми лапнаа убави парчиња од миразот и пак Македонија не е моја.
Русин: Море бугаротатар, не туку мрси мустаци да не го изгубиш и тоа што имаш.
Бугарин: Овој даде што даде и колку можеше. Туку, да си ја пробам јас среќата со овие другиве? Фашистиве како поопнати ми стојат?
Германец: Нашите силни војски напредуваат кон Југославија. Братот Бугарин ќе се бори со сите сили на наша страна, а за возврат само Македонија, ама цела ја бара. Не вака, распарталена во делови како Франкештајн.
Англичанец: Пријатели Југословени, заедно ли сме? Па не може било кој, со еден потпис да ја отпише вашата чест и независност.
Србин/Југословен: Така е, ние сериозно се подготвуваме за борба за слобода против фашизмот, рамо до рамо со вас.
Англичанец: А за возврат, што сакате?
Србин/Југословен: Малку помош, ако затреба и ако побараме. Ништо друго, само еднаквост за сите, слобода за сите, оти подобро в гроб, отколку роб.
Англичанец: (Се отвора шише шамшањ) Да наздравиме. И нашите претставници во Британското претставништво во Белград слават со шампањ. Успешниот пуч во Југославија значи отворање на нов фронт за Германецот.
Србин/Југословен: Браќа, после успехот на денешниот пуч бевме поздравени од големиот британски премиер Винстон Черчил кој нѝ порача: Југословенската нација рано утринава ја пронајде својата душа. Ура, ура, ура. (Во хор)
Македонија: Аман веќе, има ли куртул од овие крвишта? Никако народ на мира да го остават. Еве, пак ме делат и кројат. Сега Италијан и Бугарин. Пак ли? Не доста е. Еве кај е 11 октомври, да кренам глас оти рака и нога ми пресекоа, барем што можам да спасам.
Сцена втора
(Четири минутно татнење на плотуни, истрели на тенкови, пукање на пушки, лелекање, офкање)
Македонија: (цела распарталавена, со крвјосани алишта, сепак насмеана). Најпосле, најпосле слобода. Слобода, паметете ја и ценете ја сите.
Англичанец: Успеавме победивме. Маката долгогодишна вредеше. Сега седнуваме на маса, да се договриме со сватовите.
Русин: Сте се договориле и сте потпишале. Без мене. Е, пријатели крчма без крчмар не бидува. Јас најмногу дадов за оваа победа и сакам уште еднаш сите заедно да седнеме и да потпишиме еве, ноќта на 8 спроти 9 мај.
Германец: Како ќе речете така ќе правиме. Јас сум многу слаб со здравје, вие решете.
Русин: Така. Потпишано. Сега секој да се казни или награди, секому според заслугите. Фашистите да си платат за злосторствата, победниците да се наградат според можностие.
Македонија: Како едни според заслугите, други според можностите. Ако мене ми следува да бидам наградена, треба да бидам цела, а не парчосана.
Англичанец: Ама, добро не си разбрала. Ногата и раката веќе не се твои, оти така на протоко параф ставиле нашите предци. А за главата, договорете се со Србинот/ Југословенот оти со него заедно се боревте.
Србин/Југословен: Море Англичанец, што се правиш Енглез. Нели кога почнувавме задничка борба велеше „Па не може било кој, со еден потпис да ја отпише вашата чест и независност“. Македонија тоа си бара, исто што и другите.
Русин: Слушај, ај немој да таласаш. Сега е потребно единство и разбирачка. Не ми правете проблеми со она Бугарчено и остајте му го Пирин, ама ако сакате одете таму на игранка.
Англичанец: Согласен сум со братот Русин. Ниту Гркот, ниту Бугаринот не треба да ги вознемируваме.
Македонија: Ама нели се боревме за слобода, каде е моето право на слобода?
Русин/Англичанец: (во еден глас) Тоа што било заборави го, мисли на иднината. Ние сме твои најдобри пријатели и заборави дека фашисти те газеле. Добро?
Србин/Југословен: Добро Македонијо, еве јас ќе се откажам од досегашниот твој-мој дел, па може би ќе создаде прилика да бидеш цела.
Македонија: Благодарам за поддршката брате Србине, но нели борбата беше против фашистите и најоглемата казна треба да ја добијат победените фашисти? А Бугаринов, колеше, бесеше, убиваше и сега ќе остане награден со мојот Пирин?
