Колумна на Проф. д-р Катерина Тодороска : Портокаловото е новото црно

Пред извесно време ѕирнав една епизода од серијата „Orange is the New Black“ (Портокаловото е новото црно). Во серијата се зборува за случувањата во еден женски затвор, со минимално обезбедување, каде се случуваат подметнувања, манипулации, изживувања и семожни беззаконија.

Денес јас ја доживувам сопствената држава како затвор од ист тип во кој се случуваат подметнувања, манипулации, изживувања и семожни беззаконија.

Оние што седат во фотелји и кои дебело се нафатирани за да ги решаваат проблемите на граѓаните, излегуваат со мудрости од типот, фрли коска и уживај во гледката од нејзиното глодање, А фотелјашите, не само што се некадарни за работата на која се нафатиле, туку катадневно нѐ малтретираат со некакви „проекти“ од типот „изум на топла вода“. Често сакав да вриснам: “Оставете нѐ на мир, барем 24 часа“.

Денес, што би рекла Билјана Ванковска „додека ја читате оваа колумна, во ‘нашето‘ Собрание по скратена постапка ќе се промени половина законодавство: се менуваат законите за земјоделско земјиште, експропријација, заштита на културното наследство, урбанистичко планирање, минерални суровини, работни односи, законите за шумите и за градење, па дури и законот со кој „Бехтел и Енка“ си доби зделка без тендер. Ова навистина го нема ни во протекторати, ние сме го усовршиле овој феномен до степен на уникатност“. (https://novamakedonija.com.mk/mislenja/kolumni/polosho-od-protektorat).

Не е срам да кажам дека не се разбирам и нема да ги коментирам промените во законите од земјоделието, минералите, шумите…, но се разбирам од тоа колку значи археолошкото богатство на секоја држава, како и колкава е вредноста на нешто што значи национално бесцение. Врз темелите на тоа богатство лежат ѕидовите на нашиот дом –држава, а тие ѕидишта го крепат нашиот ПОКРИВ, не оној ваш КРОВ, туку нашиот ПОКРИВ.

И секако, на очи залепени со мед, нашиот дом не им е во видното поле, па затоа и археолозите решија да апелираат „за свест и совест до пратениците во Собранието на Македонија, до Владата, и целокупната јавност, да ја разбудат својата свест и совест и да спречат усвојување на измени во Законот за заштита на културното наследство со кои бескрупулозно и свесно се уништува културно наследство со катастрофални последици, во име на ‘поголем јавен интерес‘, зад кој всушност се крие профитерска зделка од огромни размери.

Со дрскиот и нетранспарентен предлог за дополнување на членот 65 од Законот за заштита на културното наследство, од страна на група пратеници во Собранието на Македонија по скратена постапка, се озаконува неповратно уништување на културно наследство под закрила на државата“. (Соопштение од Македонското археолошко друштво во врска со Предлог-дополнувањето на Законот за заштита на културното наследство).

Тоа се најповиканите лица кои ќе ви ја објаснуват Археолошката карта на Македонија, онаа која заради вашите „проекти“ си ја чкртате со фломастери. А потоа, заради реализирање на вашите „законски проекти“, неказнето ќе ги преорате нашите темели, за да ги уништите ѕидиштата на нашиот дом и да го урнисате нашиот покрив. На тој начин, ќе докажете дека овде, во овој уникатен протекторат портокаловото може да биде новото црно.

Токму поради таквите „проекти“, преплатени со парите на народот, јавно сум прашувала: Дали народов во Македонија има праг на издржливост? Чинам, го грешев прашањето. Секојдневието требаше да ми биде доволен показател за да го осознаам одговорот, ама ај, си велев, белким има некое заспано жарче во секој од нас, што некогаш ќе се разгори. Ако не заради себе, ако не заради сопствениот дом наречен држава, тогаш заради сопствените потомци. Жарче кое треба да ги изгори оние кои го уриваат нашиот дом. Го нема, не тлее, не чади.

Од досега покажаното, се прашувам, какви предци ќе имаат нашите потомци или какви потомци сме ние на нашите предци?

И во двата случаја одговорот би бил ист: Невредни за спомнување.