Европа: Ајде, молам да не одиме во техникалии. Не смееме да се мешаме во одлуките на нашите предци.
Србин: Живеачка без љубов не бидува, ајде да ја оставиме Македонија да избере како ќе си ја живее живеачката.
Грк: Невидено. Ова е невидено, нели Енглез. Ова е неподносливо, некој постојано да те удира по нос од деца кои пеет македонски песни. Ова се решава веднаш и сега. Натоварете ги во товарни вагони, откорни ги од нивните домови и расфрли ги по светот, онака демократски и европски. Заедно сме во ова, нели Европеец?
Европа: Не знам дали е демократски, ама ти си демократ од лулката на демократијата, ако ти велиш дека е демократски, јас велам дека е и европски.
Русинот: Да не ми беше на грб оној Бугарин, ќе им кажев што е демократија со уништување на детски животи, туку овој недоветниов зет како ѓуле на врат ми стои.
Бугарин: Бате Русин, бате Русин. Кажи само малку бев фашист. Кажи бре, немој да им даваш да ми го земат Пирин.
Русин: Недоветен еден, ти реков навреме ама од пуст аздис и лакомштија, ме ставаш во позиција да молчам пред другиве за сите твој крвопиења. Пирин, ќе ти го оставам, ама пази, Македонија тргни ја од мислите.
Бугарин: Не бива. Јас уште ќе си го славам денот кога ми ја стокми нереализираната свадба со Македонија, иако засега ќе се задоволам само со овој дел на миразот.
Русин: Бугарин бре ти сѐ уште го сонуваш и го славиш денот на свадбата од 1878 година, а сонот за богатиот мираз ти го храни болниот ум. Болештија, што да ти речам.
Чин 5
Ликови:
– Русин, прв стројник;
– Германец, втор стројник;
– Македонија, невеста;
– Бугарин, прв зет газда;
– Грк, втор зет газда;
– Европа, загрижените роднини.
1990 – 2022
Сцена прва
Грк: (Видно возменирен се растрчува по собата). Невидено, дрско, безобразно. Онаа Македонија пак сакала да биде самостојна и независна. Што ако сега ми се вратат децата што ги спакував во вагони и ги расфрлив посветот и ми речат: Еј Грк, овде се гробовите на нашите родители од кои ти, демократу европски не оддели. Си ги сакаме назад нашите имоти? Што тогаш?
Европа: Не ѕмиздри бре, живото го помина во ѕмиздрење. Де полиња немаш, ти ги дадов најубавите македонски полиња по Вардар. Де пари немаш, се одрав праќајќи ти пари, ти пак немаш. Сега Македонија сакала да биде независна, проблем ли е да го решиме и тоа?
Бугарин: (Влегува во собата) Каква е таа будалаштина. Македонија сакала да биде самостојна, па таа е моја и ничија друга. Моја, од 1878 година. Русинот свадба му подготви.
Европа: Доста бре со тој Русин, не гледаш дека само те користи за негови политики. Елај си ти при мене, да видиш што е вистинска целувка и мајчинска прегратка.
Македонија: Најпосле, најпосле, По толку векови го дочекав и 8 септември 1991 година. Јас, самостојна и независна. Со мое знаме, име, народ, јазик, заштитена со мојата историја. Го дочекав и овој ден. Се радувам, од срце се радувам. Ама и стравувам. Страв ме фаќа од лешинари, пак да не ми се намерачат.
Бугарин: Што, кој, како, зошто дозволивме Македонија самостојна и независна да стане?
Грк: Европо мори, кај си? Оваа Македонија го преметнала знамето со симболот од македонската династија.
Европа: Де, Македонијо, имај троа усул. На што личи да ми го потресуваш милово ми Грче, милениче? Ај, фрли тоа шеснаесеткарако сонце од црвената позадина и да немам повеќе главоболки.
Грк: Благодарам мајчице, благодарам Ама има уште една мака. Што ако оваа независна Македонија си ги побара коските на предците, врз кои јас со години преорувам една да не остане. Јас сакам Македонија да се викам.
Европа: Море Грче, не претерувај. Или, ако подобро размислам не ти е лоша идејата. Она Бугарчено што липта, плаче по Македонија ќе го набуцкам да ја малтретира за едно, ти за друго и белкум тогаш ќе ја скршиме.
Бугарин: Мерси мајко Европо, што така размислуваш. Па јас, цела си ја сакам, ама ај на Гркот делот не му го барам. Оти нам, братски деловите од миразот уште од 1913 година ни се дадени. Греота е да се жалиме. Ама, си велам, Гркот бара и знаме и име да сменела Македонија. И така, ќе лаже Гркот некоја година дека таа е Македонија и празноглави ќе разберат дека Александар Македонски бил нејзин. Ами јас, оти си лажам 70 години, да си полажам некоја година дека Гоце Делчив бил Бугарин, а јас не сум Татар? Може, мајчичко Европо?
Русин: Аздисавте бре, европски и белосветски демократи. Ама, уште не ви е дојден денот за освестување.
Европа: Кој е овој Русин неме да ми кажува, не ми бил дојден денот. Ајде ти Македонијо, да си го смениш името оти моево милениче добива пролив од нервози. А тоа не смеам да го дозволам.
Македонија: Не, тоа веќе е претерано. Ако не добив слободни рака и нога откако заедно ги победивме фашистите и нацистите, ова е премногу.
Европа: Те молам, Грк, како демократ од светско реноме, прочепкај во македонското ковчеже и најди некое предавничко семе, да го засееме. Штом ќе изникне, ете ни го решението на горделивата Македонија. Како лилјан околу врат ќе ѝ го намоткаме и ќе попушти. Со нејзино семе ќе ја удавиме.
Бугарин: А јас, јас, јас мамичко Европо? Јас да побарам во некое ковчеже семе кај оние македонски робови што името не смеат да си го кажат? Имам и јас такво нешто?
Европа: Може, ама да не биде исто како на Гркот. Слично, може.
Македонија: Зарем е можно со свилен гајтан да ме давите? Знам дека не сакате да постојам. Зам дека на светот премногу сум мударила, а со тие дарови вие сакате да се перчите. Да, сум дала и сте краделе и недадено. Кому сте смениле име, клети да сте, клетници да ве колнат? Ме прекрстувавте и во турско и во каурско, ме делевте, ме парчевте. Ништо не ви стасува? А вие, израснати од клетото семе македонско, вие. Не сте ни први, ни последни. Ама, ќе бидете запишани од прв до последен.
Грк: Благодарам до века, мајко Европо, та сега и оној што Демостен велеше дека е варварин, го погрчив. Сега е наш Александар Македонски, а лагата што имаше кратки нозе сега има крилја.
Европа: Ти, само терај. Сега ќе имам мака со она распекмезено Бугарче. Одма ќе скокне, ти Гркот повеќе го сакаш.
Бугарин: Докажи дека сме ти исто мили. И јас сакам лижалче за залашка. Го сакам Кирил, Методиј, Наум, Климент, го сакам Самоил, го сакам Гоце, го сакам Даме, го сакам Јане, го сакам…
Европа: Еј, еј, полека. Гркот бараше само една лага да голтнам. Ама таа одамна моите предци ја измислиле, па не е чесно да ја отфрлам јас. Ти, ти забега. Дали ти навреме го посеа семето продавачко од ковчежето македонско, што рече дека го имаш? И патем, многу бре сакаш. Кога почна да набројуваш си реков еј, овој се залета од среден век до наш век.
Бугарина: Де мајко Европо, па за Гркон крвта ѝ ја испивте на Македонија, сега јас саде уште соковите да ѝ ги шмукнам. Оти толку остана. И патем, ај да го избришиме она дека сум бил фашист и Татар. Не личи на некој од друштво демократско и европско, Македонија да се сеќава како на крвник и наследник на Аспарух.
Европа: Што ќе посакаш, тоа ќе добиеш. Затоа постојат мајки, чедо мое бугарско НЕтатарско и НЕфашистичко. Туку, дај да исплетиме гајтан од лилјанот од семето што го посеа и „сичко ште б‘де на ред“.
Македонија: Драга публико, претставата не завршува овде. Мојата голгота со зетовци и „загрижени“, денес е поцрна од било кога. Но, главата горе. Само оние кои немат свое, се тепаат за она што е мое. Ја живеам, ќе преживеам. Со сите вас.
(Во текот на целата претстава во позадина се слуша песната: „Бисер Балкански“ и „Едно име имаме“).
Македонски весник Илинден – Makedonski vesnik Ilinden